Обама во Њутаун: што ќе направи во врска со оружјето?

19.12.2012 17:20
Обама во Њутаун: што ќе направи во врска со оружјето?

„Дон Хокспренк, Мери Шерлак, Вики Сото, Лорен Русо, Рејчел Давино и Ен Мари Марфи – тие постапуваа како што се надеваме дека би постапиле и ние во такви застрашувачки околности“, изјави Обама на комеморацијата на жртвите од пукањето во Њутаун. Тоа се имињата на шестте возрасни лица убиени во пукањето, покрај двадесетте деца, првачиња. „Знаеме дека кога дојде опасноста во ходникот на осонвното училиште Сенди Хук, вработените не се повлекоа. Не се ни двоумеа.“ Во ниеден момент Обама не го спомена името на таа опасност во ходникот – убиецот Адам Ланза, или полуавтоматската пушка „бушмастер“ што најмногу ја користеше, или пиштолите „глок“ и „циг цауер“ што ги носеше, или пушката што ја чуваше во автомобилот. Обама ниеднаш не ги изговори зборовите „пушка“ или „пиштол“. Па и покрај тоа, неговиот говор во суштина беше насочен кон оружјето.

Обама им се обрати на собраните по десетината свештени лица – христијански, еврејски, муслимански, бахајски – и по политичарите од Конектикат; комеморацијата почна доцна, затоа што Обама се состанал со семејствата на жртвите. Во неговиот говор слушнавме зборови на утеха и почит („Њутаун, не си сам“), но и на каење. Ова е четврти пат да се најде себеси во улога на утешител по масовни пукања, рече и самиот – „четврти пак ги прегрнуваме преживеаните, четврти пак ги тешиме семејствата на жртвите“ – и тоа му е премногу. „Повеќе не можеме да го толерираме ова. Овие трагедии мора да престанат. А за да ги сопреме, мора да се промениме:

Претстојните седмици, ќе ги искористам сите мои овластувања за да ги ангажирам нашите сограѓани, од припадниците на полицијата, преку психолозите, до родителите и просветните работници, во обид да спечиме вакви трагедии во иднина. Инаку, каков избор имаме? Не можеме рутински да ги прифатиме овие инциденти. Дали сме навистина подготвени да кажеме дека сме немоќни кога ќе се случи ваков масакр?“

Целата длабочина на американската наоружена патологија се огледува во фактот дека овој говор звучи радикално – говор без какви било конкретни предлози, чиишто најсилен момент е во самото наговестување, во повлекувањето паралела помеѓу „Тусон и Аурора и Оук Кирк и Њутаун и пред тоа градче од Колумбајн до Блексбург“. Но во конекст на комеморативниот собир, кога можеше да говори само за милосрдието и верата, овој говор претставува пресвртница. Бидејќи во текот на првиот мандат не стори ништо, сега делумно одговори на прашањето што Дејвид Ремник и останатите го поставија кратко по изјавата на претседателот во петокот, кога со насолзени очи говореше за тоа дека на пукањето реагирал како родител: Кога ќе реагира како претседател?

Во неделата вечерта, Обама рече дека да се биде родител и политичар не се толку различни работи – во смисла на односот на родителите кон своите деца и, дури и повеќе, односот на возрасните граѓани на една земја кон секое дете:

„Можеби е шокантно кога во еден момент ќе сфатите дека, колку и да ги сакате овие деца, не можете тоа да го направите сами, дека нашата задача е да им обезбедиме сигурност на децата и добро да ги воспитаме, а тоа е нешто што можеме да го направиме единствено заедно, со помош на пријателите и соседите, со помош на заедницата и целата нација...Ова е нашата најважна задача, да се грижиме за своите деца. Тоа е нашата главна должност. Ако тоа не го направиме како што треба, ништо не сме направиле. Така ќе бидеме вреднувани и нас, како општество“.

