1025 hPa
58 %
11 °C
Скопје - Вто, 12.11.2024 14:14
Едно од големите достигнувања на Мартин Лутер Кинг беше што на виделина го изнесе начинот на кој функционира капитализмот. Според неговите зборови, се работи за социјализам за богатите и слободен натпревар за сиромашните. Вистинитоста на овие зборови се потврдува редовно: на пример, изминативе децении државата изгради пазар на јавен долг, на тој начин свесно нудејќи им ја на приватниците контролата над кредитите која ја имаше после Втората светска војна (1). Меѓутоа, сето тоа всушност беше во време на криза. Пакетите за поддршка на економијата применети после колапсот од 2008 година изнесуваа 1,7 проценти од вкупниот светски БДП. За време на пандемијата со коронавирусот, уште на почетокот на април, нивната вредност надмина 2,6 проценти (Le Monde, 4 април 2020.), иако одредени земји како САД (10%) или Обединетото кралство (8%) ја надминаа оваа бројка. Овие проценти ги претставуваат само првите напори на државите, никој не се сомнева дека тие ќе се зголемат дополнително во претстојните месеци.
На споменативе буџетски мерки им се додаваат гигантските цифри издадени од централните банки. За разлика од својот јапонски или британски парник, Европската централна банка (ЕЦБ) сѐ уште одбива директно да ги финансира државите. Меѓутоа, таа купи и 1,2 милијарди евра во хартии од вредност, како јавни обврзници, така и во форма на долгови на мултинационалните компании како БМВ, Шел, Тотал, ЛВМХ или Телефоника. Овие мерки дополнуваат низа прописи кои го олеснуваат пристапот на банките до готовината. Обожавањето на тотемот на финансиската стабилност значи дека пред кулминацијата на кризата предизвикана од коронавирусот инвестициските фондови, банките и големите компании, вклучувајќи ги и најголемите загадувачи меѓу нив, се главни корисници на државна помош. „Социјализмот за богати“ никогаш не бил олку заштитнички настроен.
Меѓутоа, сериозноста на кризата, како и фактот дека таа потешко го погоди „производствениот“ отколку финансискиот сектор, донекаде ја менува дефиницијата на Кинг. Во САД Министерството за финансии на граѓаните им овозможи директна помош; за волја на вистината, скромна: тоа е принципот „пари од хеликоптер“ (пари кои паѓаат од небо), при што централните банки ги субвенционираат домаќинствата и претпријатијата без посредство и без повратна обврска. Во Франција на 22 април повеќе од половина работници во приватниот сектор беа делумно невработени и на товар на државата. Уште на крајот од март „Француската опсерваторија за економски услови“ (OFCE) процени дека месечниот трошок за исплата на дел од платите на вработените е 21 милијарда евра (2).
Гледаме дека се појавуваат знаци на поинаква економска логика
Пандемијата дозволи уште еднаш да ја одложиме примената на наводно светите неолиберални догми за подобро утре, вклучувајќи ги и бројните фундаментални критериуми во еврозоната. Идејата дека централните банки смеат да го монетизираат јавниот долг, со други зборови, директно да ги регулираат државните издатоци, сега е редовна тема на дискусиите на политичките и финансиските елити. Се чини дека борбата ќе биде тешка, но моменталната идеолошка вонредна состојба нуди историска прилика за пробивање на бариерите помеѓу финансирањето на економијата и приватната сопственост на капиталистите. Во суштина, доколку (повторно) откриеме дека централните банки смеат, во рамки на производствените капацитети за одредена економија, да ги финансираат инвестициите неопходни за одржување на активностите, пазарите во истиот момент би го изгубиле својот статус на диригент на економијата: веќе не би имало потреба да им се додворуваат на инвеститорите, а политиките за штедење би останале без легитимитет.
