Хомосексуалност: аргументот за неприродноста (2)

31.10.2011 12:45
Хомосексуалност: аргументот за неприродноста (2)

3. Сè што не е вообичаено или во границите на нормата, е неприродно

Ако ова го мислат оние кои ја осудуваат хомосексуалноста основајќи го својот став врз тврдењето дека таа е неприродна, јасно е дека нивната осуда не може да биде прифатена без понатамошна расправа, зашто самиот факт дека одредена форма на однесување не е вообичаена не ја оправдува неговата осуда. Ни свирењето на виола во гудачки квартет сигурно не е вообичаена форма на човечко однесување.

Не знам колкав процент од човечката популација се однесува на тој начин, ниту колку часа во животот на секој виолист отпаѓа на таквото однесување, но претпоставувам дека бројот на таквите луѓе навистина е мал, како и тоа дека вкупниот број на работни часови посветени на оваа активност е доволно оправдување таквото однесување да го окарактеризираме како невообичаено или надвор од нормата (во смисла дека, судејќи според статистиките, тоа не е начинот на кој мнозинството луѓе сака да го поминува своето време), па со самото тоа, во таа смисла, е неприродно.

Па сепак, нема причина тоа невообичаено однесување кое не се вклопува во нормата, само затоа што е такво, да го осудуваме или да го сметаме за морално погрешно или неетичко. Напротив, многу форми на однесување се почитуваат токму заради својата ретка природа. Големите уметници, поетите, музичарите и научниците „излегуваат од рамките на нормата“ токму во таа смисла, но никако не може да се каже дека светот би бил во добивка ако тие не би постоеле, или дека нив и нивните активности треба да се осудуваат зашто со својата невообичаеност излегуваат од рамките на нормата. Ако и утврдиме дека хомосексуалното однесување е погрешно, тој став не можеме да го основаме врз тврдењето за нејзината „неприродност“ во смисла во која досега зборувавме.

4. Секој вид употреба на органите или инструментите кој е спротивен на нивната примарна цел или функција е неприроден

Секој орган и секој инструмент, можеби дури и секое суштество, има одредена функција за која примарно е создаден. Секој начин на употреба на некој орган или инструмент кој не е во склад со нивната намера се смета за природна и исправна; кој било начин на употреба што отстапува од нивната примарна намена и цел е неприроден и погрешен до таа мерка што дури може да се смета за лош или штетен. Човечките заби, на пример, се совршено формирани за својата примарна примена: гризење и жвакање на различни видови храна соодветна за исхрана на човекот. Но, не се претерано практични за отворање пивски шишиња. Ако се користат за оваа цел, која за нив не е природна, може да се случи од притисокот да се скршат или да напукнат. Според тоа, секој лек има одредена функција. Ако се употребува во склад со неа може да ни го спаси животот или да ни го врати загубеното здравје. Од друга страна, неговата злоупотреба, т.е. употребата во цел за која не е создаден, може да предизвика сериозни проблеми, па дури и смрт. Природната употреба на нештата е добра и корисна, додека нивната неприродна употреба е лоша и штетна.

Значи, она што ние треба да го направиме е да ја пронајдеме правилната употреба, т.е. вистинската цел на секој орган во нашиот организам. Кога ќе го откриеме тоа, ќе ја знаеме која е природната примена на секој орган, како и во што се огледува неприродната, погрешна и потенцијално штетна употреба на различните делови од нашето тело. Ако сме разумни, ќе се трудиме своето однесување да го ускладиме со правилните функции и да се воздржуваме од какво било неприродно однесување. Судејќи според оние кои припаѓаат на оваа школа на размислување, ако сакаме да дознаеме која е „примерната“ употреба на поединечните органи, прво треба да одредиме за што тој орган е создаден. Очите се создадени за гледање, ушите за слушање, нервите за пренесување на импулсите од еден дел на телото до друг итн.

За што точно се создадени половите органи? Секако, создадени се за репродукција. Ниту еден друг орган не е во состојба да ја извршуваа оваа функција. Од ова следи, за оние кои се интересираат за почитувањето на природните закони, дека репродукцијата е „правилна“ и „природна“ функција на половите органи, и дека кој било друг начин на нивна употреба, која за своја цел ја нема репродукцијата, е неприроден и непримерен, потенцијално штетен и заради тоа погрешен. Половите органи ни се дадени за да го обезбедиме одржувањето на човечкиот вид на планетата. Сите перверзии, вклучително и мастурбирањето, хомосексуалните односи, хетеросексуалните односи кои не се во склад со овие органи, се неприродни и лоши. Како што папата Пиј XI еднаш рече: „Поединците немаат никаква моќ врз деловите од своите тела, освен онаа која е во склад со нивната употреба во природни цели“.

