„Вилинско коњче“ од Илина Јовановиќ - Јаковчевска и „Смртта нe е крај“ од Владо Јаневски (извадоци од романите)

30.03.2023 10:45
„Вилинско коњче“ од Илина Јовановиќ - Јаковчевска и „Смртта нe е крај“ од Владо Јаневски (извадоци од романите)

„Окно“ во соработка со Фондацијата „Славко Јаневски“ и оваа година објавува фрагменти од делата кои беа во конкуренција за наградата Роман на годината за 2022 година. Денес објавуваме извадоци од уште два романи. Претходните извадоци прочитајте ги овде.

„Смртта не е крај“, Владо Јаневски, „Арс Либрис“

Во принцип, Фуриозо не размислуваше особено за она што го сторил во текот на изминатите години. Еден ден се случи и тоа. Тогаш си помисли дека времето му поминало многу брзо – како вчера да беше кога заврши средно и почна да му помага во бизнисот на татко си Шикамото.Се сети на првиот ден и првите неколку часови додека се досадуваше во канцеларијата.Ако не се случеше да заминат на терен, сигурно уште другиот ден ќе одлучеше да се занимава со нешто друго или едноставно ќе решеше да се изгуби некаде. Одењето на терен со татко му значеше запознавање со нешто што не го остави рамнодушен – убивање за пари.Тоа беше лекција што нема да ја заборави до крајот на животот.
„Секој не може да го прави ова. Дали ме разбираш?“ му рече татко му додека одеа да суредат некојси адвокат. Нарачката беше од пријател на адвокатот кој дознал дека адвокатот има афера со жена му. Сакаше со еден удар и со мала доплата да биде суредена и жена му.Шикамото му рече дека за секое убиство се плаќа полна цена и тука нема место за мала доплата или попуст.
Адвокатот живееше на другиот крај од градот. Дотаму имаше подолго возење.За тоа време Шикамото се погрижи да му објасни на синот дека не може секој да биде платен убиец.
„За оваа работа треба да се има дарба и нешто самурајско во себе, ме разбираш?“ заврши кога се паркираа во близина на местото каде што живееше адвокатот.
Фуриозо кимна потврдно. Внимателно го слушаше секој збор. Си замислуваше дека е самурај.
„Што е смислата на животот?“ ненадејно го праша татко му.
Фуриозо беше целосно неспремен за вакво прашање.
„Не знаеш? Ете. Знаеш само да сонуваш со отворени очи, нели?“
Фуриозо пак кимна потврдно, љубопитно гледајќи го татко си.
„Не знам ни јас“, продолжи Шикамото.
„Што не знаеш?“ праша Фуриозо.
„Како што? Па, смислата на животот. За тоа те прашував“.
„А, тоа, да. Не знам“, реков.
„Не рече, само кимна потврдно дека не знаеш.Те гледав. Има разлика“, нагласи татко му.
Фуриозо наведна глава.
„Добро де. Нема сега да те фаќам на техникалии“, му рече татко му. „Та си рекол, та не си рекол. Важно е дека не знаеш. Не знам ни јас, ете. Ме разбираш?“
Шикамото не изгледаше дека е особено вознемирен од она што наскоро требаше да следува. Фуриозо забележа дека и тој самиот беше смирен, меѓутоа за малку ќе паднеше. Се сопна од нерамниот плочник. Не гледаше каде оди додека слепо го следеше секое движење на татко му.Се стаписа кога овој од пазувата извади пиштол и придушувач.
„А знаеш ли зошто не знам?“ го праша татко му откако го пречека во раце и го спречи младиот Фуриозо да не падне на нос за време на неговата прва задача како платен убиец.
„Зошто?“ праша Фуриозо.
„Затоа што животот нема смисла. Ете затоа. Ајде сега земи го пиштолов. Внимавај што правиш. Животот треба ние самите да си го осмислиме.Самите да го пронајдеме тоа, смислата, де. А, како?“
„Како?“
„Со многу работа и со љубов.“

 

„Вилинско коњче“, Илина Јовановиќ Јаковчевска, „Збор“

март 2000 година

Два дена пред мојот седумнаесетти роденден седевме со Јегор во собата на бебињата. Знаевме дека секој момент оваа тишина во собата ќе биде заменета со бебешки звуци.
-Ајде Клеа, денес ќе одиме во болницата каде што ќе се пораѓаш.Треба да се пријавиме и да направат уште некои испитувања!
Јегор беше многу одговорен, јас и заборавив дека денес ќе одиме да ја видиме болницата.За среќа не беше далеку, за помалку од десетина минути стигнавме на паркиралиштето.
Јегор како и секогаш дојде да ми помогне да излезам од автомобилот. Беше нежен и возбуден.Јас веќе чувствував некое сечење во стомакот. Секој чекор ми беше напорен.Јегор ме држеше цврсто за раката и се упативме кон породувалиштето.
Пред една голема стаклена врата требаше да заѕвониме.Додека чекавме да отворат,зад нас се појави една докторка.
- Добар ден, вие мора да сте Клеа Војчиќ – нѐ поздрави со милозвучен глас.Ме погледна со нејзините радосни очи. Како таа повеќе да се радуваше од мене.Така и беше, јас бев само исплашена и изгубена. Немаше ни трошка радост во мене.
- Да, добар ден, јас сум Клеа!
- Здраво, јас сум докторка Шмитц!- ми пружи рака и ме погали по стомакот.
- Повелете, влезете со мене, не можете со олкав стомак да чекате пред врата – се поднасмевна и ни даде предност.
Веднаш се појавија и неколку сестри, сите имаа смирен глас и мили очи. Дури и движењата на рацете кога нешто објаснуваа, им беа нежни и бавни.
Докторката Шмитц им рече дека таа ќе преземе да ми покаже сѐ, а потоа ќе сака да ги види и бебињата.
- Клеа, ќе ви ги покажам најпрво собите за природно породување. Ќе почнеме од првата соба!
Тргнавме со неа да разгледуваме.
Беше како во некој хотел. Сѐ беше чисто и мирисаше убаво. Во една соба имаше и мирисливи стапчиња како ароматерапија за опуштање. Во некои имаше големи кади за породување во вода, а исто така можеше да се вклучи и омилената музика или омиленото светло. Во секоја соба имаше закачено и јаже, а докторката ни објасни дека можам и во стоење да се породам држејќи се за јажето како лулашка.
Од помислата да стојам и да се пораѓам ми стана лошо. Почна да ми се гади и од кадата со вода.
Јегор забележа дека не ми е добро и ме гушна.
- Клеа, јас ќе бидам исто со тебе, не грижи се.
Секако, слободно можеше и Јегор да присуствува на породувањето. Дури да беше и царски рез, таткото имаше право да присуствува на породувањето.
Докторката исто така забележа дека почнав да се потам.
- Ајде Клеа, да видиме како се бебињата. Ќе направиме неколку испитувања и ќе ви извадам крв.
Влеговме во ординацијата и се трудев да седнам на столицата да направи ехо. Само што направив еден чекор, збележав дека нешто капе од моите пантолони и веќе се гледаше вирче на подот. Засрамено ја погледнав д-р Шмитц.
- Аххх Клеа, нема одење дома.
- Ама што ми се случува, од каде оваа течност?
- Тоа е знакот дека ќе останеш тука Клеа. Време е за породување. Но сепак седни да видиме каква е состојбата.Толку време имаме додека да решат да излегуваат.

ОкоБоли главаВицФото