Како да се заузда моќта на банките

15.09.2021 21:23
Како да се заузда моќта на банките

За академикот и политичар Иво Перишин своевремено се зборуваше со потсмев. Како можеше нешто такво да му падне на ум? Секако, нешто толку глупаво! Како сите во стручните и политичките кругови, изјаснувајќи се за него, да сакаа да ја докажат сопствената мудрост. Четириесетина години подоцна во светот се обновува неговиот некогашен предлог, но во значително порадикална форма. Станува збор за намалување на можноста банките да заработуваат без труд и ризик, само благодарение на својата положба во финансискиот систем. Идејата со која би се постигнало тоа Перишин ја нарече автоматска и бескаматна монетизација (или некако слично), а стануваше збор за укинување на каматите на обртните средства.

На претпријатијата им требаа пари за тековно работење и ги добиваа од Народната банка, на која ѝ ги враќаа после секој завршен производствен или деловен циклус. Нејзината улога Перишин ја споредуваше со казанче во тоалет. Пуштате вода, таа ќе ја изврши својата функција и ќе исчезне. Парите беа од емисијата, зашто Народната банка нема други пари. Таа „печатеше“ пари по потреба, а кога ќе ги добиеше назад, ги поништуваше. Но, помеѓу Народната банка и претпријатијата беа деловните банки. Тие добиваа пари од Народната банка и така го кредитираа стопанството, уредно наплатувајќи камата (во тоа време каматата најчесто изнесуваше шест проценти) и така префрлуваа голем дел од приходите од стопанството во своите џебови.

Перишин со право сметаше дека во тој ланец банките се скапа и вишок алка, па предлагаше тие да се исклучат, а кредитите за обртни средства да се заменат со правото на претпријатијата на бесплатно користење пари од емисијата на Народната банка. Значи, право на монетаризирање на своето работење. На тој начин за стопанството, денес би рекле реалниот сектор, би останало повеќе, па би постоела можност повеќе да се инвестира и да се даваат повисоки плати. Иво Перишин добро го познаваше системот и тоа однатре, беше и гувернер на Народната банка на Југославија, па сепак не ја оцени добро моќта на банките и поврзаните политичари. Со него никој не полемизираше со аргументи, ниту неговиот предлог беше сериозно разгледан. Наместо тоа, тајно и во кулоарите, го прогласија за забушант.

Денес како лек за растечката социјална нееднаквост некои (претежно леви) економисти во светот предлагаат многу поостар удар за банките и нивните незаслужени приходи. Така, гласниот Јанис Варуфакис заговара на банките да им се одземе целиот платен промет со кој наплатуваат безброј надомести и провизии. (Хрватска е само дел од светскиот систем.) Се плаќа за сè, зашто секоја парична трансакција, па и онаа кога ќе платите кафе со картичка, поминува низ дигиталниот систем кој е во сопственост на банките. А тој систем би требало да биде јавно добро, вели тој, како што се патиштата или канализациската мрежа. Наместо тоа, стана профитабилен бизнис за картелот банки. Како и Перишин за обртните кредити, Варуфакис предлага исклучување на банките од ланецот на финансиското работење и тоа така што народните (централни) банки би им доделиле дигитални сметки на сите резиденти (но и нерезиденти со кои соработуваат), додека сите трансакции би биле моментални и бесплатни. Тој нуди и систем во кој емисијата на пари би ги заобиколила банките, зашто сега таа им се дава во рацете на богатите, кои благодарение на тоа се богатат уште повеќе.

