Чекајќи го крајот

04.01.2012 17:20
Чекајќи го крајот

„Нивната пропаст беше природна и неизбежна последица на неумерената големина“, вели британскиот историчар од 18 век Едвард Гибон, авторот на повеќетомното ремек-дело „Падот и пропаста на Римското царство“. Во оваа книга Гибон, меѓу другото, го изнесува и ставот дека всушност и не е чудно што римската империја пропаднала, туку што траела толку долго.

Дали навистина цивилизациите имаат природен рок на употреба по кој се расипуваат или, пак, се враќаат на произведувачот? Со годината што доаѓа, 2012, се поврзува урбаниот мит за календарот на Маите, кои со него, наводно, го предвиделе крајот на светот или барем крајот на цивилизацијата која ја познаваме. Таа ќе заврши на 21.12.2012 година. Факт е дека овој датум е сосема арбитрарен и за самите Маи, бидејќи тогаш само завршува нивниот календар, односно периодот во календарот, но никаде во културата на Маите не постои идеја дека на тој датум ќе се случи апокалипса.

Но, тоа не значи дека некаков конечен крах, кога и тој да се случи, не се очекува во нивното, но и во секое друго гледање на нештата. Речиси и да нема мислители од Гибон, преку Шпенглер, до современите истражувачи кои на овој или на оној начин не го гледаат процесот на развојот на цивилизацијата како пат од развој до конечен крај. Исто како и во случајот со Римското царство, Советскиот Сојуз, Стариот Египет, цивилизацијата на Велигденските острови или цивилизацијата на Маите. Меѓутоа, како и зошто исчезнуваат цивилизациите? Дали тоа е неповратен процес за сите, вклучително и за нашата современа цивилизација?

Годишни времиња

Оставајќи ја настрана големата тема за апокалипсата како културно, теолошко, социјално и психолошко прашање, во секое познато предвидување, да го земеме, на пример, она на Исак Њутн за крајот на светот во 2060 година, цивилизациите на крајот се рушат. Дури и астрономските теории подразбираат дека и самата Земја некогаш, иако значително подоцна, ја очекува крајот.

Мнозинството историчари го делат развојот и опаѓањето на една цивилизација на повеќе фази. Германскиот историчар Теодор Момзен (1817-1903) во делото „Историјата на Рим“, за кое во 1902 година е награден со Нобеловата награда за книжевност, понуди пет историски фази на кои мнозинството истражувачи и денес се потпираат. Така Момзен го дели развојот на цивилизациите на: настанување, растеж, стареење, колапс и опаѓање. Во случајот на Рим овие етапи на развојот се гледаат сосема јасно, а не е тешко да се забележат и кај оние цивилизации кои заземале помала територија и траеле покусо.

Во нешто поинакво решение, германскиот филозоф Освалд Шпенглер (1880-1936) во својата позната книга „Пропаста на Западот“ од 1918 година историјата на цивилизацијата ја дели на четири годишни времиња: пролет, лето, есен и зима.

Денес е општоприфатено согледувањето дека цивилизациите можат да завршат на два можни начини, да бидат разурнати или апсорбирани, во зависност од тоа како се менува нивниот таканаречен капацитет на приспособување. Првиот случај подразбира дека можноста за приспособување нагло ќе се намали, среде надворешната и внатрешната нестабилност, па цивилизацијата нагло ќе пропадне, со војни, преселби и драматично спуштање на нивото на технолошкиот развој. Таквите примери одат од царството на Хетитите, преку Рим и империјата Гупта, цивилизацијата на Маите, до кинеската династија Танг.

Од друга страна, заедницата може полека да се приспособи и да се претопи во некоја нова, поголема и подинамична култура, како што тоа се случи со Византија, Стариот Египет и културата на Астеките и на Инките. Инаку, има повеќе можни начини на кои се доаѓа до тоа – цивилизациите можат да се урнат како кула од карти, но исто така можат и да растат до стадиум на диносауруси или пак да ја загубат брзината, а се базираат врз својата забрзаност и раст.

Критична точка

Цивилизациите, без разлика како ќе бидат дефинирани, се многу сложени системи, кои следат некои конкретни правила, имаат одредена внатрешна динамика и, по правило, достигнуваат до критична состојба. Како што исто така многу сложен климатски систем во некој миг може да достигне критична точка и на планетата Земја одеднаш да завладее ледено време, цивилизациите можат да паднат кога некој од внатрешните или надворешните општествени процеси дојде до својата критична точка.

Во случајот со Римската империја може да се каже дека опаѓањето било бавен процес кој се протегал на повеќе од стотина години. За набљудувачот од оваа дистанца, од самиот крај на временската скала, толку големите и долгорочни цивилизации претставуваат со векови стабилни, моќни градби кои речиси одеднаш се рушат во таканаречениот мрак на Средниот век.