Овој проблем, сепак, не може да се реши толку лесно. Дали е точно тоа дека секој орган има само една соодветна функција? Чеканот е осмислен за ковање шајки и најдобар е за таа работа. Сепак, нема ништо погрешно или грешно во тоа чеканот да го употребиме, на пример, за да скршиме лушпа од орев, ако во тој миг не можеме да дојдеме до некое друго средство кое можеби би било попрактично за таа цел. Бидејќи чеканот е многу универзално орудие, може да биде употребен на најразлични начини. Немаме само една „правилна“ и „природна“ функција. Вистина е дека женските очи се многу добро приспособени за гледање. Сепак, се чини дека исто така се добро приспособени и за флертување.

Дали вторава употреба е грешна само затоа што жената очите во конкретен миг не ги користи исклучиво за гледање? Нашите полови органи на единствен начин се приспособени за репродукција, но тоа, очигледно, не е и единствената функција за која се приспособени. Човечките суштества можат да ги користат, и ги користат, овие органи и во други цели, и не е јасно зошто само една од тие цели би била единствено правилна. Како прво, затоа што се чини дека половите органи се особено добро приспособени за давање интензивно чувство на задоволство на своите сопственици и на другите.

Освен ако некој не мисли дека задоволството само по себе е лошо, нема причина да мисли дека употребата на половите органи за постигнување на своето или туѓо задоволство е лошо. Имајќи ја во вид посебната структура на половите органи и големиот број нервни завршетоци кои се наоѓаат на нив, се чини дека тие се дизајнирани (ако во овој случај можеме да зборуваме за дизајн) токму за давање задоволство, зашто нивната употреба во таа цел не е ништо понеприродна од употребата за репродукција.

Не треба да го пренебрегнеме фактот дека човековите полови органи можат да бидат употребени, што често и се случува, за изразување на една од најдлабоките и најинтимни емоции познати на човекот – љубовта на едната личност кон друга. Дури и најенергичните противници на „бесплодниот“ полов однос признаваат дека сексот служи и за таа цел. Во склад со тоа, тие дозволуваат секс меѓу маж и жена и кога жената е бремена, во менопауза или во неплодните денови од менструалниот циклус.

Луѓето се исклучително сложени и приспособливи суштества. Не може да се повлече соодветна паралела меѓу нив или нивните органи и чеканот или друго орудие. Аналогијата набрзо се прекинува. Воопштувањето дека секој орган има само една функција не е одржлива, дури ни кога станува збор за наједноставно орудие, зашто, како што видовме, тоа може соодветно да биде употребувано во неколку различни цели, можеби со помала ефикасност отколку предметите чија главна цел е тоа, но сигурно нема да биде нешто грешно. Жената не мора своите очи да ги користи само за да гледа или за да флертува, туку и за заработи пари – доколку се занимава со актерство или манекенството, на пример.

Како што се чини, ниту едно од последниве две нешта не е во склад со оригинална „целисходност“ на окото, ако во овој случај може да се зборува за целисходност; тогаш тешко е да се сфати зошто таквата употреба би се сметала за грешна, перверзна или неприродна.

Нејзините полови органи имаат единствена способност за создавање јајце клетки и одгледување на човечкиот ембрион во соодветни услови, но зошто секоја поинаква употреба на овие органи, вклучувајќи го и создавањето чувство на задоволство кај нивните носителки или некој друг, изразувањето љубов кон друга личност, или дури и за заработување пари, би била означена како перверзна, грешна или неприродна? Исто така и машкиот полов орган има способност за создавање ново човечко суштество, но ако мажот одлучи да го користи за остварување задоволство, искажување љубов, или за некоја друга цел, под услов тоа да не загрозува друго човечко суштество, самиот факт дека неговиот полов орган поседува единствена способност не е доволна причина нивната поинаква употреба да се осуди како перверзна, неприродна, грешна или незаконска.

Ако човекот сака да се „изопачи“ на тој начин што ќе мрда со своите уши за да го насмее пријателот, а не да ги користи само за слушање, никому нема да му падне на ум заради тоа да го стави во затвор. Ако ги „злоупотреби“ своите заби за да ја извади спојувалката со која се споени некои хартии, активност која за забите сигурно не е примарна, никој нема да го обвини дека е неморален, заостанат или дегенерик. Фактот што луѓето се осудуваат зашто своите полови органи ги користат за постигнување задоволство, заработување пари за себе или за други, повеќе ни кажува за предрасудите и табуата присутни во нашето општество, отколку што ни ја појаснува нашата перцепција за природата, намената и „целта“ (што и да се подразбира под тоа) на нашето тело.

