Убивање деца во Авганистан

19.03.2012 12:13
Убивање деца во Авганистан

Човек со пушка влегол во куќа во Авганистан и убил единаесет луѓе, според тврдењата на официјалните лица кои разговараа со новинарите. Четири од жртвите се девојчиња помали од шест години. Човекот влегол во уште две куќи и зад себе оставил вкупно шеснаесет мртви, од кои девет се деца на различна возраст. Наводно се обидел да ги запали труповите; и пропешачил еден и пол километар за да ги убие.

Важно ли е што се жртвите Авганистанци, а убиецот американски војник, наредник кој е таму по службена должност? На некој начин и не е; тие четири девојчиња се подеднакво големи жртви како што би биле и да се од Бруклин или Бирмингем, или кое и да е друго место, што важи и за останатите жртви. Како што можеме да видиме од досега објавените податоци, не станува збор за некоја залутана бомба од беспилотно летало – иако и тоа е доволно страшно – не, возрасен човек решил да ги убие децата, нивните родители и останатите роднини.

Меѓутоа, од друга страна, страшно е што станува збор за Авганистанци. Тој човек носел наша униформа, и на неа – името на нашата држава, и каков ужас и да се тлеел во неговото срце, тој пламен се распламтел во војната на која ние, последниве години, едвај ѝ обрнувавме внимание. Во војните се случуваат ужасни работи и токму затоа мора да се биде внимателен. Што точно се случило и како, не знаеме; истрагата е во тек. Има разни сведочења кои не се поклопуваат, а некои луѓе дури и тврдат дека учествувале повеќе војници, кои можеби биле пијани. Војската тврди дека бил само еден, и дека тој е веќе во притвор.

Претседателот Обама се јави да му изрази сочувство на Хамид Карзаи. Последниот пат кога направи нешто слично, сите републикански кандидати скокнаа на него, критикувајќи го дури и за самата помисла дека треба да се извини. Се надеваме дека овојпат ќе се воздржат. Сега треба да се излезе на крај со бесот кој овој инцидент го предизвика во Авганистан, и кој можеби ќе однесе уште недолжни животи. Каењето може само да помогне.

Извор: The New Yorker

ОкоБоли главаВицФото