„Невообичаен Велигден“ и „Луѓето, а не градот“ (извадоци од романите)

02.03.2023 11:24
„Невообичаен Велигден“ и „Луѓето, а не градот“ (извадоци од романите)

„Окно“ во соработка со Фондацијата „Славко Јаневски“ и оваа година објавува фрагменти од делата кои беа во конкуренција за наградата Роман на годината за 2022 година. Денес објавуваме извадоци од уште два романи. Претходните извадоци прочитајте ги овде.

„Невообичаен Велигден“, Емилија Златкова - Анастасова, „Збор“

 - Срцето ѝ застана за момент. Ја реанимиравме и се врати. Ги ставивме лековите во инфузијата што ни кажавте по телефон додека доаѓавте и сега изгледа стабилно. Но, не знам дали ќе ја издржи операцијата која треба утре повторно да ја имаме, - објасни докторот.

- Добро. Ќе видиме како ќе реагира денес. Се надевам дека лековите ќе делуваат. Мораме да ја направиме оваа операција, Бог нека ни помогне, - рече Емил.

Емил влезе во собата кај девојката и повторно седна на столчето до неа. Ја зеде нежно нејзината рака во својата.

- Те молам да не се откажуваш. Немој... Немој сега да ми заминеш, кога конечно те најдов, - една солза му капна врз нејзината рака.

- Господе, зар ќе ми ја земеш веднаш, откако ми дозволи да ја запознаам? Јас те познавам, ти си добар Бог. Еве ги моите раце употреби ги за да направиш што треба, што може да се направи преку овие раце за да ја спасиме. Но, Господе, има нешта кои само Ти можеш да ги направиш - допри ја и обнови го секој нерв, обнови го целото нејзино тело.

***

Во саботата, Емил ја изврши планираната операција на девојката. Тоа беше тешка операција што траеше неколку часа, но беше успешна.

Емил беше многу уморен по операцијата.Помина покрај приемниот оддел и се упати кон лифтот. Само што стисна за да го повика лифтот, слушна глас зад него кој викна:

- Маријан!

Без да се сврти, знаеше кој го вика, го позна тој глас, но и само една личност сѐ уште по навика го ословуваше со името Маријан.Иако ги задржа двете имиња – даденото од раѓање, Емил, но и применото во селото, Маријан, сепак скоро сите го именуваа со Емил.

Се сврте и го виде, висок младич како него само не со руса, туку со црна коса и на иста возраст како него. Висок и крупен симпатичен маж. Носеше фармерки и карирана кошула.

- Брате, - викна Емил.

- Брате, - рече и се прегрнаа двајцата мажи.

- Што правиш овде, Бошко? Знам дека наскоро ќе имаш свадба, ми кажа пред десетина дена. Но, не издржа и дојде да го видиш брат ти? – се насмеа Емил.

Да, време е за средби со луѓе од минатото. Време е да видиме каде се луѓето од детството на Емил. Да, ова беше Бошко, момчето кое го спаси Емил од планината, кое го научи на основни човечки навики, го научи да зборува, да чита. Момчето кое му даде дом и семејство. Момчето кое му го даде името Маријан. Емил и Бошко беа во контакт постојано и се гледаа и дружеа цел живот како да беа браќа. Само што, пред неколку години, Бошко замина во Германија да студира електроинженерство и потоа остана да работи таму во некоја голема компанија.Пред извесен период му се јави на Емил и му кажа дека ја запознал жената со која сака да се ожени, Македонка која исто така живеела и работела во Германија како графички дизајнер. А пред десетина дена му кажа дека ја закажале свадбата, па дека наскоро ќе се вратат во Македонија.

- Слушнавме дека имате пациент на кого не му го знаете идентитетот, - рече Бошко и се сврте кон жената која стоеше на рецепцијата додека се поздравуваа Емил и Бошко, но сега им се беше приближила и Емил ја здогледа и пребледе, му се сврте и мислеше дека ќе падне.

Бошко забележа дека нешто не е во ред со Емил и рече:

- Маријан, што се случува?Добро ли си?

