Бостонскиот маратон

17.04.2013 10:23
Бостонскиот маратон

Бостонскиот маратон е легендарна трка во Америка, тој е најстариот и најважниот маратон во земјата. Во 1897 година, 18 луѓе трчаа на овој маратон, а минатата година имаше 35000. Во оваа прилика, во 1982 година, Алберто Салазар и Дик Бердсли одржаа двобој на сонцето. Тука Кип Литон можеби возел велосипед, а Рози Руиз дефинитивно се возела со метрото. Оваа трка е прочуена и по тоа што за неа мора да се квалификувате. Маичка од њујоршкиот маратон значи дека некому му се посреќило и добил на лотарија. Маичката од бостонскиот маратон значи дека тој некој брзо трча. Завршницата на маратонот оваа година беше една од најтажните, најужасните атлетски сцени во историјата. Но, вообичаено, глетката е неверојатна. Аматери во добра кондиција од сите краишта на светот: се потат, се напрегаат, забавуваат, трчаат спринтови.

Патеката е намерно избрана за да ве поколеба. Почнувате дури во Хопкин, мало гратче толку далеку покрај патот Масачусетс, што човек помислува дека се работи за некоја фарма. Потоа трчате на исток. На почетокот публиката довикува, потоа завладејува тишина. Семејствата седат во столиците во своите дворови, им аплаудираат на тркачите и ги слушаат Ред сокс на радио. Во колеџот Весли, оддалечен 22 километри од стартот, студентите масовно излегуваат и ги бодрат маратонците.

Патеката се спушта 24 километри, а потоа трчате надолу како на скијачка патека. Одненадеж, се наоѓате во подножјето на ридот Њутон. Следните 6 километри, токму кога ќе ги потрошите резервите на карбохидрати, ви се чини дека сте на Алпите. Четири ридови се издигнуваат пред вас, но тешко е да ги изброите кога сте истоштени. Ви изгледа како да има пет рида, или шест. Најголем дел од маратоните се трчаат во некаков круг, што значи дека ветрот помалку ви дува в лице, а помалку во грб. Во Бостон е исклучиво едното или другото. Во 2007 година, се трчаше со силен ветер. Таа година, победникот стигна на целта за 2 часа и 14 минути. Неколку години подоцна, ветрот дуваше во спротивен правец и победникот завшри за 2 часа и 3 минути. Никогаш некој не го истрчал маратонот за пократко време.

Потоа се тетеравите покрај паркот Фенвеј. Трката завршува во преубавиот центар на Бостон. На плоштадот Копли. На улицата Њубери. Кај црквата Тринити. Карактеристичните бостонски лебедови чамци во паркот им отстапуваат простор на маратонците. Јас трчав два пати и една година толку бев исцрпен, што на крајот 45 минути неподвижно лежев во паркот. Оваа година не учествував. Но, непосредно пред трката бев во Бостон, поминав крај тој агол, и видов група елитни Кенијци како се синхронизирано се спуштаат по патот.

Сега сето тоа изгледа неважно: атлетската фриволност во времето на ужасот. Но, важно е. Не знаеме кој точно ги поставил бомбите и сигурно не знаеме зошто. Но, познатите настани се прималиви. Терористи го нападнаа Светскиот трговски центар, како и Бостонскиот маратон. Снимките на луѓе коишто бегаат од експлозиите додека чадот ги проголтува морничаво наликуваат на оние од пред дваесет години – а ги гледавме и на други места, во Лондон и Мадрид.

Има нешто особено разорно во нападот на маратонот. Тоа е епски настан кога луѓето изгледаат речиси надчовечки. Победниците трчаат со часови со темпо со коешто обичните луѓе во добра кондиција не може да го издржат ни во спринт. Но, во исто време, маратонот е и многу обичен. Не се одржува на стадион или на атлетска стаза. Се трча на истите оние улици по коишто луѓето возат и пешачат. Нападот на маратонот е на некој начин пострашен од нападот на стадион: напаѓате нешто специјално, но истовремено, и нешто многу секојдневно.

Кога ќе дознаеме кој го направи ова, можеби ќе ја сфатиме неговата фасцинираност од овој настан – некој странски терорист или болен Американец. Или можеби, сторителот е само некој што сфатил дека маратонот е лесна мета. А можеби и некој што го видел одразот на човечкиот дух и одлучил да се обиде да го разбие.

Извор: newyorker.com