Не треба да се залажуваме, неолиберализмот не е на смртна постела. На пример, во Франција скромноста на мерките за помош на најсиромашните домаќинства укажува дека власта одржува евтина резервна армија на трудот за да наметне намалување на општото ниво на платите како мерка за ублажување на кризата (3). Сепак, и тука можеме да видиме дека се јавуваат знаци на поинаква економска логика, што често е случај во кризни ситуации - како што се вооружените конфликти. За време на Првата светска војна Париз беше погоден од недостиг на јаглен (4). Тогаш државата ја презеде одговорноста за негово производство и дистрибуција. Снабдувањето на домаќинствата се одвиваше според два критериуми: според големината на становите и бројот на луѓе што живеат во нив, врз основа на што се проценуваше количината јаглен неопходен за греење. Тоа гориво престана да се распределува според куповната моќ на домаќинствата: стана израз на нивните реални потреби. Се премина од парична кон природна пресметка.
Кризата со пандемијата секако е помала трагедија од Првата светска војна. Без оглед на тоа, можеме да видиме дека се применува слична логика. Заштитни маски и респиратори нема ни приближно доволно. Никој не се осмелува да го крене гласот заради нивната цена. Единствено прашање кое кружи е: колку можеме да произведеме и колку брзо? Квантитетот ја замени цената. Подредувањето на пазарите на реалните потреби исто така се јавува во форма на реквизиција. Ирска, бастионот на неолиберализмот, не се колебаше да ги национализира приватните болници за време на кризата. И Доналд Трамп се повика на Defence Production Act, законот од времето на Корејската војна (1950-1953) кој го овластува претседателот на САД да ги принуди компаниите да го приоретизираат производството на добра потребни за задоволување на јавниот интерес, за да ја забрза изработката на вештачки респиратори. Итноста укажува на потребата за надминување на пазарните механизми.
Кризите претставуваат крстосници за општествата. Претходните рутини често се враќаат кога ќе помине бурата; повеќе или помалку така беше после финансискиот колапс од 2008 година. Меѓутоа, понекогаш кризата претставува можност да се прифати поинаква логика.
Таква можност потенцијално постои и во моменталната ситуација: да го поставиме задоволувањето на основните потреби наспроти пазарот.
Пандемијата со новиот коронавирус посочи дека постои уште едно барање. Ковид-19 се создаде како последица на сѐ поголемото преклопување на човечкиот и животинскиот свет кое е поволно за ширење на вирусот (5). Оваа трансформација е резултат на уништувањето на животинските живеалишта, што ги наведува животните кои носат заразни болести да се населуваат во близина на човечките населби. Покрај задоволувањето на основните потреби, алтернативната, етичка, економска логика треба да ја обнови и почитува еколошката рамнотежа. Како ќе ја наречеме? Еколошко планирање.
Оваа програма мора да се ослободи од правилата
за штедење
Програмата е заснована на пет основи.
Пред сѐ, првиот столб е јавна контрола на кредитите и инвестициите. Станува збор за тоа со закон да се забрани финансирањето на загадувачките индустрии, а потоа тие да се забранат. Овој потег би морало да се одвива паралелно со значителни инвестиции во еколошката транзиција, обновливата енергија и природната инфраструктура, особено во форма на адекватна изолација на градбите. Проценки за потребни средства постојат, како оние што ги направи здружението negaWatt (6). Меѓутоа, се работи како за измена на основите на јавните услуги, така и за нивно зачувување, особено на полето на образованието, здравството, транспортот, водите, обработката на отпадните материи, енергетиката и телекомуникациите, кои беа оштетени или уништени од пазарната логика.
Во февруари 2019 Берни Сандерс и Александрија Окасио-Кортез го претставија својот проект Green New Deal („нов зелен договор“). Земајќи го за урнек политичкото управување со економијата спроведувано од администрацијата на Френклин Рузвелт во времето на Големата депресија во триесеттите, тој предвидува потполно укинување на индустриските емисии на јаглерод диоксид за период од десет години. Не е време за половични мерки, бидејќи еколошката состојба е алармантна. Оваа програма мора да се ослободи од правилата за штедење со чија примена државите се лишија од каква било моќ на полето на зачувување на животната средина. Во секој случај, кризата со коронавирусот ги распарчи овие правила.
