1010 hPa
73 %
20 °C
Скопје - Пет, 11.10.2024 10:59
Зошто Новак Ѓоковиќ не се вакцинираше? Уредно се вакцинираа 3,2 милиони граѓани од нашата (и негова) Република Србија.
Ова е прашање кое во драмата околу визата, судењето и депортацијата на Ѓоковиќ најмногу го интересира овој социолог и колумнист.
Дали така го посоветуваа неговите надрилекари, органските нутриционисти и њуејџ гуруата?
Дали се плаши дека вакцината негативно ќе влијае на неговите перформанси, бидејќи (смета дека) досегашниот режим на исхрана, живот и верувања го направија тениски супериорен?
Или само се плаши од игли?
Дали се сомнева во делотворноста на вакцините - или во постоењето на Ковид 19?
Зарем веќе не изгубивме трагично многу вонсериски таленти како, на пример, Балашевиќ?
Зошто Ѓоковиќ не мисли на своето здравје во епидемијата?
Кои вести ги чита и во каков информациски меур живее?
Сепак патува низ светот и не живее во Долна Мрдуша туку во Кнежеството Монако.
Зарем не забележал колку луѓе се возбудија околу тековната чума и зараза?
Дали тоа е класна (не)свест, фала му на Карл Маркс?
Бројот на починати од Ковид 19 во Австралија е околу 2700, додека во речиси четирипати помалата Србија - официјално умреа околу 13000 луѓе (а веројатно околу 45000).
За таквата разлика треба да им се заблагодариме токму на масовната вакцинација во Австралија и на строгите мерки, кои овде се впечатливо килави.
Дали е можно Ѓоковиќ да не разбрал во каква држава доаѓа, и со каков ковид-режим?
А нели доминантен наратив на националистите и псевдопатриотите е дека треба да се прилагодите на државата во која сте некаков странец?
Митологијата на слизнувањето: Во врска со тоа, можеби Ѓоковиќ настојува да биде бунтовен и да се прави важен, бидејќи тоа е митологијата која за него ја раскажуваат масовните медиуми?
Па наивно им поверувал и се слизнал од тој наратив?
Дали заради изливот на богатство и слава во мозокот, смета дека е исусовски непобедлив дури и пред микроорганизмите?
Или дека само заслужува поинаков третман, зашто привилегирано му се може?
Можеби во игра е политиката?
И тој настојува да демонстрира некаква слобода на избор и го тера естаблишментот по ѓаволите, дури и на сопствена штета?
Па гневен на глобалното село, го отсекува својот полов орган?
Најпосле, дали ваистину верува во белосветскиот заговор за неколкумина моќници од сенка?
Дека лекарите и аптекарите се здружуваат против спортистите, органските селани и чесната интелигенција?
Дека, жими луѓено-гуштери, ќе биде чипуван од страна на Бил Гејтс?
Навистина, во што (не) верува и што мисли Новак Ѓоковиќ за вакцините?
Имено, причините за одбивање на вакцинацијата кај просечниот Петар Петровиќ се комплексни, разновидни и се наоѓаат на континуумот од природна сомничавост, проста имитација на другите од опкружувањето, ниското ниво на општествена доверба, сè до парарелигиските холистички верувања и забеганите заговори.
Тогаш, зошто натпросечниот Новак Ѓоковиќ не се вакцинираше?
Не должи одговор на прашањево - но љубопитни сме.
Оти, колку човек мора да биде тврдоглав околу вакцините, или цврсто да верува во бесмислици, за да ја пропушти можноста да стане - најдобриот тенисер во историјата или на сите времиња?
Нема сомнеж дека Ѓоковиќ беше жртва на политиката во Австралија, односно дека австралиските власти постапуваа додворувајќи ѝ се на сопствената јавност.
И дека е непотребно третиран како илегален мигрант на терен кој со право може да го нарекува домашен.
Но, Ѓоковиќ подеднакво е и жртва на политиката во Србија.
Како и другите држави и општества кои во однос на ковидот беа и останаа претерано релаксирани и каде севкупното снаоѓање и изигрувањето на системот е своевиден модус операнди.
Исто како и останатите граѓани на Србија, и тој стана жртва на општеството кое чувствува бизарна гордост или необична радост во тоа да биде и да остане - контра развиениот, односно настрана од развиениот западен свет.
Од друга страна, не е секогаш „виновно општеството“.
Има нешто и до нас самите. И сето ова немаше да се случи доколку Ноле отидеше директно на вакцинација.
Мисловен деликт: Австралискиот министер за имиграција Алекс Хок призна дека сè е во ред со медицинската документација на Ѓоковиќ.
Односно, дека не е виновен за некое илегално злодело или криминал. Визата му е укината само заради аргументот дека неговото присуство во Мелбурн би можело да ги одврати Австралијците од вакцинацијата.
А тоа, во земја каде веќе се вакцинирани 78 проценти од популацијата, овој аргумент го прави малку претеран, климав и тенок.
Хм, а дали е навистина така? Многу поважно општествено прашање е следното.
Дали Ѓоковиќ е одговорен за нешто? Изгледа дека е.
Ако австралиските судии, министри и колумнаријатот, или востаниците во одбрана и заштита на Новак Ѓоковиќ малку повеќе читаа филозофија а не твитови, таму ќе го пронајдеа следниот поим.
Епистемичка одговорност.
Молам?
Епистема е старогрчки збор за знаење или сознание, па може да се каже и - сознајна одговорност.
