Домашни машини што мислат

09.08.2012 09:39
Домашни машини што мислат

Големиот напредок остварен на полето на вештачката интелигенција е насочен кон иста цел: полесен, поедноставен, посигурен, подолговечен и подобар човечки живот. Меѓутоа, поголемиот дел од досегашните успеси на вештачката интелигенција се сведуваат на имитација во извршувањето на одредени работи, онака како што би ги извршило човечкото битие.

Но, со усовршувањето на методите доаѓа до нови сознанија и затоа нема да нè изненади создавањето на потполно нови „видови“, кои нема само да го имитираат човекот туку истиот резултат ќе го постигнуваат на поинаков начин, кој ни е својствен нам. Со постојаниот пораст на силата на компјутерите и сè подоброто разбирање на функционирањето на човечкиот мозок, прашање на време е кога тие ќе се обединат.

Резултатот е вештачката интелигенција (AI-artificial intelligence), која понекогаш е многу слична на она што сме го гледале во научно-фантастичните филмови. На пример, компјутерот ХАЛ во филмот Одисеја во вселената 2001, ни дава можност да видиме дека дури и со голема претпазливост грешките се можни и често чинат многу. Затоа не нè чуди постепениот развиток на проектите од оваа област, но, охрабрува фактот дека колку повеќе се успешни експериментите, толку пошироката јавност со зголемен интерес ги следи новитетите на полето на вештачката интелигенција.

Насоката на развојот грубо може да се подели на два дела, од кои првиот го имитира човековото размислување и неговите реакции, а другиот би се засновал на самостојното размислување и донесување на „умни“ одлуки во склад со настанатата ситуација и претходното искуство. Очекувано е дека ќе има експерименти кои ќе имаат за цел, префрлување на човечката свест во некој поинаков облик. Но, тоа веројатно нема да биде во блиска иднина. Засега, некои можности кои го подобруваат квалитетот на животот како што се избегнување на инвалидитетот, забавување на стареењето и поквалитетно животно окружување ќе бидат сосема доволни за да се продолжи развојот на вештачката интелигенција.

Автомобили со мозок

Колку сме далеку од интелигентните автомобили? Замислете возило на кое ќе му дадете задача да ве одведе во Виена на кафе, притоа самото да го помине повеќечасовниот пат, а потоа и да ве врати назад. Потпрете се на седиштето, договорете се со автомобилот кое кафуле е најпожелно, а потоа вратете се на редовната дневна работа или уште подобро, дремнете. Изглеа дека таа идеја им е примамлива и на производителите на автомобили, а првиот сериозен продор на таа тема ја направи Мерцедес бенз во далечната 1980 година, со своето роботизирано комбе-возило.

Благодарение на вградените камери во предниот дел, ова возило достигна брзина од 100 километри на час, без човечко влијание, но на пат на кој немаше други возила. Мерцедес продолжи понатаму со развивање на своите системи, па во 1995 година, со специјално опремениот модел од С класата, го помина патот од Минхен до Копенхаген, со компјутерска контрола на 95% од времето. Максималната постигната брзина беше 175 километри на час, а најдолгата помината дистанца без човечка интервенција изнесуваше 158 километри.

И останатите произведувачи и групации, во последните години се вклучија во развојот на овие возила, па Алан Тауб, потпретседателот на Џенерал Моторс, минатата година изјави дека до 2015 година во понудата ќе имаат возила кои можат да се движат самостојно, но со човечки надзор, а дека до 2020 година ќе понудат возила кои се потполно независни од човечкото влијание. За да заживеат овие проекти, не е доволно да се развие само вештачката интелигенција во возилата, туку да ѝ се овозможи пристап до соодветните информации.

Освен визуелните податоци и податоците кои се добиени од Џи Пи Ес (GPS) системот, овие возила меѓусебно ќе разменуваат информации за состојбата на патиштата, застоите и судирите како и за временските прилики. Многу унапредувања можат да се остварат со имплементација на овие технологии, па не е далеку ситуацијата во која на една крстосница нема да има семафор, затоа што автомобилите бежично ќе комуницираат со контролор.

Во случајот на транспортните возила ќе имаме брза достава, затоа што на овие возила нема да им биде потребен одмор, спиење и останатите „детали“ кои се важни за човечкиот вид. Се очекува драстично да се намали бројот на сообраќајни незгоди, бројот на повредени лица и материјалните трошоци. Дека делумната употреба на бетмобилот и пиењето кафе во Виена не се толку далеку, покажува и најновиот успех на инженерите од Гугл, кои со проектот Google Driverless Car (автомобил без возач) освоија бројни награди и во мај оваа година регистрираа модифицирана „тојота приус“, како прво возило без човек-возач, кое е соодветно за употреба во јавниот превоз.

