1017 hPa
38 %
23 °C
Скопје - Нед, 13.10.2024 15:59
Потребен ни е социјализам кој го надминува капитализмот, и тоа не само од морални причини
Џон Џудис има добри намери. На препородот на отворено демократските струи на социјализмот во САД гледа со возбуда и страв. Возбуден е зашто знае колку очајнички на работниците во САД им требаат социјални реформи. Се плаши зашто е загрижен дека новата левица би можела да упадне во познатите замки на провинцијализмот и секташтвото.
Меѓутоа, иако Џудис се стреми да го промени општеството кон подобро, неговиот одговор на пропустите на државниот социјализам од дваесеттиот век би нè одвел во слепата улица на социјалдемократијата од дваесеттиот век.
Во својот есеј за New Republic, „Социјализмот што денес ѝ е потребен на Америка“, Џудис страствено заговара обнова на социјалдемократското движење – односно, она што го нарекува „либерален социјализам“. Тврди дека државата на благосостојбата и регулацијата на капиталистичката економија би требало да бидат крајни цели на социјалистите, зашто настојувањата да се спроведат национализацијата и планирањето одозгора резултираа со репресивни општества и стагнирачки економии во советскиот блок. За разлика од наведените, тврди Џудис, скандинавските држави се динамични капиталистички економии, а сè уште се далеку поправедни и похумани од САД.
Според него социјализмот – демократската контрола над работните места и економијата – се состои од „стари панацеи“ чие време помина.
Секако, итно ни требаат реформите што ги заговараат Џудис и движењето околу Берни Сандерс. Ниеден демократски социјалист не би се противел на настојувањата основните човечки потреби да се обезбедат преку јавната сфера и да се декомерцијализираат клучните аспекти на економскиот и социјалниот живот, како образованието, здравствената помош и домувањето. Според зборовите на Џудис „тоа би било од непроценлива корист за обичните Американци“.
Меѓутоа, постојат морални причини заради кои треба да се бара повеќе од тоа. Меѓу другото, не може да постои вистинска политичка демократија без економска демократија. Корпорациите се „приватни влади“ кои спроведуваат тиранија над работниците и општеството во целина. Корпорациската хиерархија одлучува како произведуваме, што произведуваме и што правиме со профитите кои колективно ги создаваат работниците.
Да се прифати радикалната демократија значи да се верува дека секоја одлука која има обврзувачки учинок на членовите – на пример, оние што се поврзани со моќта за вработување и давање откази или со контрола над работното време – би требало да ги донесат сите оние на кои влијае таквата одлука. Она што се однесува на сите би требало сите и да го одредат.
Минимумот како барање би требало да биде економија во која различните форми на сопственост (компаниите во сопственост на работниците, како и природните монополи и финансиските институции во државна сопственост) ги координира регулиран пазар – економија која овозможува демократско управување со општеството. Во недемократска капиталистичка економија, менаџерите ги вработуваат и отпуштаат работниците; во демократска социјалистичка економија, работниците би вработувале менаџери кои се сметаат за неопходни за изградба на стабилно и продуктивно претпријатие.
Не ни дозволуваат да ги задржиме убавите нешта
Меѓутоа, ова не е дискусија за контурите на светот во кој би сакале да живееме. Иако Џудис ја отфрла желбата на социјалистите (и историската цел на самата социјалдемократија) да создадат радикална демократија после капитализмот, тој во голема мера го прави тоа на парадигматски темели. Старата визија не ја смета за „ни најмалку одржлива“.
Сепак, историјата ни покажува дека воспоставување стабилна држава на благосостојба, со претежно нерегулирана моќ на капиталот над економијата, самата по себе е тешко одржлива. Дури и кога би сакале да се задоволиме со социјализам во рамки на капитализмот, не е изгледно дека тоа би било можно.
Уште од раните седумдесетти корпоративните елити, врвот на западната социјалдемократија, се откажаа од повоениот „класен компромис“, настојувајќи радикално да го ограничат опсегот на економската регулација. Капиталистите веќе не се согласуваа со она што неволно го прифатија за време на единствениот период на повоениот раст и растечките профити.
Во последните четириесетина години сведоци сме на идеолошка и политичка војна против некогаш моќните работнички движења и со државите на благосостојба што помогнале да се изградат. Оваа двострана војна заговарала четири темелни неолиберални поставки: дерегулација на економијата, редукција на прогресивното оданочување, намалување на даночното оданочување, намалување на опсегот на јавните добра и ослабување на организираното работништво.
