1022 hPa
100 %
6 °C
Скопје - Чет, 05.12.2024 11:59
Делото „Денот на црвот“ од авторката Симона Јовановска ја доби наградата „Роман на годината“, која што ја доделува Фондацијата „Славко Јаневски“. Романот е издаден во 2021 година од страна на издавачката куќа „Или-или“, во едицијата „ПроАза“.
Симона Јованоска е родена во 1985 година, во Гостивар. Во родниот град завршила средно економско училиште, а потоа Економски факултет во Скопје, отсек маркетинг. Во 2015 година ја објавува дебитантската книга раскази „Ги најдов во длабокото“, во издание на „Или-или“. Во 2021 го издава својот прв роман, „Денот на црвот“.
По повод промоцијата на романот која се одржа на 17 јуни во Младинскиот културен центар, авторката и универзитетска професорка Калина Малеска напиша дека романот е вешто напишан, со суптилен хумор и умешно поврзување на настаните и лајтмотивите.
„Овој роман, низ различни перспективи, проникливо ги истражува околностите, животните искуства и личната несигурност како мотиви зад постапките на многубројните впечатливи и реалистични ликови“, напиша тогаш Малеска.
За наградата „Роман на годината“ во најтесниот круг оваа година влегоа четири романи и тоа Денот на црвот“ од Симона Јованоска (Или-или), „Ноќите кога заспивавме во Помпеја“ од Давор Стојановски (Или-или), „Деса“ од Ивана Трајаноска (Арс Либрис) и „Ден за одмазда“ од Ивица Челиковиќ (Паблишер).
Оваа година за наградата се натпреваруваа 39 романи.
За победничкиот роман одлучуваше жири-комисијата во состав Владимир Јанковски, Катица Гароска Ацевска, Ермис Лафазановски, Лилјана Пандева и Катерина Богоева
Наградата се состои од плакета, оригинална статуетка и паричен износ од 150.000 денари.
Овде прочитајте ја книжевната критика за „Денот на црвот“, објавена на Окно.