Доктор Данте

12.04.2012 11:37
Доктор Данте

Данте Алигери бил лекар? Тоа го потврдува накитената црвена одора долга до подот според која секогаш го препознавале. Таква скапоцена облека била обележје на лекарите кои уживале голем углед во општеството.

Во 1295 година Данте се запишал во гилдот (фирентинско здружение на занаети и трговци) лекари и апотекари. Го направил тоа затоа што морал. Во Фиренца во 1293 година властите издале наредба секој кој сака да ги ужива општествените почести мора да се запише во списокот на членови на една од гилдите, дури и ако не се занимава со истата работа. Зошто Данте се одлучил за медицина кога имал на располагање и други професии? Најверојатно затоа што тогаш медицината и филозофијата биле сродни науки.

Сигурно е дека Данте и пред запишувањето се занимавал со медицина. Меѓу 1285 и 1287 година почнал да се движи во лекарските кругови меѓу кои најистакнат бил Тадео Алдероти, професор на универзитетот во Болоња. Не се знае дали биле пријатели, но во своето дело го сместил Алдериоти во рајот заедно со Пјетре Испано, негов колега од факултетот. Многу повеќе медицински детали се забележани во рајот, бидејќи тоа е местото каде што грешниците трпат телесни казни. Колку е поголема казната, толку е поголема и болката на грешниците, па со живописни прикажувања на маките може да се најдат изрази кои сведочат за Дантевото познавање на човековото тело.

Епилепсија и грчеви

Ко тој што паѓа долу безброј пати
кон земјата (од ѓавол трган) стара,
ил пак од грч, од којшто свест се мати

па станува, со поглед сегде шара,
цел збрлавен од стравот што го фанал,
дишејќи тешко, спас во тоа бара -

од правта така еден грешник стана

(Пеколот, XXIV 112-118 Препев: Георги Сталев)

Во „Божествената комедија“ често се укажува на болести на нервниот систем. Не е случајно тоа што Данте користи онесвестување за да ги нагласи клучните точки од своето раскажување. Во своите стихови раскажува за напад на епилепсија: ненадејно онесвествување, грчеви, вознемиреност и амнезија. На посреден начин дава и две објаснувања на болеста: народно, тие напади ги препишува на присуството на демонските сили, и медицински, причината ја гледа во запушување на артериите. Зборот употребен во италијанскиот текст „oppilazion“ технички е израз забележан во медицинските книги и опишува запушување на крвните садови.

Отеченост

Тешко е да се заборави сликата на мајсторот Адам, фирентинскиот грешник, што бил проколнат од страна на Данте со водена болест (нездраво исполнување со вода во некоја телесна шуплина). Оваа болест уште и ја нарекувале и „тимпаните“ според латинскиот израз ad modum timpani sonat vender (стомакот одекнува како тапан), исто како што тоа го опишал Данте. Адамовото тело придобило изглед на флејта, стомакот му се надул и затегнал, а лицето му ослабнало заедно со рацете. Устата ја држи отворена од жед, исто како што тоа се случува со болните од туберкулоза. Бидејќи туберкулозата била мошне распространета во средниот век, сосема е можно Данте да се сретнал и со оваа болест.

Голем лекар

Во „Божествената комедија“ се споменуваат имињата на прославени лекари. И не е воопшто случајно тоа што во оригиналниот текст наведени по редот по кои се изучувале на универзитетот. Тоа се грчкиот лекар Хипокрит од Кос (5 век п.н.е.), зачетник на научната медицина, Авицен, арапски лекар (980 – 1037), писателот на Канонот во кој се собрани сите научни сознанија од областа на медицината, Гркот Клаудиј Гален (129-200), чии што учења се мошне почитувани сè до периодот на ренесансата, Аверој (1126-1198), арапски лекар и филозоф, писател на славниот коментар на Аристотел. Учењата на овие лекари се користени од страна на медицинската школа во Салерна, најнапредната институција од тој вид во Европа.

Пред анестезијата

Во времето кога сè уште не постоела анестезијата, во текот на хируршките зафати се користел друг лек против болки: сунѓер. Но, не каков било сунѓер, туку „sponglia somnifera“, сунѓер за заспивање. Го ваделе од морето и го оставале да се суши на сонце, за потоа да го затворат во сад од бакар заедно со опиум, сок од дудинки, сок од листови од капина и бршлен, и сок од афион. Садот е оставан да отстои неколку часа за да ја упие течноста. Потоа повторно се сушел и се оставал да мирува еден месец. Пред употреба, сунѓерот се наводенувал и така влажен се ставал под носот на пациентот, кој чувствувал помалку болка во текот на операцијата поради опојните дејства на употребените супстанци.

Анатомија на окото

Во стиховите од Рајот, Данте покажал дека добро ја владее анатомијата и физиологијата на окото. За да ја објасни појавата на будење од сон, писателот замислил око кое на појавата на силно светло трча кон него поминувајќи низ слоеви на мембрана. Промените во видното поле се чести во „Божествената комедија“. Во десеттото пеење во „Пеколот, Фаринат го дели Уберт (осуден на вечен оган како неверник) пророкувајќи ја Дантеовата иднина, додека неговиот сосед Кавалканте Кавалканти не знае за судбината на својот син Гвидо. За да ја објасни оваа разлика, Фаринат ги споредува грешниците со далекувидните, оние кои добро можат да ја видат иднината (моќ на пророкување), но не го гледаат добро тоа што е пред нив (случувањата во сегашноста).

