Крај на свеста

21.12.2012 10:56
Крај на свеста

Кога ќе заврши нашата календарска година, на 31 декември, правиме журка, а не одиме во подрум со паштета и конзервирана сардина. И пак џабе. Ни здравиот разум не е утеха. Дури и Маите навистина да мислеле дека 21 декември 2012 година ќе биде крајот на светот (а не мислеле) - кому е гајле за тоа?

Денес нема да има крај на светот, но ќе има многу приказни за него. Вистинската тема на целото ова белосветско глупирање всушност е крајот на свеста, а не на светот. Зашто, и покрај научните аргументи и здравиот разум, тропањето глупости не престанува.

Астрономите јасно рекоа дека нема никакви заканувачки небесни тела на телескопскиот видик, геолозите дека нема никакви поместувања на земјината кора, а геофизичарите дека нема никакво поместување на земјините полови или земјината ротација, и не вреди. И кутрите антрополози детално објаснија дека Маите навистина ги имале тие фамозни календари, но дека на крајот на еден календарски циклус организирале гозби, баш како и самите ние. Кога ќе заврши нашата календарска година, на 31 декември, правиме журка, а не одиме во подрум со паштета и конзервирана сардина. И пак џабе. Ни здравиот разум не е утеха. Дури и Маите навистина да мислеле дека 21 декември 2012 година ќе биде крајот на светот (а не мислеле) - кому е гајле за тоа? Од каде воопшто ни паѓа на памет дека Маите, или кој било, би можеле да го предвидат крајот на светот? По ѓаволите, фамозните Маи не успеале да го предвидат ниту крајот на сопствениот свет - шпанските освојувачи кои ја урнале оваа цивилизација помеѓу 1527 и 1546 година. Зошто воопшто сметаме дека тие би можеле да го знаат тоа?

Затоа, проблемот на апокалипсата во 2012 е всушност наш проблем - и тоа проблем на преживување на човечкиот разум, а не на човечкиот свет. Односно, тоа е проблем на нашите верувања, докази, аргументи и знаење. Прашањето е, всушност, следново: од каде ни е антимодерната и романтичарска идеја дека Маите знаат нешто повеќе од она што го знаат денешните научници? И зошто толку спремно го суспендираме разумот на секоја евтина мистична приказна која не се согласува со доказите?

Со други зборови, зошто одгледуваме, храниме и пренесуваме неоправдани верувања, кога оние оправданите - наречени човечко знаење - ги има толку многу и се толку (по)фасцинантни од овие припростите, преџвакани и веќе видени апокалипсарии. Приказната за космосот и постоечките небесни тела е бескрајно интересна, и не ни е потребно измислување на некаква планета Нибиру или - како некој намерно да се заебавал - Планета Икс, која би требало да нè уништи утре. Исто е и со злоупотребувањето на Маите: приказната за нивните градови, писмото, кралевите, положбата на жената, човечката жртва и колапсот е потполно фасцинантна сама по себе. Зошто мораме така тапо и евтино да измислуваме дека имале некаков натприроден пророчки прозорец кон иднината?

Она што е евтино и тапо во сево ова е всушност острицата на нашето критичко мислење. Затапеноста или отсуството на став кон светот кој бара докази за неверојатното тврдење. Оттука таа неподнослива леснотија на прифаќањето на секоја дежурна глупост и атрактивноста на секоја псевдонаука која ќе ја чуеме од сосетката или ќе ја прочитаме на интернет. И затоа поентата не е во потсмешливото гледање од висина на оние кои навистина се плашат од крајот на светот поради некакви Маи - зашто тоа најверојатно и го нема.

Веројатно ретко кој ќе трепери додека со очите гледа во небото чекајќи астероид поради исфабрикуваната глупост за дамнешната цивилизација која ја прочитал во весник. Но, што правиме со верувањето во судбина и нејзиното предвидување воопшто? Од работите кои ни се поблиски од плочките на Маите - од датумот на раѓање, дланката, картите, соништата, коските, трагите на кафето во шолјата, пророштвата на Нострадамус, Библијата или лаптопот?

Зашто, конкретната епизода со најновата апокалипса на Маите ќе биде заборавена, освен за попкултурната антологија на човековата глупост. И ќе ни бидат многу смешни верниците во пророштвото на Маите, но затоа ќе веруваме во аура, фенг шуи, Бермудски триаголник, биоенергија, телепатија, лошото зрачење на мобилните телефони, древни астронаути, привидение на Богородица, женска интуиција, дека Хитлер е жив, а Пол Макартни мртов. И ќе се лечиме со магнети, кристали, макробиотика и ’рскавица од ајкула (или ракија или лук, сеедно), ќе тресеме глупости дека Американците се нападнале сами на 11 септември, а девојката ќе ја прашуваме што е во подзнак додека чукаме во дрво.

И, нормално, ќе помислиме на некој нов крај на светот кога апокалиптичарите на Википедија ќе ги откријат Инките, древните Кинези или Индијци, кабалистите и суфистите, или Квакиутлите или Јаномамите. Краевите на светот доаѓаат и си одат, но псевдонаучното и некритичкото мислење е она што останува. Зашто, крајот на светот не е настан, туку нешто што трае.

Извор: www.danas.rs
Слики: Will Bullas

ОкоБоли главаВицФото