1023 hPa
100 %
7 °C
Скопје - Чет, 05.12.2024 22:59
Како дел од кампањата „Читаме современи македонски автори” во Градската библиотека „Браќа Миладиновци” во Скопје вечерва во 19 часот ќе се одржи разговор со Живко Грозданоски, автор на книгата на месецот „Писмо за Глорија”. Со Грозданоски ќе разговара книжевната критичарка Александра Јуруковска, а фрагменти од делото ќе чита актерот Андреј Серафимовски.
Во „Писмо за Глорија” процесот на пишување е еден вид терапија, па книгата отвора важни прашања и за себеприфаќањето.
„Овој роман е еклатантен пример за тоа како (авто)фикцијата може да биде книга за себеосознавање, себесоочување и самопомош преку клучот и лавиринтите што тој ни го отвора низ бескрајните предели на убавата литература”, вели Фросина Пармаковска во освртот кон романот.
Живко Грозданоски е роден во 1986 година во Кичево. Основно училиште завршил во Бигор Доленци и во Кичево, средно во Скопје. Дипломирал на Катедрата по италијански јазик и книжевност. Пишува проза и книжевност за деца. Неговите кратки раскази се преведени на десетина јазици, а неговите романи се преведени на бугарски („Куфер за тројца”, „Или-или”, 2014) и на италијански („Последното име на иднината”, „Антолог“, 2018). Преведува и препејува од и на италијански јазик.