„Дали можеме искрено да кажеме дека правиме сè што е во наша моќ за да им ја осигураме безбедноста на нашите деца?“, се запраша тој, „Последните денови размислував за тоа, и ако сакаме да бидеме отворени, одговорот е – не.“ Не реагиравме – тој не реагираше – онака како што се надеваме дека можевме, во околности многу помалку застрашувачки од оние во тоа училиште. Обама се потпира на една од најважните лекции за родителите: децата ви влеваат храброст, затоа што ништо што може да ви се случи вам не изгледа толку страшно како кога нешто лошо ќе му се случи на детето. (И навистина, од што може да се плаши човек што никогаш повеќе нема да мора да се кандидира за некоја функција?) Во неговиот говор имаше и прекори: мора да бидеме помалку плашливи во јавната сфера ако сакаме да ги заштитиме децата дома. Во оваа смисла, Обама одржа политички говор, и тоа беше сосема соодветно.

Ќе видиме што ќе се случи. Обама ќе треба да направи нешто наскоро, освен што држи говори. Како што напиша Патрик Раден Киф, има многу практични препреки за реформа, вклучувајќи го и огромниот број оружје што веќе постои. Но, во извесна мера, тоа ја олеснува работата: кога станува збор за контрола на оружјето, дури и најпростите работи не се направени. Нашите закони се толку лабави, речиси апсурдни – не само оние за поседување оружје, туку и прописите за тоа каде може да се носи оружјето и на кого е дозволено да се пука – што дури и поправањето на очигледните дупки во законите и укинувањето на најекстремните прописи ќе биде некаков почеток. Тоа што не можеме преку ноќ да дојдеме до ситуација во којашто, како што вели Николас Кристов, поседувањето оружје ќе биде регулирано како и поседувањето автомобил, не е причина да не почеме со ништо што води во таа насока.

Изгледа дека мајката на Адам Ланза, Ненси, имала барем пет парчиња оружје. Тој земал четири од нив, откако ја убил, и стотина куршуми, вклучувајќи и наполнета муниција за пушката. Понатамошниот след на настанте го дознавме во текот на викендот, од сведоштвата за тоа како Хокспренг и Шерлак, директорката и училишниот психолог, се стрчале кон Ланза откако тој влегол во училиштето пробивајќи го со пукање стаклото на вратата. Тогаш ги убил. Училишниот разглас бил вклучен, а наставниците набрзина се обиделе да ги сокријат децата во орманите, тоалетите и зад полиците со книги. Обама цитираше едно прваче што ја уверувало учителката, велејќи „Јас знам карате, така што ОК е. Јас ќе ги изведедам останатите надвор“. (Дел од нив успеале.)

Но, некои нешта никогаш нема да ги дознаеме, можеби за среќа. Како поминале последните моменти, можеби и секунди во животите на Лорен Русо и нејзините првачиња. Ланза сите ги уби – полицијата затекнала, како што пишува хартфордски Courant, четиринаесет јакни и четирнаесет тела. Секое дете добило неколку куршуми.

Во соседната училница, Ланза вперил пиштол во Викторија Сото, којашто имала 27 години и ја прашал каде се децата. Го излажала кога рекла дека се во кино салата, а всушност, ги скрила во орманот. Пукал во неа и ја убил. Кога полицајците ја пребарале училницата и го отвориле орманот, таму затекнале седум деца.

Што точно се случило со останатите од тоа одделение не е сосема јасно; можеби Ланза ги пронашол кога се обиделе да избегаат, а некои репортажи наведуваат дека Лорен Русо се обидела да ги одбрани. Изгледа дека две од нив стигнале до улицата. Но шестмина се убиени. Полуавтоматската пушка „бушмастер“ е долга 83 см. Просечната висина на шестгодишно дете е 114 см, а првачињата не можат да трчаат како возрасните. На комеморацијата, Обама ги изговори имињата на сите деца „Шарлот, Даниел, Оливија, Џозефин, Ана, Дилон, Мадлен, Кетрин, Чејс, Џеси, Џејмс, Грејс, Емили, Џек, Ноа, Керолајн, Џесика, Бенџамин, Авиел, Алисон“.

Извор: The New Yorker

Слични содржини

Општество / Свет
Општество / Свет / Историја
Општество / Свет
Општество / Свет / Живот / Теорија
Општество / Активизам / Свет

ОкоБоли главаВицФото