Што е пак сега тоа?
Можеби синтагмата е комплицирана, но самиот поим не е толку комплициран.
Имено, кога размислуваме за нашата одговорност, вообичаено мислиме на нештата што ги правиме.
Преземаме одговорност да ги однесеме децата во детска градинка, да ги измиеме садовите или да ги пружиме алиштата после перење.
И да носиме маска и да не се бакнуваме при поздравување во епидемија на коронавирус.
Тоа е одговорно однесување. Меѓутоа, некои филозофи сметаат дека имаме одговорност и кон она што го - мислиме.
И токму тоа е сознајна одговорност.
Звучи будалесто, но одговорни сме и за тоа што го мислиме, а не само за тоа што го правиме. Постојат и мисловни деликти.
Денес луѓето често ќе истакнуваат дека - „имаат право на сопствено мислење“.
Дека можат да мислат или да веруваат во сè што ќе посакаат, сè додека тоа мислење или верување не загрозува некого.
Звучи секси, зарем не?
Па, не.
Реално, не постои нешто такво како што е чисто приватно мислење или исклучиво лично верување.
Од кафeани до интернет, сите ние постојано ги изнесуваме своите мислења, а тоа прави тие да се шират наоколу и да влијаат на другите луѓе.
Дури и доколку не ги изнесуваме јавно, тие и тогаш влијаат на другите преку нашето однесување, ширејќи се без збор, суптилно и невидливо - речиси идентично како и вирусот.
Затоа и нашите мислења, верувања, размислувања, ставови, светогледи, системи на верувања или погледи на светот буквално секогаш имаат потенцијал да им наштетат на другите.
Особено доколку сме популарни и влијателни индивидуи како, на пример, Новак Ѓоковиќ.
Неговите приватни уверувања никогаш не се само приватни.
Можеби и самиот е свесен за тоа, иако веројатно не е стручњак за епистемологија.
Па сепак, не се огласуваше премногу за вакцините и немаме поим зошто точно не се вакцинираше.
Како што уште во 19 век тоа го илустрираше англискиот математичар и филозоф Вилијам Клифорд, да замислиме сопственик на еден стар и дотраен трговски брод, кој е уверен дека неговиот брод (да го наречеме Новакс?) може да издржи прекуокеанско патување и безбедно да стигне до својата цел.
И, бродот потонува, а морнарите се дават.
Дали е виновен неговиот сопственик, односно дали е барем морално одговорен за нивната смрт?
Веројатно да. Токму зашто имал погрешно знаење или верување, спротивно на јасните факти или проверливите докази.
Според Клифорд, тој е (епистемички) одговорен дури и ако бродот по некое чудо безбедно стигнел во пристаништето.
Зошто?
Зашто прифатил некое верување, мислење или став без доволно докази или факти.
Одговорност за (не)знаењето: zначи, луѓето имаат епистемичка или сознајна одговорност.
Имаме и одговорност да мислиме, размислуваме или да веруваме единствено во нештаta за кои имаме докази.
А доколку немаме докази, ние имаме морална обврска да се воздржиме од некое верување.
Наместо да го расфрламе наоколу како говеда лепешки. Во тој контекст, сознајната одговорност најдобро ја демонстрираше фудбалскиот тренер Јирген Клоп, кога на новинарско прашање за коронавирусот, и видно вознемирен, одговори: „Не ми се допаѓа што за волку сериозна работа важно е мислењето на еден фудбалски тренер. Јас не го разбирам тоа. Не е важно што зборуваат познатите луѓе. Мораме да зборуваме за нештата на вистински начин, а не луѓето како мене, без знаење, да зборуваат за нешто. Политика, коронавирус, зошто јас? Јас носам качкет и не сум убаво избричен. Моето мислење навистина не е важно.“
Постојат вина, одговорност, како и сознајна одговорност.
Луѓето имаат одговорност и во поглед на сопственото знаење, сознавање и - незнаење.
Не само по повод делотворноста на вакцините, туку и на пример за уставните промени, политичката корупција, глобалното затоплување и локалните воени злосторства. Ние имаме право на сопствено мислење, но и одговорност за него.
Пред да мислиме нешто, да се запрашаме што се факти и што се докази.
Тешко е, но тогаш ќе живееме еден поморален живот.
И затоа не станува збор само за Новак Ѓоковиќ.
Сите граѓани на Србија, како и светот, би можеле да научат нешто за поимот епистемичка одговорност од филозофијата, истата онаа што ја протеруваме од гимназиите и стручните школи.
Нашето мислење е важно и општествено влијателно, глобално или локално.
Како што активаксерското движење претставува закана за јавното здравје - исто е и со антиваксерското мислење или верување.
И тоа може да им наштети на другите. Адекватното знаење за светот е работа на избор, но и индивидуална одговорност и предмет на етика и личен морал.
Доколку веруваме во нешто без докази или спротивно на фактите, ние не сме кривично, но затоа сме - сознајно одговорни.
„Оној што ќе ве натера да поверувате во апсурди, ќе ве натера да направите злосторства“, порача Волтер.
Или, со зборовите на Вилијам Клифорд: „Погрешно е секогаш, и секаде, и за секого, да верува во што било врз основа на недоволни докази.“ Ние сме одговорни и за она што го мислиме. Дури и кога се викаме Новак Ѓоковиќ, или особено тогаш.
Колажи: Jens Ullrich
Превод: Алек Кузмановски
Извор за текстот: danas.rs