Да сумираме, тврдењето дека која било употреба на некој орган е спротивна на неговата оригинална цел е неприродна значи дека се претпоставува дека секој орган има една главна намена или функција; оваа претпоставка го побива фактот дека функцијата или целта на дадениот орган варира во зависност од потребите и желбите на неговиот сопственик, како и фактот дека конкретниот орган може да има повеќе од една основна цел и функција, па затоа и постои настојувањето некои од тие функции да се прогласат за една природно арбитрарна, ако не и дискутабилна работа.

Со таквата изјава уште се сугерира и дека она што е неприродно е лошо и недолично. Проблемот го надминува едноставното опишување на нештата, при што треба да го допреме и проблемот на евалуацијата на човечкото однесување, што нè доведува од петтото значење на терминот природно.

5. Природното е добро, неприродното е лошо

Кога некој за осудувањето на хомосексуалноста, мастурбирањето или употребата на контрацепционите средства како аргумент ќе ја употреби нивната неприродност, тој всушност вели дека е лошо, погрешно или перверзно сето она што не е природно. Но, како што веќе видовме, се случува она што е неприродно, во некои значења на овој збор ( на пример, кога неприродното значи „вештачко“) многу често да биде позитивно, како и тоа дека нешто што е природно (во смисла што не е потчинето на никакви промени од човекова рака да биде многу лошо. Секако дека нарушувањето на природата може да биде лошо. Денес еколозите, појасно од кога било прано, ни укажуваат на опасноста која со себе ја повлекува непланското и неинформирано влијание врз природата. Тоа, секако, не значи дека секое влијание врз природата е лошо. Секогаш кога човек ќе исече дрво за да направи место за свој дом, или ќе улови риба за да се нахрани себе или своето семејство, тој влијае врз природата. Доколку луѓето не влијаат врз природата, тие не би имале куќи, не би можеле да јадат риба, не би можеле да преживеат.

Тогаш, што сакаат да кажат оние кои тврдат дека сè што е природно е добро, а сè што е неприродно е – лошо? Сигурно дека нивната единствена цел не била придавката „природно“ да ја прогласат за синоним на зборовите „добро, правилно, прифатливо“, а придавката „неприродно“ синоним за зборовите „зло, лошо, неприфатливо, расипано“. Доколку тоа им било единствената цел, тогаш дискусијата околу тоа дали одредена форма на однесување е прифатлива, иако не се согласува со нечии сфаќања на природното, не би имала никаква смисла; доколку доброто и природното се синоними, од тоа неизбежно би произлегло дека сè што е добро е природно и обратно.

Противниците на хомосексуалноста сигурно не сакаат да кажат тоа кога велат дека хомосексуалноста, бидејќи е неприродна – е лоша. Ако навистина го мислат тоа, тогаш нивното тврдење е мошне празно. Сè би се сведувало на следново: хомосексуалноста, бидејќи е лоша – е лоша; станува збор за непотребно комплицирање на исказот кој едноставно би можел да се сведе на: хомосексуалноста е зло.

Како и да е, оваа изјава не е никаков аргумент. Оние кои се спротивставуваат на хомосексуалноста и на другите сексуални „перверзии“ врз основа на тоа дека се „неприродни“ тврдат дека во таквото однесување има некоја карактеристика која објективно може да се квалификува како неприродна; таа карактеристика, откако со некој вид научно истражување конечно е издвоена, испадна дека е штетна за оние кои на тој начин се однесуваат и оние кои ги опкружуваат; заради штетноста (физичка, психичка, морална или духовна) која произлегува од кое било однесува кое има атрибути на неприродно, таквиот вид однесување треба да се смета за погрешно, а задачата на општеството е да го санкционира.

„Неприродното“ и „погрешното“ во тој случај не се синоними, туку различни концепти. Нашиот проблем е тоа што не успеваме да го пронајдеме значењето на зборот неприродно кое би нè довело до заклучокот дека хомосексуалноста е неприродна или дека, во случај да е неприродна, треба да се смета за погрешна. Ги испитавме четирите скаменети значење на зборот природно и неприродно, и видовме дека ниедно од нив не ги задоволува условите кои треба да ги задоволи за опонентите на хомосексуалноста да победат во расправата. Без попрецизни појаснувања кои се однесуваат на поврзаноста на грешноста на хомосексуалното однесување и неговата наводна неприродност, аргументот мора да биде отфрлен.

Првиот дел од текстот може да се прочита на следниот линк.

Извор: Burton Leiser, Liberty, Justice and Morals: Contemporary Value Conflicts, 1979.

Слики: Гистав Моро

ОкоБоли главаВицФото