Огниште за деца

08.10.2012 09:26
Огниште за деца

Може ли со релативно ограничени материјални средства да се создаде атрактивна архитектура? Огништето за деца во Трондхајм во Норвешка, на архитектонската канцеларија Хауген/Зохар, е најдобар пример дека може.

Ова мало засолниште кое штити од острата океанска клима дење пропушта онолку светлина колку да се создаде мистична атмосфера за нурнување во светот на бајките, а во поларните ноќи станува мистериозен илуминирачки објект, хипнотизирана огнена топка која повикува на собирање.

Дрвената конструкција со димензии 5,2 x 4,5 m чиј конусен облик е инспириран од традиционалните норвешки колиби, е прицврстена на лесна бетонска плоча која меандрира околу пуштеното огниште. Самата конструкција ја сочинуваат околу осумдесет слоеви кружно наместени дрвени елементи, рециклирани од блиското градилиште. Круговите варираат и имаат релативно изместено средиште во однос еден на друг. Секој круг се состои од дваесет и осум дрвени даски поставени така што го обезбедуваат ефектот на оџак, заштита од дожд и ветер, а овозможуваат и продор на дневна светлина и проветрување на просторот.

Огништето за деца во Трондхајм успешно го спојува локалното градителство и културната традиција со модерното обликување. Со својата аскетска скромност и славењето на престојувањето на отворено оваа градба освои многумина. Влезе во тесниот круг на натпреварувањето „AR emerging architecture awards“, а прикажана е и во склоп на патувачката изложба „Современа норвешка архитектура#7“.

За останатите дела на архитектите на Хауген/Зохар може да прочитате овде.

Извор: pogledaj.to

ОкоБоли главаВицФото