Доба на безнадежност?

29.07.2022 15:07
Доба на безнадежност?

Констатацијата дека светот веројатно се наоѓа во најтешка ситуација по крајот на Втората светска војна, денес не е ни неодмерена ни особено оригинална. Додека се тетеравиме на раб на нуклеарен конфликт, нема потреба да се трошат многу зборови за да ги увериме соговорниците дека е така.

Прашањето е: како се случи тоа? И дали има излез?

За да сфатиме како завршивме тука, мораме да се вратиме на крајот од Студената војна. Како и после Првата светска војна, завојуваните страни крајот на конфликтот го сфатија на сосема различни начини. Западот го доживеа како конечна победа над Русија. Русија го протолкува како крај на идеолошкиот натпревар меѓу капитализмот и комунизмот: бидејќи се откажа од комунизмот, очекуваше со текот на времето да стане една од големите капиталистички сили.

Изворите на денешниот конфликт треба да се бараат во тоа недоразбирање. За тоа веќе се напишани многу книги и сигурно ќе има уште. Но тоа не е сè. Во деведесеттите евроамериканскиот свет тргна по погрешен пат зашто и западот (поранешен) и истокот (поранешен) избраа погрешни насоки. Западот ги отфрли достигнувањата на социјалдемократијата, нејзиниот помирувачки пристап кон внатрешната политика и визијата за свет без спротиставени воени блокови, за да ги замени со неолиберализам и милитантен експанзионизам. Истокот (некогашен) ги прифати приватизацијата и дерегулацијата во економијата и националистичката исклучивост како темел на идеологиите врз кои се градени новите независни држави.

Екстремните идеологии прифатени на истокот и западот се спротивни на сè што сакаа луѓето со добра волја. Светот на кој се надеваа по завршувањето на советската окупација и колонијалните и неоколонијалните војни на западот требаше да биде свет на конвергенција на два системи, нов облик на одмерена социјалдемократија на двете страни од светот, со демонтажа на военохушкачките сојузи и отфрлање на милитаризмот. Не добивме ништо од тоа: едниот систем едноставно го проголта другиот; социјалдемократијата изумре или беше корумпирана и кооптирана од страна на богатите; авантуристичките воени интервенции и ширењето на НАТО сојузот станаа нова норма. Победата на западот доведе и до реинтерпретација на борбата против колонијализмот во земјите од некогашниот Трет свет, кои немаат доволно домашни прогресивни елементи, што во новоослободените држави поттикна корупција од невидени размери.

„Тривијалистите“ - интелектуалци кои заради недостаток на увиди или интерес погрешно ја протолкуваа природата на промените во источна Европа - тврдеа дека револуциите започнати во 1989 година се изведени под знамето на либерализмот, мултикултурализмот и демократијата. Заборавија да се запрашаат, ако навистина се изведени во знакот на мултикултурализмот и толеранцијата, зошто беше потребно да се растурат повеќенационалните држави. Тоа очигледно е во спротивност со самата идеја на мултикултурализмот. Во нивната визура демократијата е практично поистоветена со национализмот.

Тривијалистите го свртеа наопаку прогресивизмот од повоениот период. Наместо развојот и прогресот да донесат спој од најдобрите елементи на социјализмот и пазарната (капиталистичка) економија, со елиминирање на политиката на сила во меѓународните односи и почитување на правилата на Обединетите нации, во нивното читање на историјата прогресивизмот е сила која треба да обезбеди неконтролирана моќ на пазарите во националните економии, нерамнотежа на моќта во „либералниот меѓународен поредок“ и идеолошко едноумие.

Наместо социјалдемократски капитализам и мир во светот, прогресивниот поредок донесе неолиберализам и дозвола за објавување војни спрема секој што размислува поинаку. Наместо благотворна мешавина на социјализам и капитализам во земјите и еднакви права за сите земји на глобалната сцена, добивме апсолутна моќ на богатите во рамки на националните граници и право на посилниот во меѓународните односи. Таквиот неочекуван пресврт и враќањето на неоколонијалната хегемонија дојде со „победата на неолиберализмот“, што некогаш беше незамисливо.

Од денешна перспектива се чини дека сето тоа што следеше потоа беше неизбежно. Виртуелниот национализам во источна Европа, погонското гориво на револуциите од 1989 година, најпосле ја зафати и најмоќната земја во тој дел од светот: Русија. Ксенофобичниот национализам е ист во секоја земја: Естонија, Србија, Украина, Русија, Азербејџан. Но, колку што земјата е поголема, толку понагласени се империјалистичките црти, а ефектот на дестабилизација е посилен. Процесот започнат со националистичките револуции во источна Европа заврши со револуција на разузданиот национализам во Русија: се работи за идеолошко движење, со тоа што прогласената цел овојпат не е „ослободување“, туку враќање на „изгубените“ територии.

Локалното владеење на најбогатите и глобалното владеење на најмоќните се толку идеолошки вкоренети што се чини дека нема шанси во догледно време да дојде до промени и остварување еднаквост меѓу луѓето и државите. Голем дел од одговорноста ја носат тривијалистите, интелектуалната елита која ја дефинираше, промовираше и бранеше погубната идеологија на нееднаквоста. Безнадежноста не ја зафаќа само сегашноста во која се плашиме од истребување на дел од човештвото, туку и иднината пред нас. Прогресивната мисла е обезвреднета, изобличена, искоренета. Врз светот се спушта мракот од средниот век, овојпат во име на „слободата“.

Слики: Paco Pomet

Превод: Алек Кузмановски

Извор за текстот: https://branko2f7.substack.com/

 

 

 

Слични содржини

Свет / Теорија / Историја
Општество / Свет / Став / Теорија
Активизам / Свет / Екологија / Теорија
Општество / Свет / Теорија
Свет / Теорија / Историја
Свет / Теорија

ОкоБоли главаВицФото