Бјорк - Биофилија

03.10.2011 10:47
Бјорк - Биофилија

BJORK-BIOPHILIA

One Little Indian, 2011

На крајот од септември за издавачката куќа One Little Indian се издаде најновиот албум „Биофилија“ на извонредната исландска пејачка Бјорк. Пред официјалното реализирање на овој албум, „Биофилија“ беше реализиран како мултимедијален проект преку користење на интерактивни аппс, изведба во живо, креирање на нови инструменти и едукативни работилници за деца.

Десетте песни на албумот најпрвин беа издадени како 10 аппс (соработка со Apple), по еден за секоја песна, при што секоја песна има своја визуелизација, можност за интеракција со делови од песните и можност за креирање на сопствена верзија на истите. Дел од настапите во живо на „Биофилија“ на Интернационалниот фестивал во Манчестер во текот на јули беа искористени при создавањето на албумот заедно со користење на пендулум харфа, дигитална пајп органа, пин барел харфа наречена шарпсикорд (10 foot pendulum-harps, 10-foot pin barrel harp-Sharpsichord, digital pipe organ).

Линкот меѓу музиката и технологијата, односно творештвото на Бјорк и технологијата на Ejпл, резултира со доминирање на пораката упатена кон луѓето, природата или, како што ќе изјави Бјорк, „Биофилија“ е фолк музика на денешнината. Низ Биофилиа се преплетуваат арт поп, дарк амбиент, електроника, експериментална музика, трип-хоп и најсилното оружје – вокалот на Бјорк поткрепен со нејзината харизма.

Секогаш кога сум имала прилика да слушам бендови, пејачи или вокални состави од Исланд или накратко да се дружам со Исланѓани сум ја почувствувала посебно впечатливата енергија на нивниот темперамент, кој е неспоредлив со некои други народи, а кој, пак, не можам целосно да го дефинирам со зборови.

Тоа важи и за Бјорк посебно моментот кога се слуша во живо.

Со првата песна Moon и последната песна Solstice имаме заокруженост на албумот, а тоа е сличната музичка структура, реализирана преку мирен мелодиски тек на харфата и вокалот. Исто така, и внатре во останатите песни има баланс преку промена на темпото, расположението темно/светло. Преку секоја песна Бјорк дава посебен печат преку различните вокални креации, без разлика дали тоа е рецитирачки третман во Thunderbolt, нежните вокални обликувања во Cosmogony или, пак, експерименталниот третман на вокалот кој наликува на некој дигитален инструмент во Dark matter. За ефектното завршување на Thunderbolt, е заслужно користењето на Теслиниот калем.

Your browser is not able to display this multimedia content.

Интересен е преминот од третата кон четвртата песна. Crystalline има некоја препознатлива атмосфера од постарите креации на Бјорк преку употребата на звукот на звончињата, пожив ритам со трип-хоп елементи. Наеднаш од тој игрив амбиент, преку нагорен мелодиски тек, Бјорк нè носи во друга димензија, негде горе или негде надвор од познатото. Тоа е Cosmogony, нежна, посветена на регенерирањето. Како и пораката на албумот – надеж во реобновување на животот, околината.