А Емил не ги тргаше очите од жената и прошепоти:

- Татјана?

- Ова е мојата вереница, Тања, - рече Бошко.


„Луѓето, а не градот“, Снежана Младеновска Анѓелков, Или Или

 Ми рековте дека сакате да отворите Музеј на сеќавања и тоа многу ме заинтригира. Како ви падна на памет таа идеја? Мора да си имате своја причина заради која се зафаќате со ваква работа, но зошто, живи Бога?! Кому би му требало тоа и што ќе промени? Мислам, да не ме сфатите погрешно, мене ми се допаѓа идејата! Но, нели гледате дека денешниве немаат интерес за ништо човечно! Само гледаат каде има пари за лапање! Не ме зачудува тоа што градските власти не го дочекале со возбуда вашиот предлог за зачувување на сеќавањата на старите скопјани, и ако навистина сте им кажале дека Скопје ќе го снема под неконтролираното градење објекти што го задушуваат градот, и напливот на малограѓанштина, тогаш треба да ви биде јасно зошто проектот ви е одбиен!Велите дека луѓето го обликуваат градот:во тој случај можеме само да констатираме дека некои навистина чудни луѓе дојдоа во него.

Но, јас сакам да ве поддржам!Ајде да си ја тераме ние нашата работа. Меѓу првите ли сум? Прв сум? Одлично!Се радувам што ќе ја започнете својата, така да кажам, работна задача со моите сеќавања, оти малкумина од мојата генерација се сѐ уште живи. Се надевам дека ќе ви биде интересно, оти ве гледам дека сте поприлично млада. Обично со историја се занимаваат стари луѓе, извинете доколку ве навредив со оваа констатација, но не мислам ништо лошо со тоа. Напротив! Можам да кажам дека дури малку и се израдував што сте млада, оти на овие години ретко кој нѐ погледнува нас старите, а камо ли да нѐ праша нешто, било мислење или совет.

Е, вака сега. Потекнувам од Кури Маало, односно Куру Махајле, што на турски јазик значи суво маало. Но беше толку водено пред околу седумдесет години, што при дожд се создаваа цели реки што течеа надолу по калдрмата. Татко ми беше, да не излезе дека се фалам, ама многу способен, агилен човек; тој работеше на трошарина. Сѐ што ќе се внесеше во градот, мораше да биде оданочено. Ни носеше по нешто и на нас децата дома да пробаме од она што стигнуваше: грст цреши, некоја лубеница... Може да се каже дека малку како попски деца изгледавме отстрана. А не бевме малку! Бевме седум деца! Моравме да штедиме, но и да заработуваме. Со постариот брат продававме локум пред црква по завршувањето на богослужбата. Ќе земевме една кутија рефус локум и бардак со ладна вода, и тој со длабок, како да кажам, подебел глас, ќе викнеше „лоооокум“, а јас по него со пискливо детско гласче дополнував: „...и ладна вода“. Продававме колку да имаме повторно да земеме килограм локум, а она што ќе ни останеше, ние двајцата си го јадевме за да се заблажиме.

Куќата ни беше по други стандарди градена, а не како овие сега што се градат. Не беше многу голема, но сепак допадлива, така да кажам, со два чардака од страните. Имаше два подрума, една голема соба од скоро триесет квадрати и други, помали соби. Чешма, водовод и канализација, немавме. Немавме ни тоалети. Во близина на сегашната полициска станица се наоѓаше Хуриет Бања. Таму одевме да се капеме на недела-две и тоа голи по десет-петнаесет души одеднаш! Како сме можеле?! Затоа што немаш каде да се искапеш на друго место, па на крајот на краиштата, бањата е за секого! Во куќата имавме само полски клозет, малку култивиран, така да кажам, оти беше бетониран за да може полесно да се измие, а септичката јама беше на еден метар оддалечена, не веднаш под него. Отпадните води од дворот одеа во ѓезирот зашто не беше препорачливо таа вода да оди во септичките јами, оти за нивно чистење плаќавме од тон измет.

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото