1020 hPa
93 %
7 °C
Скопје - Пон, 14.10.2024 06:59
Рускиот напад на Украина повторно и истовремено во Европа го наметна прашањето за енергетската сигурност и европската зависност од руските фосилни горива како еден од клучните проблеми.
Цените на нафтата и гасот ги достигнаа повеќегодишните максимуми откако САД на 8 март воведоа забрана за увоз на нафта од Русија, додека истиот ден Европската комисија го претстави планот кој во наредните години треба да ја прекине големата зависност на Европската унија од руските фосилни горива.
Јасно е дека после војната во Украина многу нешта нема да бидат исти. Според известувањето на светските медиуми за две недели од почетокот на војната од Украина избегале околу 2 милиони луѓе, а односот помеѓу Русија и западниот свет е трајно нарушен. И додека комплетните последици од санкциите ќе бидат познати дури во наредниот период, нема сомнеж дека сè ќе влијае и на енергетската транзиција и плановите на државите за запирање на климатските промени.
Европа сака што побрзо да ја прекине својата зависност од рускиот гас
„Мораме да станеме независни од руската нафта, јагленот и гасот. Едноставно не смееме да се потпираме на снабдувачот кој експлицитно ни се заканува“, изјави претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен на претставувањето на планот REPowerEU кој треба да обезбеди европска независност од руските фосилни горива.
ЕУ сака побарувачката на рускиот гас да ја намали за две третини до крајот на 2022 година, а предложена е и законска обврска сите складишта на гас во Унијата до 1 октомври да бидат најмалку со 90 проценти исполнетост.
Меѓутоа, тоа нема да биде едноставна задача. Европската унија 90 проценти од своите потреби за гас ги подмирува од увоз, а клучен снабдувач е Руската федерација од каде доаѓаат 45 проценти од вкупниот увоз. Имајќи го ова предвид јасно е дека енергетскиот систем во Европа го чекаат радикални промени какви не се видени од кризните ситуации во минатото.
И додека многу експерти и официјални лица новонастанатата ситуација ја гледаат како можност за забрзување на енергетската транзиција и преминување на обновливи извори на енергија, поединци оценуваат дека за остварување на енергетската сигурност ќе биде клучно отворање нови наоѓалишта на фосилни горива кои би можеле да ги загрозат европските цели за намалување на емисиите на гасови со ефект на стаклена градина.
Забрзан премин на обновливи извори како пат за излез од кризата
Франс Тимерманс, извршен потпретседател за Европскиот зелен договор, за наредниот период најави развој на обновливи извори на енергија со „молскавична брзина“ истакнувајќи дека тие се евтин и чист извор на енергија кој креира работни места во Унијата наместо давање пари во индустријата за фосилни горива во странство.
Германија официјално ги потврди своите планови до 2035 година да произведува 100 проценти од електричната енергија од чисти извори, а министерот за финансии Кристијан Линднер најави инвестиции во вредност од 200 милијарди евра за да се исполни оваа цел.
Урсула фон дер Лајен исто така ја потенцираше важноста на брзите инвестиции во обновливи извори: „Колку побрзо се префрлиме на обновливи извори и водород, со унапредување во енергетската ефикасност, толку побрзо навистина ќе станеме независни и ќе управуваме со сопствен енергетски систем“, изјави таа.
Замената на фосилните горива чија цена е нестабилна и зависи од многу економски и политички фактори со обновливи извори навистина делува како логичен излез од моменталната криза.
Холандија и Шпанија во последно време ја предводат Европската унија кога е во прашање растот на производството на електрична енергија од обновливи извори благодарение на големиот број нови постројки кои користат соларна енергија и енергија од ветерот. Само последниве две години овие две држави значително ја намалија својата употреба на гасот, Холандија за 22 проценти и Шпанија за 17 проценти.
Многумина шегобијно забележаа и дека додека цените на нафтата и гасот дивеат, Сонцето не ги поскапе своите зраци, а ни ветерот не ја зголеми својата тарифа.