Во својата флота автомобили, со дополнителните модели „приус“, Гугл додаде и „ауди тт“, како и еден модел на „лексус“, а сите се тестирани во реални услови во градот Сан Франциско и околните места. Сите возила, без човечка интервенција, успеаа да ги поминат предвидените 1609 километри, а сите заедно, досега поминаа 225 000 километри. Вградените системи во овие возила се потпираат на вештачката интелигенција и информациите што ги добиваат од услугата Google Street View, како и визуелно од камерите што се поставени на возилата. Тука не е крајот, дополнителните информации се добиваат од радарот за надзор на состојбата пред возилата, потоа ГПС уредите и сензорите за временсите услови што се поставени на покривот.

Цената на овој систем не е соопштена официјално, но се очекува да биде околу 3000 долари, а првите вградувања се очекуваат на луксузните модели на автомобили. Ако веќе се прашувате, едно од возилата, поточно еден од моделите „приус“, учествуваше во сообраќајна незгода и тоа е единственото возило на Гугл што се најде во таква ситуација. Во моментот на незгодата тоа беше управувано од човек.

Роботи хирурзи

За поголемиот број од нашиот вид, помислата на хируршка интервенција е доволно страшна, а идејата таа да биде изведена од робот, без присуство на човек е премногу застрашувачка. Но, како што стојат работите, ќе мораме итно да го менуваме нашиот начин на размислување, затоа што роботизираните хирурзи се иднината.

Нештата рапидно почнаа да се менуваат кон крајот на деведесетите, кога Да Винчи хируршки го изведе првиот бајпас на срце. Системот се состои од оперативна роботизирана столица и конзола со која управува хирург, а во тој момент, основната идеја беше да се минимизираат повредите на ткивото и да се намали постоперативниот период за закрепнување. Тоа е возможно затоа што роботската оператива е попрецизна и поточна, отколку човечката, без влијание на надворешните чинители како што се заморот, емоционалната состојба и друго.

Успешното продолжение следи со Зевс-роботскиот систем со чија помош, двајца хирурзи од Њујорк изведоа операција над пациент кој беше на оперативното одделение во Стразбур, значи на друг континент. Тоа беше пионерски потфат кој овозможи хирургот и пациентот, за време на операцијата, да се наоѓаат на различни локации, па затоа транспортот на пациентот кој е често комплициран или невозможен, на овој начин е избегнат.

Вистинската вештачка интелигенција настапи на сцена пет години подоцна, кога роботот самостојно и без влијание на хирург изведе операција на срце, за да се спречи срцевата аритмија кај пациентот. Вештачката интелигенција која управуваше со овој робот, потребните информации за изведување на операцијата, ги црпеше од базата во која се вградени 10 000 операции од истиот вид, а проверката на моменталната состојба на пациентот е извршена со анализа на снимките од камерата.

Според мислењето на лекарскиот конзилиум кој го следеше текот на операцијата и постоперативната состојба, квалитетот на изведениот зафат беше подобар отколку што се очекуваше од еден натпросечен хирург. Во Љубљана, под надзор на лекарски тим, на чие чело беше докторот Борут Грешак, во септември 2010 година, организирана е операција на феморална артерија. Тоа не беше првата операција изведена од роботи, но оваа не само што беше самостојна туку и за прв пат не ги имитираше движењата на човечките раце.

Тоа отвори простор за употреба на помали алати, минимизирајќи ги повредите и намалувајќи ја можноста нешто да тргне како што не треба. Продолжението на развојот на роботизирани хирурзи, контролирани со вештачката интелигенција е во тек и според некои проценки до 2020 година, нивната улога во некои видови операции ќе биде доминантна.

Жители на иднината

Веројатно веќе сте слушнале за роботизираните домашни вшмукувачи или можеби сте меѓу ретките кои веќе користат нешто такво? Во драстичното намалување на цените, уште една причина поради која се очекува продажен бум, се крие фактот дека вештачката интелигенција која управува со овие механички помошници, станува попаметна и попаметна.

Тие сега можат да ги совладаат скалите, па дури и да излезат на крај со домашните миленичиња. Понатамошниот развој се разгранува, па така имаме поквалитетни уреди за селекција на отпадот од колекторите за отпадни води во големите градски центри. Вештачката интелигенција, во разни облици се користи и на многу други полиња, на пример за истражување на вселената.

Веќе се испратени експедиции на други планети, кои за истражување на теренот и земање примероци користат возила кои се под контрола на вештачката интелигенција, па наместо двонасочни радио врски со земјата, тие самостојно одлучуваат за пронаоѓањето на најдобриот пат или земаат конкретен примерок. Додека истражувањата се извршуваат во Сончевиот систем, напредокот се сведува на елиминирање на времето кое е потребно радио сигналот да го помине патот до Земјата, станува збор за периоди од неколку десетици минути.

За понатамошните излети, вештачката интелигенција ќе биде уште позначајна и ќе ја елиминира потребата за човечка посада која би требало да помине децении, додека патува до конечната дестинација, но и го намалува значењето на директната врска со Земјата, затоа што за прашувањето и одговарањето ќе бидат потребни децении.

Извор: http://www.vreme.com

Слични содржини

Графички Дизајн / Технологија

ОкоБоли главаВицФото