Во неолибералниот капитализам пазарите кои се потпираат на банките и нерегулираниот финансиски сектор (shadow-banking) претставуваат центар во кој се одредува начинот за распределба на добрата. Изборот да се инвестира во одреден сектор или активност се заснова на критериумите за рентабилност и солвентност, со исклучок на тенкиот слој зелена боја која треба да ја разубави рубриката „Наши вредности“ на веб страниците на големите компании. Во јануари 2020 година Лоренс Д. Финк, газда на инвестицискиот фонд Блекрок, објави моќно писмо наменето за индустријалците (7). Во него изјави дека сака „одржливите инвестиции“ да ги направи главен принцип за управување со својот капитал. „Екобланширањето“ беше очигледно за сите, бидејќи доаѓа од фонд кој вложува значителни суми во секторот со фосилни горива (8). Дури и да претпоставиме дека се работи за искрени намери, инвестициите не можат да бидат поодржливи отколку што тоа го диктира логиката на конкуренцијата, која по природа е фокусирана на краток рок.
Треба да се уништи централизираната моќ на приватниот финансиски сектор. Инвестициите во транзицијата мора да бидат подложени на демократска контрола на сите нивоа на донесување на одлуките. Советникот на владата на Пјер Мороа во периодот на национализацијата 1981-1982 година и поранешен член на генералниот совет на Француската банка, Франсоа Моран, предлага: „Избраните претставници на власта мора да бидат во срцето на одлучувањето за кредитите и, со самото тоа, во издвојувањето нови пари. На секое ниво избраните претставници мора да ги дефинираат критериумите за одобрување заеми, природата на примателите и дозволените износи (...) според активноста како главен фактор (9).“
Да се организира одраст за користење на природните ресурси
Таквите дискусии за инвестициите мора да им се потчинат на генералните цели зацртани на национално ниво - или дури на континентално или светско, особено по прашањето на екологијата - но нивната автономија би била гаранција за зачувување на своевидната институционална разновидност. Далеку од пазарната униформност, меѓуодносот на централизацијата на исконските цели и локалната динамика на нивното остварување ќе ги поттикне различните форми на живот и капацитетите за прилагодување кои ги поседуваат сите човечки општества. Во случајот со транзицијата која претпоставува масовна распределба на ресурсите во краток рок, доколку се случи да дојде со несогласувања помеѓу различни нивоа, во крајна инстанца националното ниво би извојувало победа. За да се случи тоа, потребна е легитимност: подобрувањето на квалитетот на процедурите за донесување одлуки е апсолутно еколошко прашање.
Издавањето кредити исто така би морало да ги зема предвид екосистемските ограничувања. Експериментите со планската економија од 20 век во Советскиот сојуз, Франција и други земји, често имаа за цел зголемување на средствата и капацитетите, на пример после војните. Планирањето досега се водеше според продуктивистичката логика. Еколошкото планирање мора да организира одраст за користење на природните ресурси. За да се успее во тоа, мора да се располага со најсофистициран статистички апарат. Планирањето подразбира познавање на сегашноста и формулирање остварливи сценарија за иднината (10). Сепак, познавањето на влијанието на еколошките фактори на економската активност сѐ уште е нецелосно. Не располагаме во доволна мера со добри и прецизни индикатори кои би ни помогнале да го насочиме процесот на дискутирање и одлучување. Јасен мандат и повеќе ресурси би им дозволиле на јавните статистички заводи да создадат такви индикатори.
Нема потреба да се преправаме: невработеноста би погодила бројни вработени во изгаснатите загадувачки индустрии. Зашто веќе со децении екологијата носи слика на деиндустријализација која, кога се создава како последица на преместување на производството - без никаков обѕир спрема околината - предизвикува социјални проблеми. Еколошкото планирање најпрвин треба се заснова врз широките народни слоеви. Значи, тоа мора да направи пресврт во односот на силите и да го поврзе самото производство со освојување нови социјални права за работниците и работничките.
