Субвенции за богатите земјопоседници

04.12.2012 09:48
Субвенции за богатите земјопоседници

Има една интересна бројчана симетрија која придонесе за неуспехот на европскиот самит. Предложениот буџет беше за 50 милијарди евра поголем отколку што британската влада можеше да прифати. Толку секоја година им се дава на европските земјоделци. Британското спорно „буџетско враќање“ изнесува околу 3,6 милијарди евра годишно: нешто помалку од нашиот придонес за европските земјоделски субвенции.

Над главата на минатонеделниот самит, загадувајќи ги сите преговори, висеше огромната канта со свинска маст наречена заедничка земјоделска политика. Преговорите пропаднаа делумно зашто претседателот на Советот на Европа, под притисок на Франсоа Оланд, предложи кантата да се зголеми за уште осум милијарди евра во следните шест години. Ретко се согласувам со нив, но британската и холандската влада имаа право кога го одбија тоа.

Неверојатно е тоа што народот од Европа го толерира овој грабеж. Земјоделските субвенции се современ еквивалент на арачот: данокот кој средновековните вазали морале да го плаќаат на своите господари за привилегијата некој да ги угнетува. Системот на единствено плаќање, од кој се обезбедува најголемиот дел од парите, претставува награда за поседувањето земја. Колку повеќе земја поседувате, толку повеќе ќе добиете.

По некоја чудна коинциденција, најголемите земјопоседници се некои од најбогатите луѓе во Европа. Секој даночен обврзник во ЕУ, вклучувајќи ги и оние најсиромашните, ги субвенционира овие господа: не еднаш, како кога ги спасувавме банките, туку постојано. Секое британско домаќинство во просек плаќа 245 фунти годишно за милионерите да можат и понатаму да живеат живот на каков што се навикнале. На овој континент немало порегресивен облик на оданочување од симнувањето на старите автократски режими. Пуштете ги француските земјоделци кои ги посипуваат улиците со лепешки: ние би требало да ги посипеме со лепешки нив самите.

Не би било чесно да застанеме на нив. Во Британија има многу луѓе кои заслужуваат ист третман. Минатата година, парламентарниот Одбор за екологија, храна и рурални работи, во својот бизарно субјективен извештај, заклучи дека системот на земјоделски субвенции не оди доволно далеку. Тој одбор сака освен исплата за земја, да се обноват и исплатите за сточните грла: пари за секое животно кое земјоделецот ќе го истера на ливада.

Со оваа будалаштина не можат да се мерат ни Французите. Исплатите за сточни грла се укинати поради многу добри причини во 2003. Тоа беа паричните поттици по брдата да се појават што повеќе животни (главно овци), без оглед на влијанието врз околината и здравјето на овците. Овие дополнителни овци го преплавија и пазарот и финансиски ги упропастија земјоделците на кои исплатите наводно им помагаа. Предлогот на одборот е во склад со стариот идиотски европски принцип: колку е некоја област помалку погодна за сточарство, толку повеќе пари да се потрошат за сточарството да се зачува таму.

Ваквиот пристап се оправдува со едно недокажано тврдење: дека земјоделството, особено во планинските области, е неопходно за заштита на животната средина. Европската комисија тврди дека земјоделството е нужно за „борба против губењето на биодиверзитетот“ и намалувањето на емисијата на штетни гасови. Парламентарниот одбор тврди дека помалиот број говеда и овци на планините довел до „недоволно пасење“ кое предизвикува такви ужаси како што е растењето на тревата. Како природата успеа да преживее три милијарди години пред луѓето да почнат да се грижат за неа, ќе остане вечна мистерија.

Овие изјави ретко се проследени со што било што личи на научен доказ. Во нив се огледува библиското сфаќање на улогата на човекот во природата. Убаво е да се мисли дека земјоделците во ридестите краишта, т.е. земјопоседниците со кои е најлесно да се сочувствува, работат само корисни работи, но едноставно не е така.

Поплавите од нов вид кои сега ја погодуваат Британија се поради пасењата на ридовите, кои го спречуваат растот на дрвјата и грмушките. Колку е поретка вегетацијата која ги покрива ридовите, толку побрзо водата истекува. Дрвата и грмушките задржуваат повеќе јаглерод - и над и под земјата - отколку пасиштата. Во претходните неколку децении дојде до катастрофално изумирање на дивечот во земјоделските области, што е резултат на пасењето, одводнувањето, инсектицидите кои ги трујат потоците и земјоделското расчистување теренот. Минатата недела шокантниот извештај за состојбата на птиците во Британија откри дека од 1966 се изгубени 20% од сите видови птици, додека во земјоделските области таа стапка изнесува над 50%.

Системот за субвенционирање не само што го поттикнува ова уништување: тој го условува. Еден европски услов за исплата на најголемата сума пари е земјоделците да мораат да го спречат „растот на непосакувана вегетација на земјоделското земјиште“. Со други зборови, мораат да ги исечат дрвата и грмушките. Не мораат да одгледуваат посеви или да чуваат стока за да добијат пари, но мораат да ја косат тревата. Ширум Европа се уништуваат важни природни видови - често на земјоделски бескорисна земја - само за да се прошири земјата за која може да се добијат субвенции.

Европската комисија тврди дека субвенциите се неопходни за да им се помогне на земјоделците „да дадат придонес во растечката побарувачка на храна, за која се очекува... дека ќе порасне за 70% до 2050 година“. Но, ако се очекува светската побарувачка да порасне за 70%, што ќе ни се субвенции? Не толку одамна, земјоделските исплати беа оправдувани со тоа што светската побарувачка е ниска. Сега се оправдуваат со тоа што светската побарувачка е висока. Прво се донесуваат уредби, па изговорите се смислуваат подоцна.

Иако Дејвид Камерон има право што бара крупни резови, истовремено се противи на единствената макар и малку прогресивна мерка во реформските предлози на Комисијата: парите кои еден сопственик може да ги добие да се ограничат на максимални 300.000 евра. Ова, се жали нашата влада, би ја дестимулирало „консолидацијата“ на земјата. Британија уште сега има една од највисоките концентрации на сопственост на земјиштето во целиот свет. Уште колку „консолидација“ ни треба? И колку бесрамно Камерон може да ги застапува интересите на своите аристократски другари?

Европа е во криза. Во криза е затоа што пари повеќе нема. Клучните јавни услуги се поткаструваат (често неправедно и непотребно), додека истовремено на земјопоседниците им се исплатуваат 50 милијарди евра. Оваа потрошувачка е толку скандалозна, толку очигледно неодбранлива, што е несфатливо зошто со неа не се занимаваат активисти од поширокиот политички сектар: од UK Uncut до Сојузот на даночни обврзници. Ретко во историјата на човековите судири толку луѓе давале толку многу во шепите на поединци.

Извор: The Guardian