Сплириза: Континуирана различност

06.01.2016 01:45
Сплириза – Континуирана различност

 Графичкиот прилог и нацрт на визиите за градот на иднината на авторот Идис Турато, ги изработила архитектката Ида Крижај Леко

Во времето во кое се остварени речиси сите футуристички поставки на градови, од кога се уважени манифестите на Маринети и спроведени сите предизвици на Метрополис, на архитектот Aнтониo Сантeлиa, се чини дека целосно го изгубивме утопискиот начин на размислување. Како да се изморивме или престрашивме од различниот поглед на свет и неговата можеби подобра, но секогаш неизвесна иднина.
Најдобрата потврда на оваа теза е значајниот податок дека во времето на технолошкиот развој на човештвото, човечката нога, по стапнувањето на Месечината, не стапнала ниту на една друга планета на Сончевиот систем.

Причината за тоа е многу прозаична и банална. Не е администриран и правно вообличен соодветен модел на договор со астронаутот кој би ги предвидел и прифатил сите можни ризици на таквите неизвесни активности. Покрај тоа, ми се чини дека, посебно во контекст на архитектурата, различните нормативи, бескрајните администрации и комплицирање со атестирање на секој производ, потоа мистифицирањето на еколошката одржливост и пропагирањето на комфор и сигурност, секојневното условување со нови стравови, дополнително го искомплицираа и целосно го стопираа промислувањето на новиот, поинаков и поутописки свет околу нас.


Ваквата ситуација, која го оневозможува влегувањето во непознатото и која не ја гледа различноста и ризикот како неопходни состојки во моделите на урбаното промислување на иднината, ги снајде и денешните градови. Денес, главните струи на урбаната наука го насочиле својот аналитички креативен поглед исклучиво на „градолики“ густо населени и заокружени општествено-просторни единици.

Исто така, се чини дека целта првенствено е да се постигне подобрување на комфорот, зајакнување на сигурноста и партиципативноста на граѓаните, преку силна медиумски пропагирана контрола, која единствената новина ја гледа во апликациите, надзорот и „смарт инсталациите“ во градската околина. Во контекст на таквиот поглед на состојбата на нештата, со по некоја жолчна расправа и вредните за пофалба теории за Право на Град, и понатаму многумина веруваат дека идната урбана проблематика суштински е втемелена исклучиво во самите градови.

Но, сметам дека размислувањето за иднината на градовите, за новото и различното користење на планетата, уште во првото согледување на постоечката состојба мора да подразбира дека човештвото, освен што силно ги развило градовите, потполно ги испроектирало и интензивно ги користи и управува со ресурсите, просторите и териториите надвор од самите градови.


Новиот поглед на планирање на урбаната територија за почеток би требало да има основна цел да ги надмине традиционалните сфаќања на урбаното како ограничен тип на населби, давајќи му предност на мултисекуларното, територијалното, разноликото, морфолошки хетерогеното и процесуалната концептуализација на околината.

Секојдневните општествени односи, мрежите меѓу компаниите, пазарот на трудот, изградените средини, инфраструктурата, транспортот, мрежите на новите технологии, екологијата и општествено- економските влијанија, денес се поврзани со внатрешноста на густите кластери. Таквите делови на новиот систем се проширија насекаде, просторно се наметнаа и меѓусебно се поврзаа, за да ја изнедрат неправилната аморфна мешавина на урбаните, рурални и субрурални пејзажи, како на национално, така и на меѓународно, континентално, па дури и на глобално рамниште.


Територијата базирана на вакви претпоставки се наоѓа насекаде околу нас на подрачјето на Хрватска, а во мојот контекст, просторно е врзана за три поголеми градови како подрачја на моето речиси секојдневно делување: Сплит, Риека, и Загреб.

Секој кој барем еден ден престојувал, работел и се возел од Загреб преку Риека, па до Сплит, или обратно, поминувал низ различна и доста хетерогена околина. Со таквото поминување, престој, односно (секој)дневна обиколка доживуваме телесно многу различни предели, перцепираме изградени или неизградени, празни или полни, низински, приморски, планински, дури и шумски карактеристики на просторот.

