Воопшто, а никогаш

11.05.2023 02:38
Воопшто, а никогаш

Заврши и светското првенство на богатите. Финалниот натпревар траеше подолго од кој било досегашен и во него Аргентина стана првак на светот. На пенали. Натпреварот едвај беше завршен, а разно-разни умни глави, сѐ стручњак до стручњак, натпреварот го прогласија за најдобар воопшто. Овие денови се накотија купишта такви мудреци. Натпреварот во кој за речиси 150 минути игра беа постигнати шест гола од игра, од тоа половина од пенал, не може да биде најдобриот на сите времиња. Не може, не само заради пеналите, туку и затоа што имаше подобри и финални и полуфинални. Се јавувам за збор да кажам дека катарското финале не е никако најдоброто воопшто. Најдобро воопшто не може да биде никогаш.

Подобро беше финалето во 1986 во Мексико. Имаше повеќе голови од игра, немаше пенали, Аргентина стана првак на светот без продолженија, ја доби Германија со 3:2. Подобро беше финалето во 1982 во Шпанија, кога Италија ја победи Германија со 3:1. Ни овде немаше ни продолженија, ни пенали. (Оној еден за Италија во првото полувреме не го сметаме, зашто Кабрини го промаши). Но утакмица без пенали не е тоа што ја прави утакмицата подобра. Ама некоја со три пенали да се прогласува за најдобра воопшто, тоа покажува склоност за шкрткање од незнаење.

Знам, на таквите критериум им е неизвесноста. Како неизвесноста во нерешен натпревар со шест гола да е поголема од онаа со четири гола. Не е поголема, не само затоа што неизвесноста не може да се мери, туку затоа што се игра за светски првак, па со мотивот расте и неизвесноста.

Најдобро и најубаво финале досега, а можеби и воопшто, односно кога и да било, беше она од 21 јуни 1970 година. Го играа Бразил и Италија во Сиудад де Мексико, на стадионот Ацтека, пред 107 илјади гледачи. Тоа беше најдобриот фудбал, најубавата игра досега, можеби и воопшто, стручњаците и надристручњаците нека го погледнат натпреварот, сѐ уште не е целосно избледен.

На оние умните кои приговараат дека тогашниот фудбал бил спор, им советувам приговорите да ги изнесуваат таму каде што јас не ги слушам. Фудбалот што го играа Пеле, Жаржињо, па Тостао бил спор??? Фудбалот што го играле Жерсон и Кодоалдо, што се римува со Евералдо, тој фудбал бил спор? Или оној уште пред нив, оној што го играше Гаринча? Еузебио бил спор? Ди Стефано, Бобек и Вукас биле спори, Галиќ и Скоблар? Ви се молам. Бразил од 1970 би го освоил првенството во Катар полесно отколку што го освои она во Мексико. А она во Мексико го освои така што победи на сите натпревари, на сите шест, даде 19, а прими 7 гола.

А какви голови беа тоа, може и денес да се провери, сѐ е сочувано. Во финалниот натпревар со Италија, Пеле даде еден од головите за кои никогаш нема да престане да се зборува. Никогаш никогаш. Тостао изведе аут од левата страна, топката пред бочната линија на шеснаесетникот ја фрли така да отскокне, а Ривелино од тој отскок со левата нога ја испрати пред италијанските пет метри. Таа топка според патеката и брзината беше близу на она што играчите го нарекуваат свеќа. Пеле скокна високо, за глава повисоко од својот чувар Бурњич. Бурњич е повисок од Пеле, кога ќе застане покрај него на тревата, но Пеле скокна за една глава повисоко отколку што скокна Бурњич. Тоа на Пеле би му било доволно да не скокнеше Пеле третина од секундата порано отколку што требаше. И Пеле нема избор: пристигнува опасно добра топка, Ривелино е тоа, топка која не смее да не се искористи. И Пеле одлучува да остане една третина од секундата подолго горе каде што тргна една третина од секунда порано. И така, замавнувајќи од половина (не од вратот!) ја дочекува опасната топка на Ривелино и така ја удира со главата што така влетува во италијанскиот гол, а Бурњич останува краток и паѓа накосо, како што паѓа и голманот Албертоси на линијата пред својата мрежа. Еден таков удар на Пеле му сопре англискот голман Бенкс четиринаесет дена порано во Гвадалахара. Пеле никогаш не претстана да се одушевува на таа парада на голманот кого го викаа Бенкс оф Ингланд (Banks of England – бреговите на Англија, заб. прев), а оние кои подлабоко се разбираат во фудбал, ја сметаат за голмански подвиг. Тој натпревар, игран во второто коло од групната фаза, денес може да се гледа и на интернет и може да се види дека играта не е поспора отколку што се денешните игри. А на тоа првенство е одигран полуфинален натпревар кој остана забележан како натпревар на векот: игран е на 17 јуни на стадионот Ацтека помеѓу Италија и Германија и заврши 4:3 за Италија. Седум гола, а ниеден од пенал, два гола Герд Милер, еден Шнелингер, а за Италија Бонинсења, Бурњич, Рива и Ривера. Ова не го препишувам, го помнам, ова не се заборава. Тој натпревар беше таков што во спомен на него е направена плоча покрај стадионот и на неа е запишано дека тоа било partido del siglo (натпревар на векот, заб. прев.) Е од тој натпревар само еден беше подобар, оној финалниот четири дека подоцна, во кој Бразил ја победи таквата Италија.

