Најчудните војни

25.09.2009 14:11
a382_shortwar.jpg

Човечката пишана историја сведочи за илјадниците војни кои се случиле во минатото, но кои се случуваат и во овој момент. Многу од нив биле неправедни, насилни, разорни (сетете се само на Втората Светска војна и пустошот што го остави зад себе), па и банални. Овде ви наведуваме седум најчудни војни кои се случиле.

1. Англо-Занзибарската војна: најкратката војна во историјата, која траела само 40 минути.

Борбите меѓу Обединетото Кралство и Занзибар на 27 август 1896 г. траеле само 40 минути, правејќи ја најкратката војна во историјата. Причина за војната била смртта на про-британскиот султан Хамад бин Туваини и неговото наследување од страна на султанот Калид бин Баргаш. Британските авторитети повеќе го претпочитале за султан Хамуд бин Мухамед. Во согласност со договорот потпишан во 1886 г., услов за некој да биде султан во Занзибар е дозволата од Британскиот совет, нешто што наследникот Калид не го исполнувал. Британците испратиле ултиматум до Калид барајќи да ги повлече силите и да ја напушти палатата. Како одговор на тоа, Калид ја собрал гардата и се забарикадирал во палатата.

Ултиматумот истекол во 09:00 часот на 27 август, по што Британците испратиле три крстосувачи, два оклопни брода, 150 маринци и морнари, како и 900 Занзибарци. Стрелањето од бродовите започнало во 09:02 часот, ја запалило палатата и ја оневозможило противодбраната. Знамето на палатата било симнато и огнот престанал во 09:40 часот. Силите на султанот имале околу 500 загинати, додека кај Британците имало само еден повреден морнар.


2. Свинската војна: повод – застрелување на една свиња

Свинската војна била судир кој се случил 1859 г. меѓу Американските и Британските власти на границата помеѓу САД и Британска Северна Америка. Областа во која се случила поточно биле островите Сан Хуан, кои се наоѓаат меѓу островите Ванкувер и северноамериканското копно. Наречена била Свинска војна бидејќи започнала поради застрелување на една свиња која, всушност, била и единствената жртва во тој судир.


3. Тристотини триесет и петгодишната војна: траела 335 г. без ниту една жртва

Тристотини триесет и петгодишната војна (1651-1986) била војна меѓу Холандија и островите на Сцила (кои се наоѓаат југоисточно од брегот на Велика Британија). Така била наречена поради тоа што обете страни заборавиле да потпишат мировен договор цели 335 години, без притоа да се истрела ниту еден куршум во меѓувреме, што ја прави и најдолгата војна без ниедна жртва. И покрај сомнителната важност на објавата на војна од пред 335 години, во 1986 г, сепак беше потпишан мировен договор.


4. Молдавско-Трансдњестарската војна: Пијана војна

По распаѓањето на СССР, две третини од Молдавија сакале поблиски врски со Романија и нејзините соседи на запад. Но еден дел, источно од реката Дњестар, сакал да остане поблиску до Украина и Русија. Избувнала војна, и истокот се отцепил, создавајќи ја Трансдњестрија која е непризнаена од светот.

Кога Молдавија и Трандњестрија почнале да војуваат, тоа било чудна војна. Локалните војници ја нарекуваат уште и Пијана војна, бидејќи офицерите и војниците од спротивставените страни се среќавале секоја вечер и пиеле заедно. Потоа се враќале назад и секое следно утро почнувале да се борат меѓу себе. А навечер, повторно се собирале да пијат во чест и слава на загинатите.

5. Ему војната: како Австралија ја изгуби војната против птиците

Ему војната, исто така позната и како Големата Ему војна, била еднонеделна воена операција која се случила во Австралија 1932 г. поради загриженоста на јавноста за птиците ему кои бесни трчале низ областа Кемпион во Западна Австралија. Всушност, „беснилото“ кај птиците ему било природен одговор на сушата поради долгото и топло лето кое предизвикало недостиг од храна и вода. „Војната“ ја предводел мајорот Мередит од Кралската артилерија на Австралија, кој командувал со војници вооружени со митралези.

Но пукањето на слепо во групите птици кои можат да трчаат и до 50 км на час не ги донело очекуваните резултати. По една недела, само неколку од проценетите 20 000 ему птици биле убиени. Министерот за одбрана наредил повлекување на војската, и така Ему војната завршила со пораз на Австралија.


6. Фудбалската војна: започнала по еден фудбалски натпревар

Фудбалската војна (La guerra del fútbol на шпански), исто така позната како Сточасовната војна, била петдневен судир меѓу Ел Салвадор и Хондурас во 1969 г. Била предизвикана од политичкиот конфликт меѓу Хондуранците и Салвадоранците, претежно поради прашања во врска со имиграцијата од Ел Салвадор во Хондурас. Овие постоечки тензии меѓу двете земји случајно се совпаднале со страсното ривалство за време на вторите Северноамерикански квалификации за Светското фудбалско првенство во 1970, па така, на 14 јули 1969, армијата на Ел Салвадор извршила напад на Ходурас. На 20 јули било договорено примирје со посредство на Организацијата на Американските земји, по што трупите на Ел Салвадор се повлекле. Инаку, Ел Салвадор го победил Хондурас во фудбал и заминал на Светското првенство во 1970 г., но не успеал да ја помине првата група.


7. Војната од 1812: предизвикана поради погрешни телеграфски комуникации

Оваа војна е една од најчудните во историјата на САД. Два дена пред да биде објавена, Британската влада изјавила дека ќе ги повлече или укине законите кои биле главната причина за несогласувањата. И да постоеле тогаш телеграфски врски со Европа, војната можела да биде избегната.

Главната поплака на САД против Британците била поради нивното мешање во бродската трговија на САД. Но New England, еден огромен пристанишен дел на САД, огорчено се спротивставувал на идејата за војна. Барањето за започнување војна воглавно доаѓало од Западот и Југот на САД.

Војната, која била борба за ослободување на морињата, започнала со инвазија на Канада. Подоцна, договорот за примирје не решил ниту еден од проблемите кои довеле до започнување на воените дејствија. Обете страни тврделе дека се победници, а подоцна станало и јасно дека целата битка била само збунет куп од контрадикции.

ОкоБоли главаВицФото