НАТО го забрзува климатскиот крах

20.10.2023 01:56
НАТО го забрзува климатскиот крах

НАТО навистина е во добра состојба благодарение на Владимир Путин, но иако неговите непосредни шанси ветуваат, целата иднина на сојузот би требало да биде доведена во прашање.

Во моментов, кога Финска и Шведска се придружуваат на НАТО, Путин се соочува со проширен сојуз против него. Угледот на НАТО толку е поврзан со судбината на Украина што, во малку веројатен случај Русија да постигне значајни воени победи во конфликтот, не смее да се дозволи Киев да изгуби. Од перспектива на Путин, неговото предупредување на почетокот од минатата година за заканата што ја претставува НАТО за Русија, стана самоисполнувачко пророштво. Тоа барем му овозможува да тврди, „Ви реков“ - што помага во одржувањето на домашната поддршка.

Во меѓувреме, позицијата на НАТО во јавноста е сè подобра. По многу години водење катастрофални војни, од Авганистан, преку Ирак до Либија, сега јавноста може да заборави на тоа - без оглед на трајните човечки катастрофи кои ги остави зад себе.

За нештата да бидат уште порозеви, воените буџети се зголемуваат, се развиваат бројни нови оружја, а постоечките се произведуваат во огромни количини. Двете нешта ќе резултираат со поголеми профити на воената индустрија зашто земјите ширум светот брзаат да купат нова опрема, дури и ако нивните вооружени сили немаат врска со војната во Украина.

Продажбата на оружје директно е поттикната од искуството на војната во Украина. Министерот за набавка на одбранбена опрема на Обединетото Кралство, Џејмс Картлиџ, неодамна изјави дека новите проектили испратени во Украина добиле „сјајни критики“. Сега Украина поседува „моќно оружје“, а технологијата е „исклучително барана“.

Олексиј Резников, поранешен украински министер за одбрана, тоа го ирзази уште подиректно: „Нашите западни сојузници сега можат да видат дали нивното оружје функционира, колку ефикасно работи и дали треба да се надогради. Глобалната воена индустрија не може да измисли подобар полигон за тестирање.“ А за ситуацијата да биде уште подобра за индустријата со оружје, Џо Бајден сега го споредува конфликтот со почетокот на Студената војна, очигледно размислувајќи со термини од следните години на војната.

И покрај тоа НАТО внимава да не се заплетка премногу, имајќи го предвид ризикот дека Путин би можел да премине на поекстремна тактика. Ова е една од причините зошто на Украина нема да ѝ биде дозволено придружување во НАТО во скорешно време.

Освен тоа, темелните проблеми се однесуваат на фактот дека војната е длабоко вкоренета, НАТО сè повеќе се чувствува сигурен во себе, а компаниите за производство на оружје собираат богати профити.

Од друга страна, ширум глобалниот Југ, оваа војна главно се перципира како огромно одвраќање од многу поважни предизвици. Прво, иако можеби Русија ужива малку поголема поддршка, заедничко стојалиште е „одете сите по ѓаволите“ наместо поддршка на НАТО. Проблемите кои сè уште одекнуваат на Блискиот исток и западна Азија се поврзани со разорните учиноци од конфликтите по 11 септември, западните неуспеси и огромните загуби на човечки животи. Она што преовладува во целиот тој регион, вклучувајќи ја и Африка е искуството со колонијализмот.

Во основа, сè повеќе преовладува стојалиштето дека глобалниот климатски колапс и бројните последици и растечките катастрофи, особено за посиромашните региони, претставуваат значително поголем предизвик од војната во Украина.

Иронично е што на неодамнешниот самит на НАТО доминираше темата за конфликтот во Украина баш во момент кога појасот земји од Шпанија до Турција доживуваше екстремни температурни бранови додека во областа пустошеше антициклонот Кербер. Се очекуваше Италија, Франција, Шпанија, Хрватска, Грција и Турција да доживеат температури од 40 степени целзиусови, а Сардинија и Сицилија дури 48 степени, потеницијално достигнувајќи ги највисоките температури некогаш забележани во Европа според предвидувањата на вселенската агенција.

Меѓу државите членки на НАТО врската помеѓу војните и екстремното време едноставно не е воочена. Иако НАТО веќе 70 години е посветен на „воената заштита“, овој воен сојуз не е соодветен за соочување со најголемиот светски безбедносен предизвик: климатскиот колапс. Тоа е соодветен пример за изреката: „Ако имаш само чекан, сè изгледа како шајка“.

Климатскиот циклус со јужна осцилација влегува во фазата Ел Нињо, која во комбинација со постоечкото глобално затоплување ќе донесе години со сериозно екстремни временски услови кои ќе се протегнуваат до средината и на доцните 2020-ти. Навистина, неодамнешниот топлотен балон над САД и Мексико, шумските пожари во источна Канада, временскиот систем Кербер во јужна Европа и големите поплави во Индија се рани предупредувања за далеку поголемите проблеми кои ќе следат без моментално и радикално намалување на емисијата на гасовите со ефект на стаклена градина.

Можеби сите овие знаци на предупредување ќе доведат до посакуваните потребни промени на нашите приоритети. Трошењето милијарди за војска може да доведе до висока профитабилност, но потполно ја промашува целта кога станува збор за најголемиот безбедносен предизвик со кој се соочува целиот свет.

Превод: Алек Кузмановски

Фотографии: Bernhard Lang

Извор: https://h-alter.org/

ОкоБоли главаВицФото