Фудбалерите и научните истражувачи

20.09.2023 12:43
Фудбалерите и научните истражувачи

Коинциденциите понекогаш знаат да бидат поучни. Дневниот весник Le Mondе на 10 август 2021 година објави дека нето платата на фудбалерот Лионел Меси во клубот Пари Сен Жермен (ПСЖ) ќе изнесува 40 милиони евра годишно, како и дека просечната плата на шефовите на 40-те најголеми француски компании ќе се зголеми од 3,8 милиони евра во 2020 на 5,3 милиони во 2021 година. По неколку страници откриваме дека годишниот буџет на Меѓународниот панел за климатски промени (ИПЦЦ) изнесува 6 милиони евра годишно. Значи, платата на фудбалската ѕвезда одговара на речиси седумгодишен буџет на институцијата која опфаќа 195 држави членки, ја координира работата на стотина меѓународни научници и извршува работи од суштинско значење за разбирање на причините и последиците на глобалното затоплување.

Наш предлог е платата на Меси да се искористи како нова мерна единица. Ќе ја наречеме „ГБ-година“, скратено од „година на големо богатство“. Инаку, износот од 40 милиони евра несомнено е далеку понизок од реалниот, бидејќи, според проценката на списанието Форбс, приходите на овој играч во 2020 година, вклучувајќи ги рекламните договори, достигнале 126 милиони долари (103 милиони евра). Но ајде да се држиме до овој износ од 40 милиони, односно 110 000 евра дневно, од кои, годишно, би можела да се исплатува просечна плата за 1 500 Французи.

Оваа нова мерна единица заслужува да ја споредиме со буџетот за истражувања во биологијата и здравството, за кои би можело да се помисли дека се приоритет на владата. Два неодамнешни извештаи пружаат детален пресек на состојбата во поглед на ова прашање. Првото нешто што може да се забележи е дека, помеѓу 2015 и 2020 година уделот на буџетот на Министерството за истражување и високо образование посветен на биологијата и здравството е намален за 400 милиони евра. Второто нешто што боде очи е дека износот на субвенциите кои им ги исплатува државата на Националниот институт за здравје и медицински истражувања (Инсерм) и Институтот за биолошки науки на Националниот центар за научни истражувања (ЦНРС), веќе петнаесет години стагнира помеѓу 56 и 57 милиони евра, не сметајќи ги платите. Од тоа следува дека 1,4 ГБ-година е доволна да финансира околу 400 истражувачки центри од доменот на биологијата и здравјето, во кои работат повеќе од 30 000 луѓе.

Трка за тендери

Во вакви услови истражувачките тимови мораат од други извори да обезбедат поголем дел од финансиите, бидејќи годишните јавни субвенции едвај ги покриваат основните оперативни трошоци и одржувањето на техничката опрема во лабораториите. Овие дополнителни средства можат да бидат државни, како средствата кои ги доделува Националната истражувачка агенција (АНР), или може да ги доделува локалната власт, Европската унија, добротворните организации итн. Бидејќи стапката на успешност на тендерите сè уште е ниска - околу 16 проценти на тендерот на АНР, истражувачите вложуваат голем дел од своето време во барање грантови од повеќе постоечки извори, не сметајќи го времето што го трошат на евалуација на проектите на своите колеги, а сето тоа на штета на своите наставни и истражувачки обврски. Понатаму, доколку се обезбедат средства, нивната соодветна употреба мора да се оправдува со пишување низа извештаи за напредокот и активностите, што дополнително одзема драгоцено време за работа.

Во светло на овој изразено компетитивен контекст, да го погледнеме примерот кој е во директна врска со здравствената криза, кога АНР, во периодот помеѓу март 2020 и март 2021 година, финансираше 279 проекти кои се занимаваат со ковид 19, во вкупен износ од 36 милиони евра. Со други зборови, ресурсите кои оваа агенција ги намени за поддршка на сите национални истражувања за суштинските прашања на јавното здравје, се помали од една годишна плата на Лионел Меси. Во истиот период, Франција вкупно, сметајќи ги и европските средства, вложила 530 милиони евра (13,25 ГБ-години) во сите истражувања за ковид, додека Германија и Обединетото кралство вложиле трипати повеќе.