Токму тоа е вториот столб на еколошкото планирање: државата мора да гарантира работа за секого. Новиот еколошки предлог на Сандерс и Окасио-Кортез ја содржи таа едноставна но клучна мерка (11). Државата се обврзува да понуди или да финансира вработување на секоја личност што сака да работи, со плата еднаква на основната плата во јавниот сектор (или повисока од неа). Како што централните банки се „последни“ заемодавачи за време на финансиски кризи, државата со гаранцијата за вработување стана „последен“ финансиер на платите. Оваа мерка би овозможила отворање работни места во секторите кои капитализмот ги смета за неисплатливи, но кои често имаат висока социјална и еколошка вредност: одржувањето на природните ресурси, грижата за најстарите и најмладите, поправките итн. Покрај бројните ограничувања, експериментот „територија на нулта дологорочна невработеност“, кој се спроведува помеѓу 2016 и 2021 година на десетина различни локации, ни го нуди првиот увид во гарантирањето на вработеноста (12). Тој се заснова на три идеи: никој не е невработлив (сите имаат вештини и право истите да бидат општествено признаени), пари не недостасуваат, а работа уште помалку - она што недостасува е работа каква што ја дефинира пазарот, односно, работа која му додава вредност на капиталот.
Значи, се работи за тоа да се оди чекор понатаму од заштита од флуктуациите на пазарот на трудот преку гарантирање вработувања кои, на споменатата заштита, би го додале задоволувањето на потребите кои не ги покрива пазарот. Можеме да замислиме дека просторот за дијалог меѓу слободните личности од една и локалните колективи од друга страна би придонел за утврдување на работните места корисни на ниво на одредена територија. Дополнителната вредност на ваквата програма се однесува на изградба на минимална основа со општествени норми кои се однесуваат на условите за работа и надоместоците, чии благотворни ефекти би се ширеле на сите вработени. Со гарантираното вработување работата ќе престане да биде стока, зашто нејзиното постоење и нејзината корисност веќе нема да се одредуваат на пазарот.
Кризата со коронавирусот откри уште една хиерархија на односите (13). Одеднаш животот на најшироката популација почна да зависи од здравствените работници и работнички, вработените во супермаркетите и чистачите и чистачките. Сето тоа се занимања кои во нормално време не уживаат особен општествен престиж ниту се добро платени. На нив им аплаудираа секоја вечер во 20 часот од терасите. Некои дури предложија на 14 јули (Денот на државноста во Франција) тие да продефилираат наместо војската. Прашањата на еколошката транзиција мора да поминат низ истиот процес на ревалоризација. По примерот на рударот за јаглен, пешадинецот во „борбата за производство“ кој после Втората светска војна беше воздигнат во симбол на централност во светот на трудот, и на транзицијата ѝ се потребни „херои“ - во овој случај хероини. Не станува збор за тоа дека се гради дух на жртва, туку дека сите нешта се посматраат во контекст на тоа колку придонесуваат за задоволување на реалните потреби. Тоа ќе се случи преку драконско намалување на распонот на платите и зголемување на приходите поврзани со бројни општествено и еколошки корисни занимања кои досега беа занемарени. Оваа битка ќе има и културна димензија: нема да можеме да ја промениме колективната имагинација градена цел век ако филмовите, романите и песните не почнат да ги воздигнуваат лекарите, оние што рециклираат и селаните на нивото кое во фикцијата сега го заземаат полицајците, бизнисмените, адвокатите и информатичарите.
Трето, еколошкото планирање мора да доведе до релокација на економијата. Европската унија има зелен пакт за Европа, кој во јануари 2020 година го објави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен. Во моментот кога ги претставуваше неговите рамки, ЕУ потпиша договор за слободна размена со Виетнам... Сѐ повеќе и повеќе стока кружи на планетата, а тоа придонесува за испуштање гасови од стаклената градина во атмосферата. Покрај тоа што ја заострува нееднаквоста, слободната трговија предизвикува еколошка катастрофа.
