Нам ни е важно. А вам?

16.11.2011 14:33
Нам ни е важно. А вам?

Центарот за мировни студии и Центарот за ЛГБТ рамноправност од Загреб започнаа со прва кампања против хомофобијата со наслов „Бидејќи ни е важно“, во која учествуваат личности од хрватскиот јавен живот, сосем рамноправно со луѓето од ЛГБТ заедницата.

Кампањата ја карактеризираат три различни медиуми: печатени материјали (плакати и летоци), видео спот и радио џингл. Со својот концепт предупредува против хомофобијата, но и против секој облик на дискриминација. Иако целосно ја поддржуваме оваа кампања, а нашиот портал ја следи визуелната култура и продукција, мораме да се осврнеме на визуелниот идентитет на кампањата кој е дело на авторскиот тим составен од Барбара Бласин, Гордана Босанац, Марко Јурчиќ, Срѓан Ковачевиќ, Игор Марковиќ, Матеа Попов и Цвета Сента.

За жал, билборд камапањата повеќе наликува на реклама за боја за ѕидови, формирајќи шест групи луѓе кои стојат во неприродно фотошопирани пози. Иако користените бои веројатно сугерираат на знамето на виножитото, тие се поединечно истакнати, а бидејќи се репродуцирани во прилично темни тонови, нивната смисла се губи. За волја на вистината, секоја боја носи свое објаснување кое можете да го прочитате во продолжение, но реално нема некоја врска со симболиката на поединечната боја. Самиот став на учесниците во кампањата не делува опуштен, напротив, целосно е крут и наместен и не може целосно да комуницира со потенцијалните гледачи. Проблематично ни е и користењето на заповедниот начин во слоганот „Доста хомофобија!“, кој често се покажува како контрапродуктивен во рекламната индустрија, а вака делува дури и заканувачки. Прашање е колку само користењето на јавните личности може да помгне во освестување на јавноста, а колку во тоа би била поуспешна некоја поразработена кампања. Се плашиме дека ваквата, визуелно разочарувачка кампања, ќе има и разочарувачки резултати.

Во продолжение прочитајте со какво секојдневие мораат да се соочуваат ЛГБТ лицата и кои права ги бараат:

ЦРВЕНА

Секоја втора ЛГБТ личност доживеала некакво облик на насилство, од што најмалку 1/3 се однесува на злосторство од омраза. Слободата на јавното собирање на ЛГБТ лицата е загрозена со дејствувањето на насилните групи и јавните повици на линч. Иако забраната за дискриминација е регулирана со закон, изречените казни за злосторство од омраза обично се симболични или условни. Спроведувањето на националните и меѓународните прописи за заштита на ЛГБТ заедницата се недозволиво ниски.

ПОРТОКАЛОВА

Хрватското законодавство мора да ги препознае правата и потребите на трансродовите лица, од квалитетно здравствено осигурување до отстранување на административните пречки кон лицата кои сакаат да направат или се во процес на полова транзиција. Треба да се прилагодат сите закони и подзаконски акти кои се нечувствителни на промената на половиот статус на лицата кои поминуваат или ја поминале половата транзиција на тој начин што треба да им се признаат сите права во склад со новиот идентитет.

ЖОЛТА

Не постои доволна институционална поддршка во сузбивањето на трансфобијата и хомофобијата. Не постои јавна осуда на трансфобијата и хомофобијата на сите нивоа, вклучувајќи ги носителите на извршната власт, што е стандард во земјите од ЕУ. Политичките партии во Хрватска во своите програми немаат издвоено поглавје поврзано со правата, политиките и темите на ЛГБТ заедницата, и само неколку партии во своите публикации ја споменуваат оваа заедница, но само патемно и површно.

ЗЕЛЕНА

ЛГБТ лицата немаат рамноправен третман во добивањето јавни здравствени и социјални услуги, како и низа други економски, општествени и културни права кои произлегуваат од брачниот статус. Денес лицата кои живеат во брак уживаат над 60 различни права, додека ЛГБТ двојките, преку Законот за истополови заедници, имаат само 2 права. Укинувањето на дискриминацијата кон животните заедници на ЛГБТ лицата треба да биде еден од приоритетите на хрватското законодавство.

СИНА

Во јавните училишта во моментов не постои едукација за човековите права, па така, ни за аспектот на човековите права кои се однесуваат на ЛГБТ заедницата. Европскиот одбор за социјални права уште во 2009 г. експлицитно забележа дека тврдењата во курикулумот „ги стигматизираат хомосексуалните лица и се засновани на негативни, искривени, осудувачки и деградирачки стереотипи“, и дека очекуваат да се заменат со содржини кои работат на сузбивање на предрасудите и стереотипите.

ВИОЛЕТОВА

Сексуалната ориентација, родовиот идентитет и родовото изразување претставуваат една од најчестите основи за дискриминација и насилство. Во општеството постои силна хомо/би/трансфобија и ЛГБТ лицата се изложени на маргинализација и секојдневно психичко и физичко насилство. Во наредниот период треба да се препуштиме на Националната политика за рамноправност на половите, а очекуваме и дека владата на Хрватска ќе направи Акциски план за сузбивање на насилството и дискриминацијата врз ЛГБТ заедницата.

Извор: pogledaj.to

Лошо, стварно лошо и може да

Лошо, стварно лошо и може да биде многу контрапродуктивно. 

Гордан Босанац, а не Гордана.

Гордан Босанац, а не Гордана. :) Мене генијална ми беше билборд кампањата „И хомофоби су људи“ од пред некоја година, од малтене истата екипа.

Samantha, не постои

Samantha, не постои “контрапродуктивно“. Постои само продуктивно и непродуктивно. Имено, мене ми беше идеална изјавата на една девојка која живее во Белград, а која е запознав 2007 на саемот за книги: “Ја сам лезбејка зато што нисам хтела да будем одвратна малограѓанка.“

Наш познат блогер, а не знае

Наш познат блогер, а не знае дека и зборот контрапродуктивно има значење!? Да, има продуктивно и непродуктивно, но под контрапродуктивно се подразбира дека ако целта била да се дигне свеста за одредено нешто на повисоко ниво, а средствата за остварување на таа цел се лоши, како во случајов маркетинг-кампањата што е заникаде, ефектите можат да бидат и намалување на свеста, т.е. зголемување на нетолеранцијата. Тоа, сепак, е контрапродуктивно, нели?