Исто така, корпорациите ги пренасочија производните инвестиции во земји кои штотуку почнале да се индустријализираат и во региони со пониски надници, и автоматизираа поголем дел од преостанатото висококвалификувано производство. Фокусот на корпоративната профитабилност се префрли на таканаречената FIRE економија (финансиите, осигурувањето и недвижностите), која во голема мера се темели на шпекулации и услужната економија со ниски надници и главно им служи на оние со најголеми приходи.
Дали навистина мораше вака да заврши? Дали тогашната држава на благосостојбата не можеше само да опстои, туку и да се прошири? Можеше, но требаше да се спротивстави на моќта на капиталот да ги намали вложувањата. Поедноставно кажано, за тоа би бил потребен порадикален социјализам.
Многу социјалдемократи од претходната генерација знаеја дека капиталот ќе ги повлече инвестициите од општествата кои гарантираа подобри социјални права. Во седумдесеттите и осумдесеттите имаше значајни обиди за воспоставување поголема контрола над капиталот, за да се спречи токму тоа.
Левите социјалдемократи од Шведската конфедерација на синдикатите го претставија Мајднеровиот план, според кој корпоративните профити би биле оданочувани во период од 25 години, за главните шведски корпорации да станат општествена сопственост. Француската влада на Франсоа Митеран, под социјалистичко водство и со комунистичка поддршка, помеѓу 1981 и 1983 година преку ноќ национализираше 25 проценти од француската индустрија и радикално го прошири опсегот на работничките права (наложувајќи колективно преговарање во компаниите од педесет или повеќе работници).
Секако, овие и слични обиди доживеаја неуспех. Франција се соочи со сериозен штрајк на капиталот, додека шведските социјалдемократи, стравувајќи од него, се откажаа од усвојувањето на Мајднеровиот план. Застојот во корпоративните инвестиции доведе до решение во Франција, што им донесе голема победа на конзервативците на парламентарните избори 1985 година. Митеран беше принуден да ги денационализира компаниите и да усвои буџетски мерки за штедење.
Џудис само патем го споменува поместувањето на социјалдемократијата кон десно во последните 30 години. Меѓутоа, го занемарува опсегот на нејзината неолиберализација и историската лекција што треба да ја извлечеме од тоа: кога капиталот ќе премине во напад, работништвото мора да му врати со иста мера или ќе биде принудено да се повлече.
Накратко, Џудис од историјата ја брише свесната корпоративна офанзива против ограничувањето на корпоративната моќ. Ако имаме намера да ги одржиме барем и оние скромни реформи кои за Џудис претставуваат хоризонт на социјализмот, мораме да обезбедиме легитимитет за поголема улога на демократската и државната регулација на капиталот.
Приватниот капитал едноставно одбива да вложува во добра кои се потребни за да се надминат радикалните нееднаквости: станбени простори кои можеме да си ги дозволиме, масовен превоз, алтернативни извори на енергија и преквалификација на работништвото. Капиталот често се колеба да ризикува со големи инвестиции во природните монополи, кои речиси неизбежно завршуваат како државна сопственост или ги регулира државата (ниту една компанија не би вложила во конкурентска алтернативна енергетска мрежа). Џудис не ја споменува климатската криза, но не постои начин истата да се реши без големи јавни вложувања и контрола над комуналните претпријатија.
Секако, САД се место каде „социјалната демократија во една земја“ би можела да биде економски најодржлива. Нашиот домашен пазар е голем колку и пазарот на ЕУ, а ние ја контролираме и сопствената глобална валута. Ние сме богато општество кое лесно би можело да си дозволи универзална здравствена заштита, помош за постарите и децата и висококвалитетно образование за сите. Меѓутоа, на патот кон остварувањето на сите тие убави нешта, корпорациите ќе ни се спротивстават со својата најмоќна тактика: штрајк на капиталот.
Социјалдемократите како Џудис одбиваат да се соочат со тоа, па во клучните моменти повикуваат на повлекување и задоволовање на капиталистичките сили, што ги поткопува токму оние реформи за кои се надеваат дека ќе ги зачуваат.
Ако испланираме поинаква насока на движење, потребни ни се милитатно работничко движење и масовен социјалистички фронт, зајакнати со низа победи, кои не сакаат само да ги скротат туку и да го надвладејат капитализмот. Социјализмот кој одбива да се занимава со „старите панацеи за сопственоста и контролата над средствата за производство“ нема само да ги изневери нашите демократски очекувања за начинот на уредување на праведно општество – ќе нè осуди на пропаст.
Џозеф М. Шварц е заменик-претседавач на Демократските социјалисти на Америка и професор по политички науки на Темпл.
Баскар Сункара е основач и уредник на Јакобин.
Илустрации: Pawel Kuczynski
Извор: https://www.jacobinmag.com