Што му е потребно на светот од BRICS

20.04.2013 10:06
Што му е потребно на светот од BRICS

Џим О’Нил од Голдман Сакс во 2001 го скова познатиот назив BRIC за четирите најголеми земји во развој - Бразил, Русија, Индија и Кина. Но повеќе од десет години подоцна, единственото што ги спојува овие земји е тоа дека се единствени држави меѓу 15-те најголеми економии (усогласено со куповната моќ) кои не се членки на OECD.

Овие четири држави имаат сосема различна економска структура: Русија и Бразил се потпираат на стоката, Индија на услугите, Кина на производството. Бразил и Индија се демократски држави, додека Кина и Русија дефинитивно не се. Како што пишува Џозеф Нај, Русија е велесила во опаѓање, додека Кина (помалку забележливо) и другите во подем.

Меѓутоа, во чудниот пример од животот кој ја имитира фантазијата, земјите од BRICS - на првобитните држави сега им се придружи Јужна Африка - оформија своја групација која одржува редовни состаноци и покренува иницијативи. Најамбициозниот проект до сега е основање развојна банка.

На мартовскиот состанок во Дурбан, лидерите на петте земји најавија дека нивната „Нова развојна банка“ ќе се фокусира на инфраструктурните вложувања во земјите во развој, кои, како што велат, се загрозени од „недоволното долгорочно финансирање и директните странски инвестиции“. Ветија дека ќе издвојат основен влог за банката кој ќе биде „значаен и доволен да ѝ обезбеди ефективна финансиска инфраструктура на банката“. Другата иницијатива најавена во Дурбан е создавање заеднички резерви од 100 милијарди долари кои би служеле за решавање на „краткорочни ликвидни притисоци“.

Можеме само да се радуваме што најголемите светски економии во развој одржуваат редовни контакти и покренуваат заеднички иницијативи. Меѓутоа, жално е што одлучија да се концентрираат на инфраструктурно финансирање како прва голема област од својата соработка.

Овој пристап претставува сфаќање на економскиот развој од педесеттите години, кое е одамна заменето со разновидна перспектива која препознава многу ограничувања со различно значење во различни земји - од лоша државна управа до недостиг на пазар. Би можело да се рече дека денешната глобална економија страда од преголемо, а не премало странско финансирање.

Она што на светот му е потребно од BRICS не е уште една развојна банка, туку посилно предводништво во денешните глобални проблеми. Во земјите од BRICS живее отприлика половина од светското население и тие имаат многу неискористен економски потенцијал. Ако меѓународната заедница не се избори со најсериозните предизвици - од неопходноста од цврста глобална економска архитектура до прашањето на климатските промени - таа воедно и ќе плати најмногу за тоа.

Меѓутоа, овие земји до сега играа прилично неинтересна и воздржана улога на меѓународните форуми како што се Г-20 или Светската трговска организација. Кога заземаа цврст став, тоа главно беше во одбрана на своите тесни национални интереси. Дали навистина немаат нешто ново да понудат?

Глобалната економија до сега фунцкионираше следејќи ја низата идеи и институции настанати во поразвиените земји од Запад. САД на светот му ја дадоа доктрината на либералниот мултилатерaлизам - режим чиишто многу недостатоци ги истакнуваат високите принципи според кои системот инаку функционираше. Европа ги донесе демократските вредности, општествената солидарност и покрај сите денешни проблеми, најимпресивниот потфат на социјален инженеринг во овој век, Европската унија.

Но овие стари сили немаат ниту легитимитет ниту сила да го одржат глобалниот поредок во иднина, додека новите сили во подем допрва треба да покажат кои вредности ќе ги афирмираат и промовираат. Тие ќе мораат да изградат своја визија за нова глобална економија, која ги надминува поплаките на асиметричната структура на моќ. За жал, сè уште не е јасно дали се способни да се издигнат над краткорочните интереси за да излезат во пресрет на заедничките светски проблеми.

Нивното развојно искуство ги прави земјите како Кина, Индија и Бразил непогодни за пазарен фундаментализам и прави од нив природни застапници на институционалниот диверзитет и прагматичното експериментирање. Тие врз основа на тоа искуство можат да артикулираат нов глобален наратив кој ја истакнува реалната економија над финансиите, различните мерки над хармонизацијата и општествената инклузија над технократскиот елитизам.

Но тие мораат да излезат од улогата на молител и да почнат да се однесуваат како вистински лидери, сфаќајќи дека и останатите, вклучувајќи ги и развиените земји, се борат со предизвици кои понекогаш наложуваат мерки кои пред сè ја погодуваат домашната економија. И мораат да се потрудат да ги одржат основните принципи на глобалната економија која функционираше - и добро им послужи - во последните 60 години: недискриминирање и мултилатерализам.

На крајот, меѓутоа, BRICS мора да покаже предводништво врз својот пример. Односот кон човековите права во Кина и Русија, нивното задушување на политичкото дисидентство, е неспоив со глобалното предводништво. Овие авторитетни режими мораат да се реформираат однатре ако имаат намера да имаат каква било морална тежина во светот.

Извор: Social Europe Journal

ОкоБоли главаВицФото