Имено, таквите цивилизации, за време на своето долго траење надминуваат разновидни проблеми, од воени предизвици, до општествени, па секогаш се поставува прашањето како пропаѓаат по една конкретна наезда, природна катастрофа или економски пад.

Ако условно ги набљудуваме во еволутивен клуч, јасно е дека до критичниот миг мора да дојде заради распределба на ресурсите, какви и да се тие. Во некој миг ресурсите веќе не се доволни да ја нахранат и одржуваат популацијата која ја сочинува цивилизацијата. Уште во 18 век математичарот Томас Малтус сметал дека бројот на жителите и количеството на храна секогаш ќе бидат во расчекор.

Имено, според неговата пресметка, бројот на жители секогаш расте побрзо од резервите на храна за една популација. Имајќи го предвид ова пионерско дело, Чарлс Дарвин својата теорија за еволуцијата ја осмисли врз идејата дека поради постојаниот недостиг на ресурси, природните популации водат борба за опстанок. Погледнато од оваа перспектива, би можеле да кажеме дека и цивилизациите се однесуваат како видови кои настануваат и изумираат. Но, оваа слика сепак е премногу поедноставена.

Склоност кон рушење

Постојат цела низа теории кои се обидуваат да ги објаснат причините заради кои еден таков општествен систем станува критично нестабилен. Некои, како гледиштето на Шпенглер, се засноваат пред сè на внатрешната борба во рамки на општеството, каде што секоја цивилизација развива империјалистички желби кои водат во пропаст.

Британскиот историчар и поборник на теоријата за општествените циклуси, Арнолд Тојнби, понуди едно од поинтересните толкувања според кој тесните владејачки елити стануваат паразити на системот кој потоа природно однатре се руши.

Од друга страна, има теоретичари кои сметаат дека економските или моралните причини не се толку важни колку што всушност една цивилизација ја уништува комуникацијата со „варварите“, односно усвојувањето на некои сосема нови вредности и култури. Трети, пак, сметаат дека клучот лежи во неприспособеноста на елитите, кои се добри во решавањето еден вид проблеми, но токму заради успехот на својот начин на мислење на едно поле, веќе не умеат да пронајдат решение кога околностите ќе се променат. Заговорник на оваа идеја е современиот американски антрополог Јозеф Таинтер.

Некои од последните студии пронаоѓаат конкретна листа на можни причини. Така компјутерската анализа на повеќе од четириесет цивилизации кои одамна пропаднале доведе до пронаоѓање пет основни причини за нивно исчезнување: растот на внатрешните немири или закана од инвазија, уништување на животната средина и опкружувањето, природни климатски промени, премногу оддалечени ресурси и зависност од трговија, како и општествен одговор на таквите надворешни закани.

Каде се сите тие

Во општествените науки општоприфатениот став дека цивилизациите имаат свој природен крај може да се согледа и од еден сосема друг, значително оддалечен агол. Имено, колку цивилизациите треба да траат за да дојдат во комуникација едни со други? Ако на временската оска се премногу кратко, тоа практично значи дека не можат взаемно да се видат. Особено кога станува збор за космички временски скали.

Ова прашање го поставил физичарот Енрико Ферми едно легендарно попладне во 1950 година во Лос Аламос, славната лабораторија во која пет години порано е развиена атомската бомба. Американските весници во тоа време биле преполни со вести за наводните средби со вонземска цивилизација, со НЛО, но и подеднакво мистериозни исчезнувања на канти за ѓубре од улиците ширум САД.

Тоа попладне, Енрико Фарми тргал на ручек со уште три научници – Едвард Телер, Херберт Јорк и Емил Конопински. И додека, со оброк во „Фулеровиот пансион“ муабетеле за врската меѓу НЛО и кантите за ѓубре одеднаш Енрико Ферми, најстариот и најугледниот меѓу нив, ја фрла лажицата на масата и првпат го поставува своето славно прашање: „Каде се сите тие?“

Познато како Фермиевиот парадокс, ова прашање, колку и да е едноставно, се основа врз неверојатниот факт дека, ако се земе предвид бројот на ѕвездите во нашата галаксија, би морало да постојат барем милион цивилизации кои би можеле да нè контактираат, а досега не сме виделе ниедна.

Дали тоа е причина што цивилизациите траат прекратко и секогаш се самоуништуваат? И колку ние ќе траеме да за ги видиме и слушнеме? За галактички размери, престојот на луѓето на Земјата е многу покус отколку што е траењето на изолираната цивилизација каква што е онаа на маите. А Маите всушност во својот календар биле премногу оптимистични. Нивниот свет исчезнал со векови пред периодот што го предвидувал нивниот календар.


Извор: vreme.com

Слични содржини

Општество / Наука / Историја
Општество / Свет / Историја
Општество / Свет
Општество / Психологија
Општество / Активизам
Општество / Европа
Општество / Спорт

ОкоБоли главаВицФото