Оваа релокација мора да се заснова на три принципи. Првиот е укинување на регионалната специјализација. Тоа на конкретни територии би им овозможило да се ослободат од влијанието на флуктуациите на светскиот пазар и да го повратат суверенитетот над сопствените производи. Капиталистичката глобализација и развлекувањето на ланецот на производство и трговијата ја извлекоа контролата од рацете на населението. Вториот принцип е солидарен протекционизам: воспоставувањето социјални и еколошки царински бариери мора да оди под рака со укинување на монополите на големите компании во доменот на интелектуалната сопственост. Нејзината либерализација на најголем број луѓе би им овозможила да извлечат корист од иновациите. Исто така, размената на знаења и технологијата треба да придонесуваат за зголемување на општествените и еколошките права. Солидарниот протекционизам, кој воопшто не е исчезнат, би го обновил интернационализмот врз основа на екологијата и размената на знаењата.
Исто така, релокацијата би ја промашила својата цел доколку, на трето место, тоа не би влијаело на она што се произведува и како. Капитализмот има интерес во најголема мера да го скрати животниот век на стоката, принудувајќи ги потрошувачите постојано одново да ја купуваат. Затоа тој на пазарот пласира неквалитетни добра. На производителите мора да им се наметнат стандарди за издржливост, како и најдолго можни гаранции за употреба. Поиздржливите производи кои се заменуваат поретко, а се поправаат почесто, би го намалиле притисокот врз екосистемите. Движењата кои заговараат подигнување на свеста се во полн замав. Тие често се водат според индивидуалистички морал (14). Освестеноста може да биде само колективна, што значи дека треба да се воведе регулатива која ќе ја поттикнува. Треба да преминеме од конструктивистичката визија за индустриската активност кон концепција насочена кон продолжување на животниот век на стоката: одржувањето, поправката и унапредувањето на производот со тек на време би требало да ја заменат логиката дека „сѐ треба да се фрла“. Тоа е прашање на инвестиции, работни места, способност, но и општествени гаранции.
Big Data револуцијата може да ја заживее планската економија
Строгото органичување на рекламирањето треба да биде дел од новата регулатива. Тоа што некоја компанија сака да ги извести своите клиенти за предностите на нејзината стока е сосема разумно. Меѓутоа, рекламите го окупираат нашиот секојдневен живот и нашите простори за повеќе да продаваат магла отколку производи. Во 20 век маркетиншките буџети на компаниите - особено мултинационалните - пораснаа вртоглаво (15). Во доба на монополистички капитализам тоа е еден од главните начини за освојување нови делови од пазарите. Во такви услови нема можност да се појават нови облици на одржлива потрошувачка.
Четвртиот столб на еколошкото планирање е демократијата. Експериментите со планска економија од минатото беа не само продуктивистички туку и технократски, вертикални, понекогаш и авторитарни (16). На пример, во СССР планерската бирократија одлучуваше за квантитетот и квалитетот на произведените добра. Тој авторитаризам водеше кон проблемот со слабиот политички легитимитет на овие режими, но и кон проблеми поврзани со непознавање на економијата. Отсечени од цивилното општество, планските интелектуалци не знаеја многу за потребите и желбите на граѓаните и граѓанките. Тоа понекогаш доведуваше до неверојатна неусогласеност на понудата и побарувачката, предизвикувајќи немаштија и расипништво.
Врската меѓу планирањето и авторитаризмот е неизбежна. Раскинувањето на таа врска, пак, подразбира извесна институционална креативност. Во текот на изминатите 30 години не недостасуваа експерименти во врска со партиципативната демократија (17). Тие често претставуваа политички сплетки, додека важните одлуки се донесуваа во управите и извршните одбори. Мерките како консензуалните конференции, граѓанските пороти, партиципативните буџети или идните граѓански собранија (18) секако би можеле да придонесат во дискусијата за потребите. Условот за ефикасност на овие форми, до денес неисполнет, подразбира дека тие навистина влијаат на изборите во производството. Со други зборови, мерките треба да овозможат потиснување на пазарните механизми во корист на политизација на економијата.
