Љубовници

19.04.2011 12:32
Љубовници

Едноокиот македонски крал Филип бил задоволен: најголемиот дел од грчката војска бил во бегство, Македонците ги пљачкосувале мртвите Атињани и Тебанци, големиот број заробеници ветувал голема заработувачка од откупот или од продажбата на робовите...

Тоа се случило на 2 август 338 година пр. н. е., на бојното поле кај Херонеја во близина на беотска Теба, на кое се судриле македонската и грчката војска. Кралот Филип II го знаел она за кое неговите непријатели ќе станат свесни дури следниот ден, кога веста за поразот ќе се прошири: цела Грција добила нов владетел, остварена е целта која во претходните години успешно ја прикривал, постепено влегувајќи во постојаните меѓусебни судири на грчките градови.

Во меѓувреме, битката ја завршило и левото крило на македонската војска. Филип наскоро ќе слушне дека целата тебанска Света чета изгинала практично до последниот од 300 војници, без да отстапи ни педа пред навалата на македонската фаланга и коњаницата на Александар.

Целата чета била составена од 300 Тебанци, 150 машки парови од возрасни мажи и нивните млади љубимци. Тие, како што би рекле Грците, биле педерастични. Во тоа време овој израз немал негативно значење како што денес има, а буквално ги означувал оние кои сакаат момчиња. Оваа љубов или врска меѓу возрасниот маж и момчето нужно не подразбирала – но не го ни исклучувала – хомосексуалниот однос. Затоа за таа силна врска може да се зборува и како за форма на пријателство. Судбината на тебанската Света чета – чии припадници повеќе сакале да загинат до последен отколку да се посрамотат пред пријателот или љубовникот на тој начин што ќе отстапат – сведочи за силината на тие взаемни односи.

Затоа нивната смрт речиси веднаш преминала во легенда. Археолошките ископувања на гробницата на Светата чета ја потврдиле точноста на податоците дека во битката загинале 254 љубовници, а останатите 46 заради ранување биле онеспособени за борба и можеби преживеале.

Оваа елитна единица во 378 година пр. н. е. ја основал тебанскиот војсководец Горгида, но славата дека е непобедлива ја стекнала под командата на Пелопид и Епаминонд во битката кај Леуктра, во 376 година, која пресудно придонела за победата на Тебанците над значително поголемата спартанска војска. Со тоа по неколку векови е уништена славата на Спартанците како непобедливи во копнени битки. Веќе во следната, 375 година, Светата чета ја оправдала тукушто стекнатата слава, во битката кај Тегира уништувајќи ја трипати поголемата спартанска војска.

Неколку векови подоцна, Тебанецот Плутарх објаснува дека основањето на Светата чета било инспирирано од дијалогот на Платон Гозба, во која еден од учесниците, Федар, вели: „Кога, значи, би можело да се направи државата или војската да се состави само од љубовници и љубимци, тогаш никој подобро не би живеел во својата држава од оние кои би се воздржувале од сите срамови и би се натпреварувале едни со други за секоја убавина; и борејќи се едни покрај други, таквите луѓе, па дури и да се малку, би го победиле, така да се каже, целиот свет. Зашто, човекот кој љуби сигурно потешко би поднел неговиот љубимец да види како бега од борбената положба или го отфрла оружјето, отколку сите други да го видат како го прави тоа; и би сакал наместо тоа и да загине; а пак да го оставиш својот љубимец или да не му помогнеш кога е во опасност – никој не е толку страшливец за самиот Ерот да не го исполни со јунаштво за да биде еднаков со оној јунак кој е најдобар по природа.“

Иако Платон до пред крајот на својот живот навистина пропагирал „платонска љубов“ меѓу возрасни мажи и момчиња, тешко дека тој ги инспирирал Тебанците да ја измислат Светата чета. Слични единици постоеле и во други војски, а не е веројатно дека Картагинците својата Света чета составена од врсници и пријатели ја формирале затоа што го читале Платон. Слични воени единици имале и Критјаните, а Тебанците на непосреден начин можеле да бидат инспирирани од своите најлути непријатели, Спартанците.

Имено, Спарта пред битката кај Леуктра во 376 година пр. н. е. ја зазела Теба и во неа оставила еден свој гарнизон. Пелопид и Епаминонд, идните војсководци кои конечно ќе ја скршат спартанската воена моќ, учеле и од Спартанците, внимателно набљудувајќи го нивниот начин на вежбање и организација. Спартанецот од пубертетот до староста е одгледуван во машко друштво, во групи кои во војна настапувале како единица. Заедно јаделе, вежбале, се натпреварувале во толкава мерка што дури и оженетите момчиња само ноќе и накратко заминувале кај своите жени. Затоа уште во антиката се велело дека не мал број Спартанци своите жени ги виделе дури откако им родиле дете, кога тие биле вклучувани во заедница.

Во однос на ваквите приказни многу малку знаеме за „обичното“ човечко пријателство во антиката. Тоа, како „нормално“, останало во сенка на големото влијание на Платон и на неговите аргументи во корист на воспитното значење кое пријателството – па и љубовта – меѓу постариот маж и момчето можат да го имаат, без разлика на тоа што тој пред крајот на својот живот се откажал од овие идеи. „Платонската љубов“ постоела, секако, и пред и по Платон, но освен во елитните кругови и во воените организации, таа била многу помалку раширена, забележлива или дозволена. За тоа сведочи и старата забрана на атлетските вежбалишта и гимнасиони да доаѓаат оние кои ги привлекува погледот на голите момчешки тела.

Извор: vreme.com

ОкоБоли главаВицФото