Нови наоѓалишта на фосилни горива и диверзификација на увозот
Иако долгорочната определба на Европската унија лежи во чистата енергија, за брзо намалување на употребата на рускиот гас државите членки ќе мораат да се насочат и кон други решенија.
Во моментов е мошне извесно дека државите ќе мораат да ја зголемат својата потрошувачка на јаглен за да ја надоместат помалата употреба на гасот. Иако Русија истовремено е еден од најголемите снабдувачи со јаглен, за овој енергенс не е потребна комплицирана инфраструктура како за гасот и овие членки на ЕУ наједноствно можат да се насочат кон други произведувачи.
Изминативе денови се појавија и информации дека Германија би можела да го одложи затворањето на преостанатите нуклеарни централи или дури повторно да активира некои кои неодамна беа згаснати. Меѓутоа највисоките германски претставници на 8 март ја отфрлија таквата можност истакнувајќи дека преостанатите три електрани немаат доволно гориво за да продолжат да произведуваат електрична енергија и во 2023 година, а дека процесот за повторно активирање на оние кои веќе се неактивни би бил комплициран и би траел предолго.
Покрај тоа се зборува и за отворање нови полиња за производство на течен природен гас во САД и изградба на инфраструктура која треба да обезбеди повеќе од ова гориво во Европа, а одредени држави исто така разгледуваат активирање домашни проекти за експлоатација на фосилни горива за да се заштитат од големата нестабилност на цените.
Меѓутоа, проблемот со ова решение е тоа што за реализирање на таквите планови е неопходно многу време. Потребно е да поминат години додека новите наоѓалишта на фосилни горива не почнат да ја снабдуваат Европската унија, а нивната употреба ќе мора да има ограничен рок на траење за да не го загрози исполнувањето на европските цели за намалување на емисиите на гасови со ефект на стаклена градина.
Наспроти сите претходни идеи е и предлогот за радикални вложувања во унапредување на енергетската ефикасност која би можела да ја намали побарувачката за енергенси. Според некои анализи, само изолацијата на покривите и таванскиот простор би можеле да ја намалат потрошувачката на енергија за греење за 14 проценти на ниво на цела ЕУ.
Пред нас се големи проблеми
Без разлика каков одговор на енергетската криза најпосле ќе биде доминантен, јасно е дека Европската унија на ова поле ја чекаат огромни промени. Научниците и климатските активисти често од донесувачите на одлуките бараа кон прашањето за климатските промени да се однесуваат како кон криза, меѓутоа иако терминот „климатска криза“ во последно време се користи повеќе од порано, јасно е дека климатските промени сè уште се сметаат за доминантен проблем кој се наоѓа во далечна иднина.
Тоа ќе се промени со војната во Украина. Политичката волја, мобилизацијата на капитатот и поддршката на јавното мислење за промените кои треба Европската унија да ја направат енергетски независна од Русија, значат дека сега ќе имаме можност навистина да видиме брзи и драматични промени кои треба да го трансформираат целиот енергетски систем на Европската унија за само неколку години.
Она што останува како прашање е дали ова навистина ќе послужи како дополнителна причина за забрзување на енергетската транзиција или државите ќе се насочат кон познат рецепт и зголемување на производството на фосилни горива.
Судејќи според изјавите на највисоките претставници на ЕУ, но и државите членки, определбата кон обновливи извори на енергија е несомнена, но сè уште постојат многу неизвесности. Не е познато колку ќе трае војната, колкав ќе биде конечниот досег на санкциите кои ќе ѝ бидат воведени на Русија, како ни целосните размери на нивното влијание на светската економија. Единствено во што можеме да бидеме сигурни е дека глобалниот енергетски систем не се сретнал со вакви шокови уште од нафтената криза на седумдесеттите години од 20 век.
Меѓутоа, каков и да биде конечниот исход во однос на енергетската транзиција, во моментов сепак е најважно што побрзо да заврши војната и страдањето на цивилите.
Превод: Алек Кузмановски
Слики: Kathleen Vance
Извор: https://klima101.rs/