Дебата: „Новата визија и старите планови за Скопје?“

09.05.2011 10:46
Дебата: „Новата визија и старите планови за Скопје?“

Во вторник (10 мај) со почеток во 19 часот во Музејот на град Скопје ќе се одржи промотивна дебата насловена како „Новата визија и старите планови за Скопје?“

Промотивната дебата се одржува по повод промоцијата на македонското, албанското и англиското издание на монографската студија СКОПЈЕ – СВЕТСКОТО КОПИЛЕ: Архитектурата на поделениот град од Милан Мијалковиќ и Катарина Урбанек.

Музејот на град Скопје е избран за овој настан како симболичко место кое се вклопува со тематиката и тезите на авторите на монографската студија.

Промоцијата ќе биде проследена со видео презентација, специјално подготвена од авторите, како и со изложба на атрактивни илустрации и графики од самата книга, чие македонско и албанско издание ги објави издавачката куќа Готен од Скопје, во рамките на едицијата Лантерна.

Македонската промоција следува по објавувањето на македонското издание на книгата, поддржано од Фондацијата институт отворено општество - Македонија, во рамките на програмата за граѓанско општество, како и од албанското издание, кое финансиски го подржа Сојузното министерство за култура и образование на Австрија.

Англиското издание на книгата беше објавено во март 2011, од страна на издавачката куќа Визер Верлаг од Клагенфурт/Целовец, Австрија, која е одговорна и за глобалната и интернет дистрибуција на книгата.

Оваа несекојдневна студија за архитектурата на главниот град, видена и однатре и однадвор, од Милан Мијалковиќ и Катарина Урбанек, македонско-австриската двојка млади архитекти која живее и работи во Виена, беше промовирана на саемот на книгата во Лајпциг.

Промотивната дебата, инспирирана од тезите на авторите, а со цел да се развие широка дискусија во јавноста е посветена на:

„Новата визија и старите планови за Скопје?“

Воведен збор во дискусијата ќе даде г-ѓа Даница Павловска, претседател на Асоцијацијата на архитекти на Македонија. Учесници во дискусијата ќе бидат д-р Небојша Вилиќ и м-р Бојан Иванов, кои воедно беа и рецензенти на книгата, како и архитектите: Зоран Попоски, Бетим Зекири, Мимоза Томиќ и Елизабета Полоска од Прва архи бригада на Македонија. Модератор на дебата ќе биде м-р Роберт Алаѓозовски, главен уредник во Готен.

Организатори на настанот се Издавачката куќа Готен и Асоцијацијата на архитекти на Македонија.

Промотивната дебата е подржана од канцеларијата на Австриската Амбасада во Скопје и Фондацијата институт отворено општество - Македонија, во рамките на програмата за граѓанско општество.

Милан Мијалковиќ студирал архитектурата во Скопје и во Виена. Работи во соработка со архитекти и уметници.

Катарина Урбанек студирала архитектура во Виена и во Стокхолм. Од 2008-та година таа е член на студиото uek architektur.

Акценти од книгата - храна за мислите за дискусијата

Констатирајќи го хетерогениот и повеќеслоен карактер на Скопје, една од најмаркантните тези на авторите е дека Скопје, урбанистички и архитектонски не успеа да стане целина. Постои видлива поделба на етничките заедници и сегрегација во урбаниот простор со реката Вардар како природна и историска граница. Историски, Генералниот план на Кензо Танге за реконструкција на центарот на градот не успеал да ја преобрази оваа линија на поделба, во простор за заедништво отворен за секој граѓанин на Скопје. „Нуклеусот“ на Танге, јасно одредената зона покрај речниот брег со бројни јавни функции, само делумно била реализирана и се претворила во бафер зона во поделениот град, ничие и сечие не-место. Намерата границата да се претвори во жив простор за размена се умножила во многу точки на поделба. Резултатот од тоа е фрагментиран простор со широк опсег на различни функции една до друга: илегална, неформална, напуштена, прифатена, репрезентативна.

Проследувајќи го историски неуспехот на урбаната визија од шеесетитте, авторите сметаат дека во денешно време властите наместо да ги поправат неуспесите од минатото дури и го продлабочуваат јазот. Втора голема тема во книгата е многустраната анализа на современиот урбанистички тренд во Скопје и создавањето на тековниот целосен план, за првпат по земјотресниот. Актуелното урбанистичко планирање е водено од силната идеја да се создаде идентитет кој се заснова врз еден цел опсег од западни модернистички митови: од конструкција на потеклото во времето на Александар Велики, преку спротивставување на османлиското влијание, до целосна верба во комерцијализацијата. Парадоксално, повторените обиди да се создаде посебен идентитет и конечно да се заврши европеизацијата во себе носат опасност да ја забрзаат поделбата на градот, а не да ја комплетираат. Желбата да стане целина води кон внатрешно раскинување на градот, сметаат Мијалковиќ и Урбанек.

Прифаќајќи го поимот на јавното користење на историја на италијанскиот историчар Никола Гаљерано, кое ги опфаќа различните средства за масовна комуникација, и разните институции и установи, Мијалковиќ и Урбанек се прашуваат дали полемичко читање на минатото во споредба со општо прифатеното сфаќање на историјата не гради погрешни аналогии и не ја уништува сегашноста со длабочината и комплексноста на минатото?

Тие се надоврзуваат на многуте размислувања, разговори и себепронаоѓања меѓу граѓаните – блогери, новинари, телевизиски станици, поставувајќи ги прашањата кои и ние сакаме да ги опфатиме во нашата дебата.

Дали современото фрагментарно урбанистичко планирање на Скопје е засновано врз провокација и политички спор? Дали конфликтите придонесуваат при креирањето на јавниот простор? Дали граѓаните може да бидат ослободени од пасивната улога на консументи и да бидат охрабрени да станат активни и интерактивни учесници? Дали можеме да ги искористиме тие конфликти на попродуктивен начин?

Обидувајќи се да дадат свое размислување за една можна визија за развој на градот, Мијалковиќ и Урбанек го промислуваат геополитичкиот контекст на Скопје во однос на евроатлантските интеграции, неговата поставеност како регионален центар на вардарскиот басен и крстосница на транснационалните сообраќајни патишта. Авторите го поставуваат прашањето како Скопје како зона каде што се преплетуваат различни културни региони да ја ползува својата периферна поставеност, врз база на развојот на други градови со слична поставеност (како Женева, која стана дом на второто најголемо седиште на Обединетите Нации, Брисел, каде што е сместено седиштето на Европската унија или Барселона, која е културно жариште особено за студентите од цела Европа).

Во споредба со други големи и конкурентни градови од регионот, авторите сметаат дека предност на Скопје е концептот за мултикултуралноста, вреднувањето на различното потекло на копилето и просторот за маневрирање што тоа го отвора - простор кој може да се искористи за развивање на идеја за Скопје во рамки на обединетата Европа.

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото