Масовни протести во Бугарија против поскапувањето на струјата

18.02.2013 13:03
Масовни протести во Бугарија против поскапувањето на струјата

Десетици илјади Бугари во недела протестираа во повеќе од дваесет градови поради високите сметки за електрична енергија, создавајќи дополнителен притисок за владата по протестите кои траеја една недела.

Демонстрантите извикуваа „Ќе биде вака секој ден додека не победиме!“, ги блокираа градските седишта, бараа оставка од владата и ренационализација на дистрибуторот на електрична енергија.

Цените на струјата се посебно чувствително политичко прашање во Бугарија, најсиромашната земја во ЕУ, бидејќи за подмирување на сметките за енергенси оди голем дел од месечниот приход на граѓаните, особено во зимските месеци.

Демонстрантите фрлаа јајца, овошје и зеленчук, ги палеа сметките за струја и ги напаѓаа канцелариите на компанијата за дистрибуција на струја во пет градови. Повеќе од 2.000 луѓе го блокираа главниот пат кон Грција во јужниот град Дупница.

Еден од најголемите протести се одржа во Варна, каде што се собраа околу 10.000 луѓе, а на зградата на градската управа националните знамиња беа спуштени на половина копје во знак на поддршка за демонстрантите.

Во Софија демонстрантите го блокираа сообраќајот преку познатиот Орлов мост и на неколку главни улици.

„Повеќе не можеме да издржиме. Мојата пензија е помала од декемвриската сметка за струја. Што да правам?“, вели една пензионерка.

Локалните медиуми известија дека демонстрантите, меѓу кои имало и жени и деца, се судриле со полицијата кога се обиделе да дојдат до седиштето на чешката компанија CEZ, која обезбедува електрична енергија за Софија и северозападна Бугарија.

Бугарскиот пазар за електрична енергија е поделен на три региони меѓу CEZ, Energo-pro и австрискиот EVN. Просечното зголемување на цените изнесува околу 14%, но сметките за струја кои ги примија граѓаните се два до три пати поголеми отколку пред поскапувањето.

Бугарската влада вети дека ќе го разгледа прашањето за зголемувањето на сметките, но министерот за финансии Симеон Џанков во среда ја исклучи можноста за ренационализација на дистрибуцијата на електрична енергија.

Извор: Fena