Усогласувањето на понудата и побарувачката би можело да се заснова и на дигитални механизми, како што веќе е случај во денешниот капитализам. На 4 септември 2017 година дневниот весник Фајненшл Тајмс објави дека „Big Data револуцијата може да ја заживее планската економија“. Според мислењето на еден од нивните колумнисти, моменталните капацитети за собирање податоци и правење пресметки во блиска иднина би можеле да помогнат да се надминат одредени недостатоци на централизираното економско планирање од 20 век. Огромната количина информации која постојано ја создаваат сите економски актери, ни овозможува речиси истовремено да дознаеме за изборите кои ги прават огромен број потрошувачи, без потреба да поминуваме низ системот на цени. Меѓутоа, овие податоци во суштина ѝ припаѓаат на приватната индустрија на Силиконската долина, а истото е случај и со инфраструктурата која ги генерира и обработува. Доколку се поопштествуваат, доколку се стават под демократска контрола и доколку се реориентираат кон општественото добро, тие би придонеле за создавање алтернативи на пазарните решенија.
Најпосле, петтиот и последен столб на еколошкото планирање: еколошката правда. Ковид-19 однесе многу жртви во најсиромашните региони. На пример, во Франција, во Сен Дени. Здравјето на најголем дел од народните слоеви е чувствително; во недостиг на адекватно сместување и средства, нивните припадници и припаднички почесто се разболуваат и поретко одат на лекар, зашто местата каде живеат претставуваат медицински пустини. Па сепак, занимањата кои се најдоа во првите редови во борбата против коронавирусот често ги извршуваат луѓе токму од такви места, што ги прави дополнително ранливи на вирусот. Пандемиите ја заоструваат класната нееднаквост.
Истото важи и за климатската криза. Широките народни слоеви потешко се погодени од загадувањето и елементарните непогоди од богатите (19). Па сепак, властите сакаат ним да им ја врачат транзициската сметка, како што беше случај со катастрофалната епизода на еколошкиот данок, која доведе до создавање на движењето „жолти елеци“. Таквиот план не само што е морално дубиозен туку води во политичка пропаст: нема да дојде до транзиција без согласност од широките народни слоеви. Придобивањето на таа согласност подразбира поставување на правдата во сржта на транзицијата, за тие слоеви да можат да вршат демократска контрола над изборите во производството и потрошувачката. Во Франција 10 проценти од најбогатите се одговорни за исфрлање осум пати поголема количина гасови од стаклената градина во атмосферата од 10 проценти од најсиромашните (во САД таа бројка е 24 пати поголема, во Бразил 46 пати)(20). Богатите, поради нивниот неодговорен начин на живот, треба да ја платат цената за уништување на животната средина.
Истовремено да ги трансформираме своите економски и политички системи
Екологијата сега е главна грижа во Европа. Меѓутоа, каква екологија? Конзервативниот австриски премиер Себастијан Курц има една идеја. Во јануари, во моментот кога ја оформи коалицијата со Зелените - првпат на државно ниво - изјави дека човештвото ќе се соочи со два големи предизвици: имиграцијата и климатските промени. Оттука смислата на сојузот на конзервативците со еколозите. Кризата со коронавирусот може да го забрза настанокот на конзервативната екологија. Барањето за „силна“ држава предизвикано од стравот и навиката за затворање на границите и „следење“ на населението, заедно со сѐ поголемата свест дека продуктивизмот предизвикува сѐ поголеми катастрофи, можат да направат Австрија да стане првата земја која ќе понуди авторитарен одговор на еколошката криза. Би се излажале ако тоа го сметаме за неприроден сојуз. Извесен конзервативен импулс се провлекува низ целокупната историја на екологијата.
На оваа конзервативна екологија мораме да ѝ спротивставиме поинаква визија. Онаа која ги користи сите полуги на државата за да ја оствари транзицијата, но тоа го прави користејќи ја приликата да ја демократизира државата и да ја заобиколи претставничката демократија во насока на директна демократија. Во таа смисла еколошката транзиција бара истовремена трансформација на нашите економски и политички системи. Нивна или наша екологија - почна големата битка на 21 век.
Седрик Диран е економист на Универзитетот Париз-XIII.
Размиг Кучејан е социолог на Универзитетот во Бордо.
ФУСНОТИ
(1) Бенџамин Лемоан, L'Orde de la dette. Enquete sur les infortunes de l'Etat et la prosperite du marche, La Decouverte, Париз, 2016.
(2) „Evaluation au 30 mars 2020 de l'impacct economique de la pandemie de Covid-19 et des mesures de confinement", Policy Brief, бр. 65, ОФЦЕ, Париз, 30 март 2020.
(3) Михаел Земур, „Coronavirus: Le gouvernement ne se rend pas compte de l'exposition des menages modestes a la crise“, Le Monde, 27 март 2020.
(4) Тиери Бонзон, „Consumption and total warfare in Paris (1914-1918)“, во Френкт Трентман и Флеминг Џаст (ур.), Food and Conflict in Europe in the Age of the Two World Wars, Palgrave Macmillan, Лондон, 2006.
(5) Прочитај: Соња Шах, „Contre les pandemies, l'ecologie“, Le Monde diplomatique, март 2020.
(6) Здружение negaWatt, Manifeste negaWatt, En route pour la transition energetique!, Actes Sud, библиотека „Babel Essai“, Arl, 2015.
(7) Лоренс Д. Финк, „A fundamental reshaping of finance“, јаунари 2020, www.blackrock.com.
(8) Амели Канон и Максим Ком, „BlackRock se pale une operation de greenwashing grace a Paris et Berlin“, Basta!, 24 јануари 2020, www.bastamag.net.
(9) Франсоа Моран, Quand la gauche essayait encore. Le recit inedit des nationalisations de 1981 et quelques lecons due l'on peut en tirer, Lux, Монтреал, 2020.
(10) Ален Деросјер, „La commission et l'equation: une comparaison des Plans francais et neerlandals entre 1945 et 1980“, Geneses. Sciences sociales et histoire, бр. 34, Париз, 1999.
(11) Павлина Чернева, The Case for a Job guarantee, Polity Press, Кембриџ, наскоро ќе се појави во печат.
(12) Ан Фретел и Флоренс Жани-Катрис (коорд.), „Une analyse de la mise en oeuvre du programme experimental visant a la resorption du chomage de longue duree dans le territoire urbai de la Metropole de Lille“, вонреден извештај, 11 јуни 2019, достапно на: https://chairess.org.
(13) Виктор Ле Буаселие, „Dominique Meda: Nous savons aujourd'hui quels sont les metiers vraiment essentiels“, Politis, Париз, 25 март 2020.
(14) Прочитај: Жан-Батист Мале, „Le systeme Pierre Rabhi“, Le Monde diplomatique, август 2018.
(15) Џон Белами Фостер, Хана Холман, Роберт Мекчесни и Ингер Стол, „The sales effort and monopoly capitalism“, Monthly Review, vol. 60, бр. 11, Њујорк, април 2009.
(16) Бернар Шавонс, „La planification centrale et ses alternatives dans l'experience des economies socialistes“, Actuel Marx, бр. 65, Париз, 2019.
(17) Јаник Барт, Мишел Калон и Пјер Лакум, Agir dans un monde incertain. Essal sur la democratie technique, Сеј, Париз, 2001.
(18) Доминик Бур (ур.), Inventer la democratie du XXle siecle. L'Assemblee citoyenne du futur, Les Liens qui liberent, Париз, 2017.
(19) Катрин Ларер (ур.), Les Inegalites environnementales, Presses universitaires de France, Париз, 2017.
(20) Лукас Шонсел, Insoutenables Inegalites. Pour une justice sociale et environnementale, Les Petits Matins, Париз, 2017.
Слики: Waldemar von Kazak
Извор за текстот: Le Monde diplomatique (интернационално издание)