Вонредната состојба во главите на луѓето

15.05.2013 13:55
Вонредната состојба во главите на луѓето

И покрај тоа што американскиот претседател Обама го одби неверојатниот предлог на републиканците осомничените за нападот во Бостон, кои се и американски државјани, да се прогласат за „непријателски војници“ и да им се суди пред воениот суд, овие времиња и понатаму се многу несигурни за правото, уставот и демократијата во САД.

Нападот беше ужасен и не може да се оправда на ниеден начин, но општествениот контекст и селективната перцепција на тероризмот се причини за загриженост. Во САД тероризмот најчесто се сфаќа како насилство мотивирано од исламски причини, кое е обично поврзано со странство. Терористите се оние другите на кои им се одрекува правото на човечност, па затоа се дозволени и радикалните мерки.

На први мај во Далас беше отворена библиотеката Џорџ Вокер Буш. Оваа институција ќе ги претставува вредностите меѓу кои се и слободата, одговорноста и сочувството. „Немам апсолутно никаква причина за правдање“ – изјави Буш во едно интервју на почетокот на април – „Го направив она што го направив. За мене ќе суди историјата“. На свеченото отварање на библиотеката присуствуваа и Барак Обама и Бил Клинтон. Тука се изложени најразлични интригантни експонати, помеѓу кои и јакната која Буш ја носеше во 2003 година при посетата на американските трупи во Багдад на Денот на благодарноста. Во Ирак наводно се водеше војна против тероризмот, а по воените интервенции стотина ијлади Ирачани и неколку илјади Американци ги изгубија своите животи.



Државното обвинителство поведе судска постапка против Џохар и неговиот брат поради „употреба на оружје за масовно уништување против физички лица и имотна сопственост“. Во нападите во Бостон тројца луѓе ги загубија животите: осумгодишниот Мартин Ричард, 29-годишната менаџерка на ресторан Кристал Кемпбел и 23-годишната студентка на бостонскиот универзитет Лу Лингзи. Малку подоцна браќата го убија и полицаецот Шон Колиер. Мотивите за напад и понатаму се предмет на жестоки шпекулации. Сè уште нема доволно податоци, освен оние за потеклото на семејството од Чеченија, Дагестан, или Казахстан, како и фактот дека тие се муслимани.

Непартиската комисија Constitution Project која се занимава со примената на американскиот устав, кон половината на април на 500 страни го претстави својот извештај за третманот на „заробениците“ во војната против тероризмот. Заклучокот од извештајот гласи: „Без сомнение е утврдено дека САД применувале мачење. Тоа е голема грешка.“ Политичарите од двете партии мора да го признаат тоа, но терминот „мачење“ и понатаму е табу во американските медиуми.

Членовите на комисијата се угледни луѓе, а меѓу нив се наоѓаат и поранешниот директор на FBI – Вилијам Сешнс, поранешниот шеф на DEA – Ајз Хатчинсон (инаку голем пријател на NRA), поранешниот претседател на адвокатската комора, а и генералот Клаудиј Кенеди. Нивниот извештај не доби големо внимание во текот на твитер-бурата за нападите во Бостон.

Пред неколку недели папата Фрањо изјави сочувство за жителите на малото место Вест во Тексас. Два дена по нападите во Бостон, при една експлозија во фабриката за производство на ѓубриво загинаа 13 луѓе. Политичарите ја сметаат оваа катастрофа за несреќен случај, кој е неспоредлив со терористичките напади. Од друга страна, Associated Press пишува дека инспекцијата за безбедност на условите при работа последен пат ја посетила оваа фабрика во далечната 1985 година. Инспекторите тогаш забележале „сериозни пропусти“ при складирањето на амонијакот, а комапнијата била казнета со 30 долари. Според пресметките на списанието In These Times, кое често се занимава со проблемите на синдикатите, во САД на 58.000 работници има само по еден инспектор. Затоа и не е чудно што несреќите и смртните случаи се вообичаена појава на работните места.

Меѓутоа ова тема не може многу да ги возбуди политичарите, ниту пак населението. Граѓаните очекуваат државата да ги заштити од тероризмот, при што е сосема јасно дека не постои целосна безбедност и дека „тероризмот“ е на дното од листата на потенцијални опасности. Но кој ќе го признае тоа? Поради наводната борба против тероризмот граѓаните се откажуваат од своите права, додека државата се претвара во чудовиште кое измачува луѓе и изрекува неограничено задржување во притвор без право на судење.



Во Бостон имавме прилика да видиме вистинска демонстрација на полициската сила. Воени транспортери, хеликоптери, снајперисти, 9000 полицајци и припадници на националната гарда. Lockdown – заклучување на градот и на неговата околина. Тоа беше еден вид вонредна состојба, која се пренесе и во главите на луѓето. „Поголема безбедност“, гласи аргументот со кој се добива секоја расправа. Кој може со сигурност да тврди дека повеќе полицајци и надзорни камери не помагаат во борбата против тероризмот? И кој смее да собере харброст за да изјзви дека на американското општество би му било подобро со помала полициска контрола? Во моментов, конзервативците ги напаѓаат и FBI, затоа што тие уште пред две години ги проверувале браќата Царнаев, но не нашле ништо инкриминирачко, па се откажале од понатамошната истрага.

По нападите во Бостон повторно можеме со сигурност да си претставиме како изгледа вонредната состојба во САД. Преку социјалните мрежи, во неа учествуваат и граѓаните. „Татковината е бојно поле“, изјави републиканскиот сенатор Грахам за Вашингтон Пост.

Извор: Der Freitag

Слики: Лук Мур

ОкоБоли главаВицФото