1025 hPa
77 %
14 °C
Скопје - Сре, 16.10.2024 08:59
„Окно“ во соработка со Фондацијата „Славко Јаневски“ и оваа година објавува фрагменти од делата кои беа во конкуренција за наградата Роман на годината за 2022 година. Денес објавуваме извадоци од уште два романи. Претходните извадоци прочитајте ги овде.
„Девојчето со седа коса“, Магдалена Елмазовска, „Збор“
Животот пишува и бриши, тој дава и само тој зема. И кога на двајца млади од по осумнаесет години, со помош на нивниот занес наречен безвременска љубов, ќе им се причини дека заедно можат да му врзат шамар... Дури тогаш ќе сфатат што значи вистински проблем. Проблем со триста потпроблеми за кои не ќе се најде ниту едно привидно решение...
Двајца млади, недораснати и незрели, полни со себе и само од себе, ќе започнат љубовна врска и покрај настојувањата и убедувањата како е тоа погрешно, и покрај страдањето и молбата, и покрај сите можни преколнувања и заколнувања, одвраќања и одрекувања... За кратко, Таа ќе стане центар на универзумот за Него, а нејзе ќе ѝ се чини дека Тој ќе биде спасот за Неа.
Навраќајќи се наназад, за поблизу да се навлезе, всушност во сржта да се продре, за волја на вистината тежок и трнлив пат имаа да изодат и двајцата млади како деца, не им беше сѐ мед и млеко. Затоа тие така летаа сега - оти младост е тоа, мислат таа ќе им прости. Би можело да се каже дека младичот во голема мера по судбина имаше понесреќно детство во споредба со младата странка којашто во најголема мера сама си ја скрои сопствената животна патека.
Велам судбински затоа што момчето беше сирак по татко уште од тримесечна возраст, а животот не го поштеди од сиромаштијата ниту подоцна. Порасна оскудно, сиромашно, во борба од денес за утре, заедно со своите постари сестра и брат. Ги израсна мајка им која никогаш не се премажи. Не побара утеха под ничиј покрив и во ничие закрило. Таа велеше: „Каменот дури не почнал да се тркала – после, ја ќе најди место да застане, ја нема“, сакајќи да каже дека судбината веќе си поигра со неа и со нејзините деца, а згора на тоа и со свекорот и свекрвата на нејзиното рамо за догледба, па не би сакала да ризикува уште еднаш да биде изиграна. Иако млада, на свои дваесет и девет години го почувствува животот како што некои не би можеле да си го замислат никогаш.
Како што може судбината да му го промени животот на едно сираче на лошо, не можат ниту три џекпот лотарии да му го поправат на добро. Самата среќа не го сака детето со тоа што му го одзема родителот. А, ние бараме подоцна животот да му биде наклонет?
Па може ли птицата да живее нормално без едното крило? Зарем нема мачорот одма да ја фати?
Ех, тој мачорот какви ластовици фаќа во лет, па замисли што е за него сервираната немоќ.
Зарем може јагнето само в планина без овчарот? Нема ли волкот да го начека и да го распарчи?
Ех, тој волкот, во какви стада нурнува и какви овни кутнува... Замисли што е за него едно јагне кревко, изгубено.
И зарем може детето незаштитено, со едно крило скршено и веќе од чуварот напуштено... зарем може детето да биде цел човек повторно ако животот еднаш му ја одзел половината?
Како може душата на сиракот да се опорави и да биде силна, ако во својата суштина ја носи тежината за себе и за целата флота. Оти те учи животот, те учи четникот дури и тогаш кога не ти е до учење, дури и тогаш кога ич не си за да научиш. Држи тој лекции и пракса на свој зафркнат начин: дава, па зема, истура, па собира, поболува, па лекува... и сѐ така до недоглед како што само нему му одговара.
Живот – судбина, два тесно поврзани соработници на кои никој ништо не им може.
„Татко ми, Босфор“, Јован Илиески, „Антолог“
Истанбул, 2023
Камила Џалал
Небаре е должен да го прави тоа, до мене лежи Јаман и мојата дланка поминува по неговото мало тело веќе пет минути и тоа што следува во следните пет минути е гризење на моите прсти за да престанам да го тимарам. Со другата дланка си го држам телефонот и со поглед се движам низ утринските вести, кои повеќето се вртат околу тие жртви и ужасот што го надвјаса Истанбул. Она на коешто можев да се сетам во сегашниов миг беа неколку зборови на Калид Рахим кои ми ги кажа околу мојот избор и стравот, а како тоа јас бев толку одлучна.
Како да не бидам одлучна? Всушност, и почнав со работа како агент само поради смртта на мојот сопруг и гневот да дознаам што се случи навистина со него. Ја чувствував потребата јас да го завршам тоа како моја животна задача, а настрана тоа што го потиснував во форма на прашање – што би правела јас, доколку не би го работела ова?
Можеби сепак – смртта на мојот сопруг ми донесе некаков бенефит и место во општеството, колку и да е морничаво ова што си го помислив.
Пред да го турнам телефонот во постелата и намерно да го лизнам од дланката, погледот ми замина во рамката која стоеше на наткасната веднаш од спротивната страна на креветот. Имавме врамено фотографија од нас двајца, кога нѐ сликаше еден негов пријател, чие име не му го паметам, но знам дека работеше како електроинженер.Нѐ фотографираше на отворањето на еден трговски центар во Ушкудар и на сликата сме насмеани, а тој е повеќе од мене.
И тоа е поради фактот што навистина со текот на времето Аким се вљуби во мене.
Проклетство!
(Инаку, тогаш, на отворањето на трговскиот носев хиџаб и, за волја на вистината, не очекував таков потег од Аким, кога ми го тргна превезот од лицето за да ја направиме оваа фотографија.) Кога го помислувам ова, умот ми се преселува на Сабахатин и на тоа што веќе некое време се случува во мојата глава. Секако дека не би му признала, а и што да му признаам?
Јас не препознавам во себе никакви чувства и таква наклонетост кон мојот колега од работа со кој години работам, никако не сум вљубена во него и навистина не ми заигрува ништо во срцето кога ќе го видам.
И станувам за ова свесна баш сега, оти никогаш претходно и не сум го разговарала тоа со себе. Не сакам да си признам дека неколку години веќе, некогаш знам да мастурбирам дома со помислата на него. Го замислувам како ги потпира рацете на моите колена и се спушта надолу, а јас му ја држам главата и само така доживувам оргазам.
За волја на вистината, особено откако почина Аким, јас немам потреба да имам односи со кого било, а ниту знам дали некој ми се допаѓа, барем не - свесно. Го потиснувам тоа, а потоа кога ќе биде неизбежно, фигури од моето секојдневие ги користам како алатки за мојата фантазија за да дојдам до оргазам и да си ја исполнам таа потреба.
Дали е грев, не сметам оти е грев. Сабахатин е човек самец, нема жена и колку што можам да си признаам, можеби повеќе гледам возбуда во него додека тој гледа во мене, отколку јас самата што не чувствувам ништо, а потоа дома...