Јадеж

И видов двајца – чело покрај чело –
Ко тава покрај тава, толку сродни,
А крастави по гнасна снага цела.

На светот нема побрз чешач од нив:
Ни слуга кого стопанот го вика
Ни оној којшто чеша ждрепци плодни.

Се чешаат со таква болна лика,
Разбеснети на сврдежот, а надеж
За друг лек нема, само болот блика.

Со нокти, како нож, по оној јадеж
Застругале и лупат красти полно,
Та небарем од риби лушпи вадат.
(73-84)

Во објаснувањето на болеста која ги напаѓа грешниците на Данте, коментаторите се бунат меѓу шуга и јадеж. Јадниците прекриени со красти, кои чувствуваат невиден јадеж, се чешаат еден од друг. Промената на кожата и јадежот може да се симптоми на двете болести. На други места во „Божествената комедија“, Данте веќе ги споменал лишаите и сличните болести на кожата.

Внатрешни органи

Точниот анатомски израз во описот на физиолошките појави, трудољубивоста во набројувањето на различните болести, сето тоа говори во прилог на претпоставката дека Данте добро ја познавал медицината. Описот „сеач на неслога“, а меѓу нив и искасапеното тело од кое висат внатрешните органи и се гледаат органите во близина на срцето, исто како и желудникот, како да се преземени од некоја книга за медицина. Некои сметаат дека Данте ги добил овие знаења од прва рака, присуствувајќи на аутопсија.

Во текот на раниот среден век луѓето се касапеле во научни цели, а дури во 1316 година Моднино де Лиуци во Болоња ја извел првата јавна аутопсија. Аутопсијата барала учество на три лица: запишувач, кој би го цитирал и коментирал текстот на Гален; хирург, ги извршува хируршките интервенции, и покажувач, што покажува на работите кои ги кажува запишувачот. Од стиховите на Данте може да се заклучи дека присуствувал на покажување на дупка во мозокот. Се гледаат цревата, стомачниот ѕид веќе ништо не е во состојба да држи на место, а се наѕираат и срцето, белите дробови и бубрезите. И описот на желудникот во кој храната се претвора во измет е во согласност со учењето на Аристотел дека во желудникот, храната почнува да го менува својот облик.

Заболени места

За да ги опише маките на грешниците, Данте ја споредува нивната болка со маките на болните кои се лечат во Мареми и на Сардинија, во многу нездрави подрачја. Таму имало болници во кои сите болни лежеле заедно бидејќи поимот зараза бил речиси непознат. Во Мареми владеела маларија. Тоа го потврдуваат и бројните стихови посветени на оваа болест. Во осмиот круг на Пеколот во кој се влегува преку грбот на митолошкото чудовиште Герион, Данте го опишува својот страв со споменување на „квартанската“ треска, напади типични за болните од маларија, што се повторуваат секои четири дена. Описот на маларијата е беспрекорно точен.

Но, гледај долу: онде поток врел
Под крвје тече! Во него се капи
Тој, што на ближни да се сили зел.

О, алчност тапа, гневу слеп, ти стапи
Та живи што се наслугувавме!
Наградите во Вечната се скапи!

Извор: Политикин забавник

Илустрации: Гистав Моро, Пеколот од Данте

До кога главен извор на

До кога главен извор на текстови ќе ви биде Политикин забавник? Целосно неспособен уредник.

Супер е забавник! Отсекогаш

Супер е забавник! Отсекогаш бил супер! За сите од 7 до 107 години! И баш е добро што Окно се труди да не биде екстремно елитистичко, туку да има и текстови со малку поедноставен јазик - какви што негува Забавник. Тоа не значи дека тие текстови се помалку вредни. Само се обраќаат кон малку поширока публика. И притоа имаат блага нота на едукативност.
Значи, освен што треба да се пофали непретенциозната едукативност на Окно, добро е и што секогаш се наведуваат изворите и авторите на текстовите. Тоа ретко се прави меѓу македонските портали.

Фала за критиките, добри и

Фала за критиките, добри и лоши! Се трудиме премногу да не експлоатираме одредени извори на прилози за Окно. Од Политикин Забавник последнава година сме имале триесетина прилози. Годишно, инаку, на Окно, се појавуваат околу 3000 прилози.

Македонската публика, за жал,

Македонската публика, за жал, е на толку ниско културно рамниште, во просек, што дури и изборот текстови од легендарниот Политикин Забавник понекогаш изгледа како преинтелектуално четиво за овдешните ниски културни потреби. Окно добро ги погаѓа работите. Изборот од Забавник е одличен! Само продолжете така!

Се кладам со живот дека

Се кладам со живот дека претходните три коментари се напишани од еден ист човек (сите знаеме кој е тој).

ОкоБоли главаВицФото