Капиталистичкиот јазол

17.01.2020 00:02
Капиталистичкиот јазол

Резултатите од едно од најважните светски истражувања во јавноста се доживеани само како куриозитет. И покрај тоа, и самото истражување како да спаѓа во рубриката занимливости. Еве со што сѐ се занимаваат луѓето. Или, џабе работи, џабе не седи. Станува збор за тоа дека повеќе од десет илјади најсиромашни семејства во западна Кенија добиле по илјада долари и тоа без никакви услови, но после година и половина да се спореди нивната економска состојба со онаа од пред донацијата. Се покажало дека тие илјада долари биле доволно за семејствата да се извлечат од најтешката сиромаштија, да почнат да се хранат подобро, да ги променат сламените покриви на своите куќи (според кои се оценува сиромаштијата) и да ги подобрат целокупните услови за живот. Стандардот им пораснал и на соседните семејства кои не добиле пари директно, процветал прометот и заживеала економијата.

Експериментот го спровеле познатите американски универзитети Беркли и Принстон, а неговата цел е лесно разбирлива и мошне актуелна. Имено, живееме во свет во кој големото богатство е концентрирано во рацете на мал број луѓе. Податоците, објавени исто така како занимливост по повод минатогодишниот собир во Давос, велат дека само еден процент од човештвото поседува колку останатите 99 проценти, а дека 62 милијардери поседуваат колку и 3,7 милијарди луѓе, што е половина од човештвото. Истражувањето на американските универзитети во Кенија покажа дека сега тоа не е само прашање на социјална правда и елементарна човечка солидарност, туку истовремено и економски проблем. Распределбата на новосоздаденото богатство кoja ja воспостави современиот капитализам ја закочи економската активност. Капитализмот почна да се јаде себеси и тоа според сопствените сакросанктни правила.

Инаку, наодите на американските економисти спаѓаат во едно од најстарите човечки искуства на кое треба да се потсетиме, особено во време во кое секој што е доволно богат и моќен верува дека историјата почнува од него. Пред 2,3 милениуми Александар Македонски со својата војска продирал низ денешен Иран, рушејќи низа дотогаш самостојни сатрапии. Секоја од нив имала главен град и во него дворец во кој владеел сатрап. Во дворецот се наоѓала строго чувана ризница, а во неа, секако, богатството на сатрапот. Сатрапите повремено војувале меѓу себе, а победникот постапувал според истиот ритуал. Откако ќе го освоел дворецот на противникот, провалувал во неговата ризница и сѐ што ќе најдел во неа пренесувал во својот дворец и во својот трезор. Златото и среброто се селеле од еден мрак во друг. Сѐ до Александар Македонски. И тој ги отворал ризниците, но нивната содржина ја оставал на светлото на денот. Ковал пари и ги делел со своите војници. Потоа, сѐ течело како сега во Кенија. Тие се женеле, засновале семејства, граделе куќи, купувале и трошеле, па нивното ново богатство забрзано се пренесувало на околното население. И тука процветале прометите и трговијата, и заживеала економијата во големи подрачја. Меѓу другото, Александар затоа и го добил називот Велики. Наместо систем со сатрапии, воспоставувал облик на хеленска демократија, а нејзин темел бил економскиот раст.

Речиси два милениуми подоцна на сличен начин биле создадени услови и за индустриската револуција во Европа, со жариште во Англија. Шпанските конквистадори ги отвориле ризниците на владејачите во Америка и ја пренесувале нивната содржина во трезорите на своите владејачи. Нивните бродови ги пресретнувале и ограбувале англиските гусари кои во својата татковина биле витези, со углед во дворот на Елизабета Прва, со која го споделувале пленот (Сер Френсис Дрејк, Сер Валтер Рајли и другите јунаци од холивудските филмови). Од тој гусарски плен (претежно сребро, а не злато и драгоцености) се ковале пари, што ја заживеало англиската економија и така се овозможиле вложувањата во индустриската револуција. Имало пари за парни машини и механички ткајачници. Американското сребро предизвикало и одредена инфлација во Европа и така довело до нарушувања во економијата, но користа била неспоредливо поголема.