Реално перцепирајќи го ова опкружување јасно спознаваме дека на целиот тој простор, речиси во целост е изведен „град-територија“, континуирана, хетерогена и меѓусебно лесно достапна урбанизирана платформа – некој нов територијален град – кој често го нарекувам СПЛИРИЗА, спојувајќи го во неа – Сплит, Риека, и Загреб.


Природата на работата, делувањето и секојдневните активности за многумина денес се врзани за повеќе градови, особено во државите просторно не толку големи како што е случајот со Хрватска. Иднината која неминовно донесува развој на инфраструктурата и подобра поврзаност на ваквите подрачја сигурно ќе ги интензивира ваквите сценарија на престој, работа и користење на само наизглед оддалечените и одвоени урбани средини. Така во иднина секој ќе ја составува својата Сплириза, својот спој од повеќе градови или гратчиња во чија внатрешност секојдневно делува и престојува.

За Сплириза е тешко да се каже колку е голема и каков облик има, кога и каде почнувааат нејзините богати различности, нејзините топографски и климатски разлики, а речиси е невозможно да се дефинира каде се нејзините граници помеѓу градот и природата, урбаното, субурбаното и неурбаното. Просторот на Сплириза е територија која спојува, разликува, и истовремено бескрајно слободно нуди непрегледни начини и можности на користење на истовремениот живот, работа и делување во Сплит, Риека, и Загреб, со сите нивни специфични карактеристики.


Овој непрекинат простор како нов град или спој од градови, е верен показател преку кој би можеле јасно да гледаме во иднината на урбанизмот и во иднината на архитектурата. Треба што поскоро да расчистиме со минатите согледувања и да ја надминеме дистинкцијата помеѓу урбаното и неурбаното. Исто така, тоа е прецизен показател дека засекогаш треба да се прекине праксата на диференцирање на населбите со помош на топографијата, обликот, површината на изграденото и неизграденото и бројот на жители.

Од сè што е наведено се наметнува заклучокот дека иднината на градовите, урбанизмот и архитектурата треба да се бара токму во новите можности на управување на ваквите специфични околини во целина, без разлика на неговата меѓусебна оддалеченост, величина и достапност. Би требало да се проектираат и промислуваат односите и системите на спојување, поврзување и вмрежување на различните и на прв поглед неспоиви ентитети – токму како што тоа за мене се Сплит, Риека и Загреб, или во нечија друга лична реинтерпретација спој на некои други три градови.

Иднината на архитектурата е во управувањето и проектирањето на системите, екологијата и инфраструктурата која се движи од сецифично место, до територијата во целина. Современите прашања за „урбаната политика“ и управување со просторот треба да се прошират на соодветен начин, како аналитички, така и просторно, за да можат да се разгледаат тие сложени меѓусебни врски и хетерогени географии.


Ако подобро размислиме, сите градови на иднината замислени на почетокот на дваесетиот век, од Кина до Азија, преку Америка и Европа, одамна се изведени и времето созреа за „нов футуризам“. Во условите за идната планетарна урбанизација нејзините нови можни утопии како процеси на урбаниот раст ќе зависат од оперативниот пејзаж на рамниште на поголемите системи на градови, како Сплириза, чии и најситни контури се менуваат за да ги поддржат и приопштат различните облици на урбанизам.

Денес, со архитектурата како професија, треба да собереме сила и енергија да се соочиме со новата иднина. Треба да пронајдеме време и трпение на околината да ѝ ја објасниме важноста на прифаќање на ризикот и предизвиците на новото и непознатото. За тоа да ни успее, понекогаш мораме да ги преиспитаме сопствените вредности, да ја усвоиме новата етика и да ги редефинираме востановените поими. Дури потоа ќе можеме заедно да ги промислуваме новите утопии, сфаќајќи ја утопијата како подобар свет. Сплириза како темел на иднината. Сплириза како реална утопија.

*Авторот на текстот е архитект и професор на Архитектонскиот факултет во Загреб.

Извор: Globus

ОкоБоли главаВицФото