Франција ќе стави забрана на рекламите за брза мода

12.03.2024 14:58
Франција ќе стави забрана на рекламите за брза мода

Пред две години, Франција го забрани рекламирањето на фосилни горива. Сега истото планира да го направи и со рекламирањето на брзата мода.

Рекламите за брза мода прикажани реално и соголено веројатно би звучеле вака: „маица направена од недоволно платени работници од Азија која ќе заврши во депонија за два месеци и ќе направи огромна социјална и еколошка штета – може да биде ваша е за само 250 денари”. Сепак, компаниите успеваат да го спакуваат ова во многу пофино руво. Франција планира да стави крај на тоа.

Французите се подготвуваат да кажат „Au revoir” на рекламите кои ја промовираат брзата модна индустрија поради нејзиното огромно негативно влијание врз нашата планета. Планираната забрана за рекламирање би се однесувала и на инфлуенсерите, односно популарните профили на социјалните мрежи.

Предлог-законот се подготвува и ќе биде претставен пред националниот парламент во втората половина на овој месец.

„Ултрабрзата мода е еколошка катастрофа: облеката е лошо изработена, се купува на големо, се носи ретко и брзо се фрла”, напиша министерот за еколошка транзиција, Кристоф Бечу, на платформата Х (поранешен Твитер) по минатонеделната дебата со претставници од индустријата.

Доколку се усвојат новите правила, на неодржливите компании не само што нема да им биде дозволено да се рекламираат во Франција, туку и ќе плаќаат даноци на своите производи за покривање на еколошката штета.

Пратениците велат дека ултрабрзите модни брендови наместо да ги обновуваат своите колекци четири пати годишно, дневно нудат илјадници нови парчиња и на тој начин поттикнуваат прекумерна потрошувачка и непотребно загадување.

„Оваа еволуција на секторот за производство на облека за мода за еднократна употреба, комбинирајќи зголемени количини и ниски цени, влијае на навиките за купување на потрошувачите што доведува до импулсивни купувања и постојана потреба за обновување на облеката”, се вели во нацрт документот за проектот.

Последиците се трикратни: еколошки, социјални и економски.

Како пример за ваков тип на бизнис се издвојува кинеската компанија „Шејн”. Во просек дневно претставува 7 200 нови модели, а на клиентите им се достапни повеќе од 470 000 различни модни парчиња.

„„Шејн” нуди 900 пати повеќе производи во однос на традиционалниот француски бренд”, се истакнува.
Потсетување: Забраната за рекламирање на брзата мода нема да биде прва забрана за рекламирање во Франција.

Во август 2022 година, во рамки на Законот за клима и отпорност, оваа земја го забрани рекламирањето на фосилни горива. Така, Франција стана првата европска земја со ваква забрана.

На прекршителите им следува казна од 20 до 100 илјади евра, а оние кои ќе го повторат прекршокот можеби ќе треба да платат двојно поголема сума.


Со цел да се неутрализира влијанието на (ултра)брзата мода врз животната средина, пратениците предложија казни за секое продадено парче: овој удар по џебот за компаниите до крајот на деценијата може да изнесува десет евра или до 50% од цената.


Според статистиките, во текот на 2018 година француските жители потрошиле 35,7 милијарди евра на облека и чевли. Така се најдоа на четвртото место на најголемите „расипници” во Европа, веднаш по Англичаните, Германците и Италијанците.

Почнувајќи од октомври минатата година, француските власти на населението му исплаќаат т.н бонус за поправки, односно покриваат дел од трошоците за кројач или чевлар со цел да се намали текстилниот отпад.

Предложената забрана за рекламирање брза мода и даноци (особено со оглед на тоа што трошоците би можеле да паднат на плеќите на потрошувачот, доведувајќи ја евтината гардероба во заборав) би можела дополнително да ја раззелени француската мода.

Извор: https://www.euronews.com

ОкоБоли главаВицФото