Глобалниот пазар на половна облека продолжува да расте

10.04.2024 11:18
Глобалниот пазар на половна облека продолжува да расте

Во изминатата година, вкупно 52% од потрошувачите во светот купиле нешто во продавница за користена облека.

Ова го покажуваат резултатите од дванаесеттото по ред годишно истражување на ThredUp, една од водечките интернет страници за препродажба на облека, во соработка со консултантската куќа GlobalData.

Иако најчести посетители на продавниците за втора рака се припадниците на генерацијата Z и милениумците (личности на возраст од 12 до 43 години), тоа не значи дека потрошувачите не припаѓаат на различни возрасни групи и покрај тоа што се водени од различни мотиви и цели.

„Помладите купувачи се свртуваат кон втора рака поради самоизразување и градење личен стил, родителите се потпираат на втора рака за да ги облекуваат своите семејства на економичен и еколошки освестен начин, додека постарите генерации се одлучуваат за втора рака за да дојдат до поскапи брендови по поприфатливи цени и поради возбудата на „ловот”, објасни Нил Саундерс, управен директор на GlobalData.

„Флексибилноста на продавниците за втора рака за задоволување на толку различни потреби претставува клучна причина за нивната популарност и ветувачката траекторија на раст”.

Со годишен пораст од 18%, глобалниот пазар за облека од втора рака минатата година достигна вредност од 197 милијарди долари.

Се предвидува дека во наредната година половната облека ќе заземе удел од дури 10 отсто од вкупниот пазар на облека. Вредноста на пазарот за втора рака во 2025 година се проценува на 264 милијарди долари, за до 2028 година да скокне на дури 350 милијарди долари.

Модниот пејзаж несомнено се менува: луѓето одлучуваат да купат веќе користена облека за да го „зазеленат” својот животен стил, односно да придонесат за заштита на животната средина и зачувување на ресурсите, но и затоа што се притиснати од т.н. криза на трошоците за живот, па се обидуваат да заштедат пари.

Според извештаите, две од пет модни парчиња купени од потрошувачите во текот на изминатите дванаесет месеци биле половни. Покрај тоа, купувачите потрошиле речиси половина од буџетот за облека од втора рака. Но, тие не трошеле само пари, туку продавале и гардеробата што не ја носат...

Во годината зад нас, една четвртина од потрошувачите (25%) се занимавале со препродажба, а главните причини биле заработката, чистење на плакарот и поодржливо управување со облеката.

Секоја секунда се фрла по еден камион облека на депониите ширум светот. Дополнително, модната индустрија произведува повеќе штетни емисии од авијацијата и поморскиот транспорт заедно.

Oва се јасни показатели дека, во ерата на брзата мода, несовесниот консумеризам би требало да се забави заради помало загадување и понизок јаглероден отпечаток на производството. Тоа можеме да го постигнеме со купување на облека од продавниците за втора рака или, уште поедноставно, со размена на облека со пријателите.

Слика: Pauline de Roussy de Sales

Извор: https://klima101.rs

ОкоБоли главаВицФото