По тој натпревар, никој помал, туку Џани Ривера рече: „Да не постоеше фудбал, Пеле ќе го измислеше!“ Џанкристијано Диседерио, авторот на една убава книга за смислата на фудбалот и човечката судбина, насловена „Од Платон до Пеле“ претставува паралела помеѓу нив двајца, па поаѓајќи од реченицата што ја напишал Алфред Норт Вајтхед (а според која целата историја на филозофијата е всушност серија белешки на маргините на Платоновата филозофија) му остава на читателот да заклучи дека и фудбалската игра е збор на повеќе или помалку успешни обиди да се достигне Пеле.

Или да се достигне оној Бразил од 1970 година. Таа екипа ги добиваше натпреварите во последната третина. По правило до тогаш ќе беше нерешено, а потоа играта ќе се вивнеше и возвишеноста водеше до победа. Во финалниот натпревар таа фаза почна со чудесен гол за 2:1, кој го даде Жерсон со лева нога од 20 метри од голот. Топката за зари во левиот агол на италијанскиот гол. Третиот гол го изработи оската Жерсон – Пеле – Жаирижињо. Трите нивни потега ги збунија Италијанците, па во збунетост викаа дека е офсајд. Четвртиот гол против Италија е маестрален израз на бразилската игра и до денес останал најубав пример на тимско производство на гол. Во непосредната изработка учествуваа деветмина играчи: Евералдо – Тостао – Пиаца – Клодоалдо – Жерсон – Клодоалдо – Ривелино – Жаиржињо – Пеле – Карлос Алберто. За 29 секунди колку што траеше чудесната акција, ниеден Италијанец не ја допре топката, а Бразилците, кажуваат највнимателните бројачи, ја допреа 30 пати. Оној кој на додавање на Пеле ја заби топката во италијанската мрежа, капитенот Карлос Алберто Торес, за Пеле го кажа ова: „Тајната на неговиот успех е неговата дарба за импровизација. Тој сѐ изведува со неверојатна брзина. Тој умееше да ја чита играта како ниеден друг играч“.

Денешните сезнајковци постојано раскажуваат како некогашните играчи денес не би можеле да играат. Зашто, велат, фудбалот станал побрз. Можеби е побрз, но таквата брзина ја уби или ја изеде половина игра. И многумина играчи. Тренерите еволутивци укинаа величествени играчи кои се нарекуваа крила. Нив веќе ги нема, нивната улога ја презедоа брзи полупродукти кои денешните репортери ги именуваат со две придавки: лев страничен и десен страничен. Којзнае зошто левиот бек станал лев страничен. Тоа е, божем, постручно. Тоа по правило го употребуваат репортерите кои фудбалот не само што не го разбираат, туку и не го сакаат. Тие рикаат само кога нивнѐта репрезентација дава гол. Кога ќе прими – молк. Овие од ХТВ не само што не знаат како се изговараат презимињата на играчите, туку не сакаат ни да научат. Цел месец да престојуваш во Катар, а ниеден Аргентинец да не го прашаш како се изговара Таглиафико (сечисмоква) е знак за сериозна неодговорност и ароганција. А платата оди, месецот си врви. Последица на тоа е што децата во мојот двор при играњето топка ги имитираат тие лумени од телевизија и велат таљàфико. Така тие добро платени главучи името на играчот Фàбрегас пет години го изговараа Фабрегàс, а пет Фабрéгас (тоа им е, демек, пошпански!) А на момчето името му стои на грбот, и акцентот на презимето: Фàбрегас! И го заврши своето играње одличниот Цеск Фàбрегас, а ниеден хрватски ни српски репортер да не вложи натчовечки напор да открие како му гласи презимето. Тоа е долга традиција. Тие и Пеле го акцентираат како теле. И тоа од генерација во генерација. Но многу се внимателни кога Панатинаикос и Олимпијакос треба да се нагласат на последното о. Ете, им се испушта понекогаш. Како што им се испушти и финалниот натпревар во Катар 2022 да го прогласат за најдобар на сите времиња. Ним им праќам на читање четири стиха од Вилијам Батлер Јејтс насловени „Деветнаесеттиот век и потоа“. Деветнаесеттиот век од песната е дваесеттиот, и тоа година 1970, а тропкањето на камчињата по брегот од кој се повлекува бранот, тоа е нивниот „најдобар воопшто“ натпревар 2022:

Though the great song return no more
There's keen delight in what we have:
The rattle of pebbles on the shore
Under the receding wave.

Вилијам Батлер Јејтс

Превод: Душица Димитровска

Извор: https://www.portalnovosti.com/

ОкоБоли главаВицФото