Планетарни граници

02.04.2024 14:31
Планетарни граници

Планетарните граници претставуваат точки кои, коа ќе се поминат, можат да предизвикаат непоправливи промени во екосистемите и климата, а со тоа и непредвидливи последици за човечкото општество. Пречекорувањето на овие граници го зголемува ризикот од генерирање големи, нагли или неповратни промени во животната средина.

Границите на растот, истражување кое го предводеше глобалниот економски труст Римски клуб во раните седумдесетти години од минатиот век, претставија еден парадокс во анализата на општествените феномени и економијата - нема безграничен економски раст на ограничена планета. Косенквенцата ја набљудуваме и денес, како мака на управувачите, политичарите, стопанствениците, но и сите нас.

Во Стокхолмскиот центар за одржливост, група научници во 2009 година идентификуваа девет клучни процеси и системи кои ги одржуваат стабилноста и отпорноста на нашата планета. Тој концепт се користи за да се идентификуваат еколошките фактори и условите кои влијаат на стабилноста на планетата Земја како систем во кој е можен човечкиот живот каков што го познаваме.

Во истражувањето кое е објавено во септември 2023 година во списанието Science Advance, меѓународен тим научници за првпат ја опфатија проценката на сите девет процеси. Истражувањето ја прикажа планетата во мошне лоша состојба. Концептот на планетарните граници укажува на тесните и комплексни врски помеѓу луѓето и планетата, како и на одговорноста и последиците кои се резултат на заемноста, истакнаа истражувачите.

Забрзувањето на човечките активности директно го зголеми притисокот на виталните граници на екосистемот. Шест од девет планетарни граници веќе се пречекорени и човештвото на тие полиња излезе од безбедната зона на опстанок, односно стабилната состојба во која се наоѓаше земјата во последните десетина илјади години, од последната ледена доба.

Човештвото исчекори во непознатото, односно ги пречекори границите во областите на глобалното затоплување, хемиското загадување, губењето на биодиверзитетот, промената на употреба на земјиштето, користењето питка вода и прекумерното загадување со азот и фосфор.

Областите кои ги опфаќаат процесите на киселоста на океаните, испуштањето аеросоли во атмосферата и состојбата на озонската обвивка сè уште не ја преминале црвената линија, но веќе ги достигнаа лимитите во некои делови од планетата. Сите набљудувани процеси се меѓузависни и можат да влијаат едни на други во нарушувањето на рамнотежата.

Ова истражување е трета голема проценка на рамките на планетарните граници и сега меѓународниот тим научници успеа да пружи подетален преглед. Врз основа на повеќе од 2 000 студии и со помош на компјутерски модели и симулации, направено е мапирање на сите девет процеси кои ги одредуваат рамките на сигурноста за човештвото, од кои, според наодите од истражувањето, несомнено се истапува.

Како што наведува истражувачкиот тим, компјутерските модели на функционирањето на системите на планетата Земја се користат за проучување на интеракциите помеѓу климата и екосистемите во биосферата. Симулациите се правени за следните стотина години, за да се овозможи проучувањето не само на процесите кои реагираат релативно брзо на промени, туку и многу побавните процеси кои, најпосле, го одредуваат исходот од промените кои денес се случуваат во животната средина.

Истражувањето покажува во која мера се нарушени рамките за животот на човекот во последните десет илјади години, но она што е доволно неиспитано е нивната меѓусебна поврзаност. Истражувачите наведуваат дека рамката на планетарните граници им помага да следат и да комуницираат како овие растечки притисоци ја дестабилизираат нашата планета. Исто така предупредуваат дека е невозможно да се предвидат последиците од тоа и апелираат на неопходна соработка со оние што донесуваат одлуки, економијата и пошироката заедница, за се направи обид за намалување на притисокот на сите витални граници. Трошка надеж дава и позитивниот пример на процесот на опоравување на озонската обвивка, благодарение на глобалните иницијативи од деведесеттите наваму.

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Elias Sime

Извор: https://naukakrozprice.rs/

Слични содржини

Општество / Свет / Екологија
Свет / Екологија / Теорија
Свет / Наука / Екологија
Општество / Свет / Екологија
Активизам / Свет / Екологија / Теорија

ОкоБоли главаВицФото