Бек ту д фјучр

25.07.2011 10:38
Бек ту д фјучр

Колоквиумската недела на факултет беше како предизборен молк. Сите растрчани, главата во земја, анкетни листови фрчат пред секој колоквиум, за 12.43 секунди треба да ги пополниш, да кажеш свое мислење и као демек тоа ќе смени нешто.

Е, јас, наместо да правам ревизија на системот, кој секој семестар е сè повеќе и повеќе срање, се пробува да се направи нешто, а нас никој не нè праша што и како, па како празничен подарок и затоа што, најискрено, не можев да се замарам за блогот (а и да сакав – кога?), па не дека тоа вас ви смени нешто во животот, ќе ви раскажам една приказна.

***

Годината е 2020-та и веќе цело Скопје почнува да личи како некои пасуси да избегале од книгите по Историја на Архитектура.

Јас си имам своја успешна проектантска фирма – МАДТБ („Мижи Асан, Да Ти Баам“), цитирам – „си црткам проектчиња“, ваму – таму, сè е фино, сè цвета.

Кога, еден убав, сончев ден, ми ѕвони телефонот (Nokia xxxx, таква имаат „јаките“ архитекти). Еден мој другар (за атер за приказнава да го крстиме Гане)… Значи, ми ѕвони Гане, он веќе успешен бизнисмен, со години живее во Америка и ме бара да се видиме. Јас радосен, еден век се немаме видено, му викам да дојде во „Бастион“ (само таму одат да пијат кафе, на убави, сончеви денови, „јаките“ архитекти) во 16.30.

Иде Гане, Мерцедес ЕС класа (опа батоо), се паркира, се изгушкавме, се избацивме, муабети, жена, деца, живот, општо. Сврзавме, шо сврзавме муабети, ми се испофали он дека направил многу пари, имал два-триесет трговски центри низ Америка, супер му одел бизнисот и вика дека сакал да направи некој трговски тука во Скопје и сакал јас да му средам сè. Леле, јас радосен, ќе се испосерам од среќа и + за мој човек. Му викам:

– Нема проблем, се гледаме утре. Сега одам во канцеларија да направам неколку скици на германски хамер, со темпери и гваш и + некоја основичка во АутоКАД 2004 и едно Три Де моделче во АрхиКАД 9 ќе ти направам да видиш, како за тебе.

Чао, пријатно, тука се издешава. Јас, одење директива во канцеларија и правење еден цел идеен проект за една вечер – оти веќе факултетот ме исчеличи, па сè може да се направи за кога ќе му прдне на кој и да било, а ни спиење ти треба, ни здравје. Завршувам се цакум – пакум, до 7 и пол сабајле. Палам пешкито и на брзинка во „Принт центар“ да испечатам (пошо „Чорапара“ и во 2020-та отвара во 9).

Во „Принт центар“ жива душа нема. И му викам на тоа финото, културно типче: – „Испечати го 3 пати. Толку сте евтини, што, мерак да му е на човек секој ден да печати.“

Собирам парталите од таму и му ѕвонам на Гане за да се договориме шо и како. Се договоривме, за кога, за како, за шо и требаше да се најдеме „Кај мајка ти и татко ти“ оти … знаете веќе (тоа е единствена алтернатива на „Бастион“).

Пиеме едно кафе со Гане, на раат, па да почнеме да дискутираме за бизнис. Седнуваме на едно така, пофино, изолирано масиче и јас тука почнувам да му кажувам:

- Гане брат, трговскиов ќе го направиме во вид на римски форум. Ќе бапнеме на средина еден голем отворен простор, што ќе зафаќа 2/3 од целата парцела. Околу плоштадот ќе има 2 метри трем од столбови, кои ќе имаат осовински распон од 1 метар, ептен за пролази ќе ставиме 1.5 м и ништо повеќе. Столбовите ќе бидат во јонски стил, со примеси на дорски, оти канелурите, што ќе ги има, нејќам, едноставно, да се допираат. Ќе ставиме наместо олуци, сими со лавовски глави (веќе популарно е тоа) и столбовите на ќошовите ќе имаат поголем пречник, чисто за да не ги јаде воздухот.
Во центарот ќе ставиме еден обелиск висок 32 метри, за да не се осеќа празнина во просторот.


Човеков почна чудно да ме гледа и ми вика:

- Чекај малку, ај може воа е нешто актуелно сега, ама да не не е многу рационално решениево вака? Многу бетон и железо да отиде?

- Каков бетон, какво железо човек, сè ќе биде камен, гипс и керпиџ (земја и слама) – светска работа. Ќе го земеш ти каменоломот на ГП Маврово и рудникот за гипс на Кнауф под концесија и таман, би требало, тоа да ги задоволи потребите. За темелите и другите поважни градежни работи ќе мораш да си најдеш некој друг човек оти мене никогаш не ме научиле за тоа.

- Брат, што се зезаш, ние во Америка hi-tech архитектура, самоодржливи објекти правиме, денар неам дадено за струја или вода. Немаш ли прошетано да видиш, да научиш?

- Мене Тихо само ми кажуваше како било во Америка и Австралија, ама никогаш не ме научи нешто за да можам да конкурирам и да излезам од државава. ОК, не се секирај и за тоа сум специјалист… Ќе ја земеме и фабриката Карпош и ѕидовите ќе ги направиме од префабрикувани армирано-бетонски монтажни панели, пошо ти нели сереш пари, не ти е гајле дали ќе има термички мостови, колку енергија ќе ти штедат тие, а и мање-битно дали ишијас или реума ќе имаат тие што ќе ги користат, така се ќе скоцкаме, немаш мака.

- Не знам за ова, а што правиме со продавниците, квадратура, треба ли пари да правам?!

- Брат, продавниците ќе ги направиме 4×4 метри и ништо повеќе, со стаклени куполи (што веќе ќе одговараат на парламентот). Во внатрешноста на просториите, на ѕидовите ќе има фрески, па бирелјефи, па кога ќе ставиме скулптури тука од секој можен период и правец пред модернизмот, мерак ми е што ти кажувам.
И слушај, не ти треба квадратура. Сè додека просторот ги задоволува урбанистичките барања…(почна да ме фаќа нервоза само што пишувам)

Оттука ќе направиме еден мост „Веѓа“ што ќе го поврзува трговскиот, директно со некој друг безвеза објект пред земјотресот и кон надворешноста, помеѓу просториите и (повторно) тремот од столбови, ќе ставиме вестибили. На едната страна ќе има 2ha градини, со бесконечни патеки, а на другата ќе ставиме еден хиподром и ќе пуштаме КОЊИ (или студенти на архитектура да се тркаат – ќе ставиме еден плотер да бркаат) да се тркаат – (од тука највеќе пари ќе се прават – коцкарница) и сето тоа ќе биде со скалишни гледалишта и на крај заградено со киклопски ѕидови од 8, па нека бидат 10 метри дебели.

Во тој момент, изгледа тоа ја прели чашата, Гане, стана, се качи во кола, отиде, си го раскина државјанството и никогаш не се врати во Македонија. А ви текнува ли каква убава замисла имав?

ДИ ЕНД

Извор: odmorime.blog.mk (05.01.2011)

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото