Не сме сите во ист чамец

08.02.2018 02:52
Не сме сите во ист чамец

Во секојдневниот политички дискурс на бројни земји се провлекува идејата за навидум неограничен економски раст. Во каков однос се економскиот раст и ограничените планетарни ресурси?

Дискусиите за еколошките граници на економската експанзија, односно ширењето на модерниот капиталистички систем на производство и дистрибуција, се водат уште од седумдесеттите. Може да се каже дека веќе долго манипулираме со темелните сознанија за оваа проблематика. Но, треба да се има предвид дека за тие граници е можно да се дискутира само во однос на конкретен систем на производство. Значи, еколошките ограничувања вариаат во зависност од различните начини на производство. Границите за кои дискутираме во моментов се специфични за ширењето на капитализмот.

Климатските промени чии сведоци сме, претставуваат еден од главните предизвици за опстанок на човештвото. Во која мера научниот консензус за нивниот претежно антропоген карактер е политички кооптиран од интересните групи кои активно го одржуваат статус кво-то? Дали покрај биолошкиот детерминизам кој стои во позадина на идејата за колективна вина на целокупниот човечки вид постои простор за релевантна политичко-економска критика? Дали биолошкиот детерминизам придонесува за масовна политичка демобилизација?

Денес е мошне развиена идејата за капиталоценот – без разлика дали зборуваме за климатските промени и мисијата на моменталниот економски систем, живееме во период кога човечкиот вид, во одредена смисла, ги достигнува своите граници. Меѓутоа, зборувам за човечкиот вид како целина, репродуцираме специфичен тип политичка моќ и статус. Одговорноста не може да се темели на целото човештво, зашто човештвото не постои во конкретните термини. Би било покорисно да се политизираат дискурсите кои ја проблематизираат капиталистичката мисија. Ние во зеленото движење понекогаш замислуваме слика на чамец што тоне во кој се наоѓаме сите. Но, поентата е што, впрочем, не сме сите во тој чамец. Додека едни се во големиот чамец, други се наоѓаат во многу мал чамец. Едни се во моторен чамец, додека другите се без мотор. Постојат и оние на кои им преостанува само да пливаат. Исто така, некои поседуваат авион и можат да ја прелетаат катастрофата која е резултат на климатските промени.

Би требало да го политизираме прашањето за климатските промени и јасно да одредиме кој мора да ја преземе главната одговорност и да го промени своето дејствување, начинот на живот, начинот на производство итн., зашто вината не лежи кај човечкиот вид во целина. За да пронајдеме начин политички да се соочиме со проблемот на климатските промени, од етичкиот дискурс за заедничката одговорност е нужно да се премине на политичките прашања.

Европската јавност дури во 2015 година стана свесна за мигрантските текови. Колку долго трае овој процес и кои се неговите причини? Дали медиумите од средната струја им придаваат доволно внимание на последиците на империјализмот и капитализмот, особено кога станува збор за постојаните војни за ограничените ресурси и последичните еколошки и демографски кризи?

Мигрантското прашање во Европа во моментов е мошне релевантно и во медиумите му се посветува големо внимание. Меѓутоа, реалноста е многу потрагична, и можам да ви дадам пример за тоа. Миграциите во Италија практично се претвораат во бизнис. Во одредена смисла, сместувањето на бегалците е самоорганизирано и го финансира јавната управа. Поединците кои досега се занимавале со поинакви работи, на пример со продажба на автомобили, целосно го менуваат својот бизнис модел, зашто за секој мигрант/ка на кој/а ќе ѝ обезбедат сместување можат да добијат 35 евра дневно. Под маската на етичката грижа за мигрантите, претпријатијата и корпорациите за сместување илјада мигранти во некој град дневно добиваат и по 3 500 евра, што изнесува над милион евра годишно. Значи, трагедијата не е ограничена исклучиво на политичкиот говор за миграциите и причините за миграциите, туку лежи и во начинот на кој секојдневно се соочуваме со овој проблем во практиката. Иако, за миграциите најпосле се дискутира во медиумите и политичката арена, трагично е како на тоа му се пристапува на терен, а уште потрагично е што сместувањето на бегалците почнува да се посматра како нов профитабилен бизнис.

Заговорниците на теорија на одрастот, на чело со економистот Серж Латуш, се залагаат за запирање или намалување на растот во најразвиените западни земји, односно „економија на негативен раст“ која во рамки на капитализмот би требало да резултира со ублажување на еколошката криза. Дали сметате дека тоа е реалистична опција, со оглед на интересите на мултинационалните компании кои оперираат во рамки на пазарниот систем на глобалниот капитализам? Со други зборови, дали еколошки прифатливата економија е остварлива во капитализмот?

За почеток би сакал да ги разјаснам тврдењата на заговорниците на одрастот и да нагласам дека тие не се однесуваат исклучиво на економијата, туку и на начинот на живот на луѓето. Во идеолошките темели на економскиот раст е идејата според која последново претставува единствен можен пат кон самоостварување и еманципација на индивидуата – поединецот кој на ум ја има сопствената благосостојба и еманципација, за тие цели мора да мобилизира колку што е можно повеќе ресурси. Идејата на одрастот ја доведува во прашање темелната идеја за ослободување преку економскиот раст, чие влијание на западните индустриски, производствени системи и економскиот систем во целина, е особено видлив денес, кога економскиот раст ја доживува својата глобална идеолошка експанзија.

Значи, поентата не е само во осмислувањето на методите со чија помош би било можно да се стесни економијата – важно е и на кој начин ќе го ревидираме сопствениот имагинариум, како индивидуи кои се дел од човештвото да бидеме во состојба да пронајдеме поинаква смисла во нашите животи. Би требало да престанеме да ја бараме таа смисла во обидот за мобилизација на што повеќе ресурси со цел индивидуално соочување со трагедијата на сопственото битисување. Тоа е темелното креативно прашање со кое се занимава идејата за одрастот.

Секако, сето наведено произлегува од капиталистичките односи, кои се темелат на економскиот раст. Во изминатиот век, во бројни случаи и социјалистите паѓале под влијание на овој економицизам и протежирање на идејата за растот, иако во денешно време и натаму недвосмислено доминира капиталистичката варијанта за нагласување на растот.

Како што веќе утврдив, потенцијалот за надминување на проблемите на економската експанзија во рамки на зададените еколошки ограничувања не лежи во тоа целиот човечки вид да го затегне ременот, туку во фактот дека постојат различни начини на живот и системи на производство и потрошувачка, кои одново треба да се доведат во прашање за да се промени општествениот метаболизам на одреден регион, држава или континент. Во тоа е сржта на проблемот.

Не се работи за видот на дискусијата во која ќе утврдиме јасни критериуми и врз нивна основа ќе утврдиме дали развиените земји ја стесниле сопствената економија и дали неразвиениете земји можат да ја зголемат својата материјалност, односно општествениот метаболизам. Најпосле, би требало да ја разоткриеме идеолошката позадина која лежи во темелите на репрезентацијата на економскиот раст – идејата за индивидуата, конструирана преку либералниот имагинариум, која има темелно право да ги мобилизира ресурсите за индивидуална животна полза.

Во тоа лежи основната преобразба. На пример, не мислам дека ќе дојде до промена ако Италија донекаде ја стесни својата економија, Германија го направи тоа во малку поголем размер, а Албанија својата економија да ја подигне на повисоко ниво. Би требало да одиме во сосема друга насока, што подразбира и друго ниво на дискусија, но и поинакво размислување за нас самите како човечки битија.

Приказната за економскиот раст редовно го следи дискурсот за нужноста од зголемување на профитабилноста. Дали оваа агенда е во спротивност со актуелните трендови за стагнирачки или опаѓачки реални надници, до кои доаѓа и покрај паралелните трендови за пораст на работната продуктивност? Како го замислувате алтернативниот систем кој би ги отфрлил принципите на неограничениот економски раст и профитабилноста, притоа стопирајќи го уништувањето на околината? Дали е можно индустриските начини на производство да се преобразат и да се стават во служба на интересите на работниците наместо на капиталистите, а сепак да се зачува околината?

Секако, би требало одново да се осмисли поинаков вид производство. Не би требало да се дозволи понатамошно ширење на капиталистичките општествени односи ако се сложуваме дека нивната експанзија не би смеело да продолжи да обесправува милони луѓе и да ги ограничува животите на бројни други битија со кои сè уште живееме на заедничка планета.

Меѓутоа, се враќам на веќе кажаното, не се работи исклучиво за тоа како одново да се промислат корпорациите или економскиот систем во целина, туку и за начинот на кој одново го промислуваме сопствениот живот. Клучно е во средиштетто на новиот имагинариум да се постави системот на општествена репродукција, а не системот за производство. Феминистките во Европа и ширум светот уште од шеесеттите се занимаваат со ова исклучително важно прашање за исчекор во општеството од „загриженост околу“ кон „загриженост за“.

Значи, мошне е важно да се реконструира нашиот однос спрема афективната работа и повторно да се постави во средиштето на сопствените животи, за да можеме барем делумно да го маргинализираме просторот во рамки на пазарниот систем кој е посветен на производството. Исто така, нема сомнеж дека е потребно да се најде начин за да се обезбеди хегемонија на помошта во репродуктивната сфера.

Овој процес дополнително е отежнат со капиталистичката доминација која во најголема мера ја потиснува важноста на општествената репродукција, но и многу подолгата историја на патријархатот, односно доминацијата на идејата за распределба на должностите поврзани со грижата околу репродукцијата на животот. Ова е главен предизвик. Во исто време се одвлекуваме од производството, како исклучиво капиталистичка сфера, на животниот имагинариум и општествениот систем и се насочуваме кон темелната идеја „загриженост за“, како потенцијал за нова надеж во личните односи, односите во заедницата и односите со природата и екосистемот. Би требало одново да размислиме за овие прашања. Секако, ако ни успее да го направиме овој исчекор, резултатот ќе биде стеснување на производствената сфера на општеството, што е од исклучителна важност зашто токму во неа јакнат и континуирано растат повеќето од социјалните нееднаквости.

Илустрации: Alison Moritsugu

Извор: http://slobodnifilozofski.com

Слични содржини

Активизам / Свет / Екологија / Теорија
Свет / Екологија / Теорија
Општество / Свет / Екологија
Свет / Наука / Екологија
Свет / Теорија / Историја
Општество / Свет / Екологија

ОкоБоли главаВицФото