1020 hPa
93 %
8 °C
Скопје - Пон, 14.10.2024 05:59
Ангела Јовановиќ, Бранислав Лечиќ
Во 2021 година актерката Данијела Штајнфелд го обвини актерот Бранислав Лечиќ дека ја силувал во мај 2012 година. Тоа беше еден од низата случаи на актерки кои обвинуваат за сексуално вознемирување. Најпознат процес, кој сè уште трае, е оној на Милена Радуловиќ против нејзиниот поранешен учител по глума, Мирослав Алексиќ, кој му претходеше на обвинението на Данијела.
Бранислав Лечиќ беше ослободен, а три години подоцна повторно е на суд. Овојпат е во улога на обвинувач, а обвинета е актерката Анѓела Јовановиќ. Не, Лечиќ не ја тужи Анѓела зашто бил силуван, туку за повреда на угледот и честа и бара 300.000 динари, што е околу 2.700 евра. Анѓела Јовановиќ, тврди Лечиќ, му ги повредила угледот и честа откако одбила да игра во серија заедно со него поради, како што изјавила, „непријатно искуство од минатото“, кога требало заедно да настапат во серијата „Радио Милева“, во која Лечиќ требало да игра епизодна улога на човек лажно обвинет за злоупотреба. Анѓела во интервју за Блиц појасни: „Ниту сега, ниту во иднина не сакам да бидам во ист кадар со тој човек, и поради тоа што го поминав, но и начелно, заради она за што го обвинуваа моите колешки."
Лечиќ не се појави на првото рочиште, но Анѓела беше придружувана од бројни актерки и актери, меѓу кои и Милена Радуловиќ и Мирјана Карановиќ. Поддршка доби и од Данијела Штајнфелд, како и од Мерима Исаковиќ, поранешна актерка која исто така го обвини Лечиќ за силување. Самиот Лечиќ се бранеше од новото обвинение во режимските таблоиди, обвинувајќи ги актерките дека го демонизираат, за што била виновна првенствено Данијела Штејнфелд. А за откажувањето на улогата рече: „Ова е прв пат некој да ми го ускрати правото на работа. Дали е можно некому да му се ускрати работа? Па, така Хитлер им правеше на Евреите за време на војната“. За сè го обвини Западот, тврдејќи дека се ја промовираат ЛГБТ популацијата, дека целта е да се уништи традиционалното српско семејство и да се промовира посвојување деца.
Александра Малишиќ, од Феминистичкиот културен центар БЕФЕМ, истакнува дека одбраната на Лечиќ е всушност испробана и успешна измама со измислување наративи за невидливи непријатели со цел да се оттргне вниманието од вистинските проблеми и одговорности бидејќи, како што вели таа, секогаш кога има криза најлесно е да се удри од жените и другите маргинализирани групи.
Лечиќ на многумина им е познат и како чест говорник на митинзите на опозицијата - од времето на Милошевиќ до времето на Вучиќ. По ослободителната пресуда за Данијела Штајнфелд, Лечиќ стана добредојден гостин во владините таблоиди, што го забележува и нашата соговорничка, посочувајќи дека станува правило дека тој што сака да го избегне законот во Србија мора за возврат да застане на страната на владејачката партија и, ако е потребно, да ја игра улогата на ТВ лудак. Она што таа особено го нагласува е дека насилници и насилнички постојат и во власта и во опозицијата, како и дека и двата табора се слепи на овој факт сè додека насилникот е во нивниот круг.
Александра Малишиќ (Феминистички културен центар Бефем)
- Во такви околности, кога интересот на жените е на последно место, на жртвите не им е важно на кои телевизии се појавуваат нивните насилници. Како општество, сè уште не сме подготвени да ги осудуваме насилниците, најчесто од разни интереси, како што не сме подготвени да застанеме на страна на жртвата ако тоа има цена. Декларативната јавна поддршка најмногу зависи од социо-економската положба на жртвата, а за жал жените жртви на насилство сè уште се главно сами - вели Малишиќ.
Анѓела, како што споменавме, ја има поддршката од своите колечки, а Малишиќ го апострофира здружувањето како единствен начин жените да се изборат за своите права.
- Тешко е да се биде насмеан, со оглед на околностите во кои живеат жените, но верувам дека оваа женска сила и заедништво ќе донесат промени на подобро во нашето општество, како што тоа го правеле многу пати во историјата. Од друга страна, забележливо е дека Лечиќ ужива поддршка, слободно се движи и работи, а истото важи и за Алексиќ, кому притворот му беше укинат набргу по подигнувањето на обвинението, па има време да ги тужи сите по ред, токму за нарушување на честа и угледот - потсетува нашата соговорничка.
Углед и чест? Тоа се одамна осакатени термини во чие име се тужени новинари, медиуми и поединци како Анѓела Јовановиќ. Малишиќ смета дека живееме во скршено општество во кое зборовите се испразнети од значење и дозволено е да се напишат на кој било начин; затоа „најголемите никаквци се повикуваат на својот углед, користејќи ги механизмите за правна заштита како механизми за замолчување“.
- Во толку первертиран поредок зборовите и делувањето веќе немаат смисла, а ние немаме согласност за тоа кои вредности се пожелни. Тоа ги прави луѓето апатични и безнадежни. Да бевме во други времиња, не толку дамнешни, кога разбиравме што значат угледот и честа, сигурна сум дека немаше толку да молчиме пред неправдата, а насилниците немаше да ни се обраќаат од националните фреквенции - заклучува Александра Малишиќ.
Извор за текстот: Portal Novosti