Како Александар Македонски го рушел стариот, неефикасен систем, е забележано во (апокрифната?) приказна за гордиевиот јазол. Дали воопшто треба да се спомене дека не го расплетол, туку го пресекол со меч? Оттогаш сите такви проблеми, без исклучок, се решавале на ист начин. Последните два премиери пред почетокот на Француската револуција, свесни за состојбата во земјата, на Луј XVI му нуделе опсежни реформи, но привилегираните сталежи категорично ги одбиле и останале непоколебливи сѐ додека не паднала Бастиља, а потоа почнало да паѓа сечивото на гилотината. Своевидна иронија на историјата е тоа што самиот Луј XVI му помогнал на д-р Жозеф Игнас Гилотин да го дизајнира сечивото на својот морбиден изум.

После револуцијата Париз имал околу половина милион жители. Иако таа била водена под знамето на еднаквоста, веднаш бил воведен имотен цензус па право на глас добиле само 15 000 луѓе. На младата буржоазија ѝ требала нација и силна држава која ќе ги штити нејзините интереси и ќе спречи враќање на старото. Но тоа не значи дека сиромашните и бедните смеат да одлучуваат кој ќе ја води државата. Тие го одиграле своето на барикадите. Никому не му паѓало на ум да гласаат и жените, иако во револуцијата, на париските улици, тие имале видна улога. Дури кон крајот на 19 век, кој останал забележан како век на револуции, кога станало јасно дека дека раката на гласачот не ја водат само неговите интереси туку и старите вредности како што се таткото, нацијата или татковината, почнало да се шири правото на глас. (Но не во цела Европа. За претставниците на Хрватскиот сабор, кој постоел сѐ до 1918 година и во кој банот Куен Хедервари ја добил познатата клоца во задникот, право на глас имале помалку од два проценти од населението). Тоа и еден Фридрих Енгелс (Маркс веќе бил на лондонските гробишта) го навело на мислата дека веќе нема да бидат потребни револуции.

Денес со истото прашање се соочуваат многу економисти и филозофи во светот. Дали големите социјални разлики, кои го забавуваат економскиот развој, можат да се намалат без насилство? Со реформа, а не со револуција. Очајнички (зборот не е претежок) се бара позитивен одговор. Најрадикалното решение кое се нуди (Пикети) е воведување прогресивно оданочување. Значи, грубо кажано, државата да почне многу повеќе да зема од богатите и да им дава на сиромашните. Меѓутоа, сѐ делува против тоа. Капиталот бега од држава во држава и така ги избегнува даноците и предизвикува дополнителни локални нарушувања. Даночните оази се множат, наместо да се укинуваат. (Се зборува дека и после Брегзитот и Велика Британија би можела да се вбори во таа категорија). Ни Европската унија не може да воведе заеднички даночен систем за своите членки, а во политиката се многу повлијателни оние кои тврдат дека вистинскиот пат води во спротивна насока. Дека само со намалување на даноците може да се поттикне економскиот раст. За нив концентрацијата на богатството и раслојувањето на општеството не се проблем.

Некои се досетија дека со тоа одамна се занимавал и учителот на Александар Македонски, Аристотел. Според него, од тогашните градови-држави најстабилни биле оние со најброен среден слој. Значи, оние во кои биле најмали социјалните разлики. Но како да се постигне тоа? Одговорот на тоа прашање му го препуштил на својот ученик.

Слики: Sharon Shapiro

Извор: https://www.portalnovosti.com

Слични содржини

Свет / Теорија / Историја
Свет / Теорија / Историја
Свет / Екологија / Теорија
Општество / Свет / Став / Теорија
Активизам / Свет / Екологија / Теорија

ОкоБоли главаВицФото