Кога станува збор за научните вработувања, бројот на постојано вработени во истражувачките организации опаѓа, додека на универзитетите е релативно стабилен, со тоа што бројот на студенти масовно расте. Во ЦНРС за петнаесетина години се изгубени речиси 1 500 работни места за истражувачи, инженери и техничари. Во овој контекст, каде бројот на нововработените сè уште не го надоместува бројот на работниците што заминуваат, владата одлучи дополнително да го намали бројот на работните места. Меѓутоа, трошокот за работното место на еден истражувач за период од 14 години (иако кариерите во оваа област често се пократки, заради доцно вработување) бара буџет помеѓу 3 и 4 милиони евра, односно помеѓу 0,075 и 0,1 ГБ-години, додека трошоците на инженерските или техничарските места претставуваат околу 0,09 ГБ-години. Значи, деветгодишната плата на Меси би финансирала 50 истражувачки работни места и исто толку техничари, вклучувајќи ги придонесите на работодавачот, за период од 40 години.

Пандемијата со ковид 19 соголи и дополнително турна во провалија низа француски истражувања во доменот на биологијата и здравјето. И покрај исклучителните индивидуални научни напредоци, особено во поглед на механизмите кои го контролираат имуниот одговор против вирусот САРС КоВ-2, пролиферацијата на клиничките испитувања не резултираше со какво било значајно медицинско откритие. На пазарот не се појави ниедна вакцина од француска лабораторија. Франција го зазема 16-то место на ранг листата за иновации во борба против пандемијата со ковид 19. Во врска со тоа можеме само да жалиме што Програмскиот закон за истражувања, донесен 2021 година, суштински не ја менува ситуацијата ни во поглед на законското вработување, ни во поглед на износите на државните субвенции наменети за истражувачките установи. Од друга страна, владата продолжува со финансирање скапи мерки каков што е даночниот кредит за истражување, односно со фискален механизам за поддршка на истражувањето и деловниот развој, кој чини 7 милијарди евра годишно, што е речиси двојно повеќе од буџетот на ЦНРС, а чија ефикасност ја доведе во прашање дури и Ревизорскиот суд.

Секако, некој може да приговори дека распределбата на јавните средства и вложувањата на приватниот капитал не се водат според истата логика, дека овие ресурси не спаѓаат во истиот ред големини, дека нивните ограничувања во поглед на комерцијализацијата и профитабилноста радикално се разликуваат и дека нестандардно високите плати се својствени исклучиво за грст врвни спортисти кои работат на крајно глобализиран пазар. На тоа може да се додаде дека државата со доаѓањето на овој играч ќе наплати повеќе од 35 милиони евра директни и индиректни даноци годишно, и дека, од аспект на даночните приходи, тоа е мошне профитабилен бизнис. Најпосле, треба да се нагласи дека чувството на огорченост доаѓа од етичкиот домен, кој нема никаква врска со економската логика. Но, целта на споредбите е да ја расветлат реалноста, па макар таа била и непријатна. Од сето наведено може да се заклучи дека повикувањето на неотповикливите закони на пазарот служи да се оправда сè, а особено концентрацијата на богатството. Ова ритуално повикување на законите на пазарот има цел да предизвика резигнирано прифаќање на инхерентно неегалитарен економски систем.

Разликата во паричните средства не е само економско прашање. Таа го рефлектира и системот на вредности на нашето општество. Но способноста за соочување со здравствените и еколошките предизвици исто така зависи и од нашето заедничко наследство. Значи, што ќе правиме со поуката „подобро врапче во рака, отколку гулаб на гранка“, кога на гранката, впрочем, седат златни кокошки? Дали сè уште треба да бидеме задоволни со она што го имаме?

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Banksy Street Art

Извор: Le Monde diplomatique

ОкоБоли главаВицФото