Приватните банки се еден од главните инструменти со кои постојано незадржливо се зголемуваат социјалните разлики, што е најголем проблем (покрај загадувањето на околината) на доцниот капитализам во кој живееме. Моменталната состојба совршено ја опишува американскиот политичар и несуден демократски кандидат за претседател Берни Сандерс во Гардијан. Неговите податоци се особено интересни зашто зборуваат само за Америка, значи за најбогатата земја во светот, а не за некои зафрлени места во Африка или Азија. „Половината“ Американци едвај преживуваат од еден чек до друг“, пишува тој, „половина милион од најсиромашните се бездомници, милиони стравуваат дека ќе бидат исфрлени од своите домови, 92 милиони Американци живеат без или со недоволно здравствено осигурување, а многу семејства се грижат како ќе ги прехранат децата. Цела генерација е оптоварена со огромен студентски долг и со сознанието дека животниот стандард кој ги чека ќе биде понизок од оној што го уживале нивните родители. Најлошо од сè, животниот век на сиромашните Американци е за околу 15 години пократок од животниот век на богатите. Во Америка сиромаштијата е смртна пресуда. Од друга страна, на богатите никогаш не им било подобро. Еден процент од најбогатите поседуваат повеќе од она што го поседуваат 92 проценти од населението, додека 50 најбогати Американци поседуваат повеќе од целата долна половина од дистрибутивната скала - што е околу 165 милиони луѓе. Додека милиони Американци заради пандемијата останаа без работа и приходи, 650 милијардери минатата година го зголемија своето богатство за 1,3 билиони долари. (...) Најверојатно е дека само двајцата најбогати луѓе во Америка, Џеф Безос и Илон Маск, поседуваат колку 40 проценти од сите Американци од долниот дел на скалата.“ Затоа Сандерс најавува црни денови за демократијата. „Непријатна вистина е тоа што сè побрзо се движиме кон олигархиско општество, во кое неколкумина милијардери ќе имаат огромно богатство и моќ“, пишува тој, „додека работничките семејства ќе проаѓаат низ искушенија кои не се видени од времето на Големата депресија. Пандемијата дополнително го продлабочи проблемот.“

Денес банките се еден од главните инструменти во рацете на крупниот капитал, но каква беше нивната функција во социјалистичка, самоуправна Југославија, кога академикот и политичар Иво Перишин погоди слаба точка? Беше лукративно да се работи во банка. Платите беа највисоки во банките, лесно се добиваа станови, а постоеја и разни други привилегии. На пример, еден лекар, познаник на авторот, беше задолжен за амбулантата во тогашната Народна банка, па наскоро дозна дека хигиеничарката во таа установа има повисока плата од неговата во здравствениот дом. Но, тоа беше само попатен ефект. Нешто друго беше главно. Пресудно влијание врз работењето на банките имаа комитетите, односно политичарите, односно политичката бирократија. Претпријатијата, особено големите, најчесто беа сосема самостојни па не ги слушаа комитетите, туку се однесуваа во склад со пазарот. Со банките беше обратно. Тие им служеа на политичарите за остварување на нивните инвестициски замисли. Оној што владее со проширената репродукција (инвестициите), владее со општеството. Сандерс вели дека со помош на парите се концентрира моќта, а тоа води кон олигархиско општество. И бирократијата во Југославија на тој начин ги развласти самоуправувачите и во своите инвестиции (тогаш ги нарекувавме фараонски) напика огромен општествен капитал, кочејќи го напредокот на целата економија. Парадигма за тоа во Хрватска беше фабриката за алуминиум во Обровац, иако многу поскап проект беше исто така промашената петрохемија на Крк. Ина, во чии рамки беше и петрохемија, беше миленичка на политичарите. Во еден момент 70 проценти од сите инвестиции во Хрватска одеа во Ина, а Стопанска банка Загреб функционираше како инвестициска банка на Ина.

Иронија на судбината е што токму Иво Перишин беше еден од креаторите на проектот во Обровац. Покрај него, тука беше и Јаков Сиротковиќ, еден од највлијателните југословенски економисти и политичари. Беше директор на Сојузниот завод за планирање, па потпретседател на југословенската сојузна влада, задолжен за економијата, па претседател на републичката влада, па претседател на Југословенската академија за науки и уметности, а после националистичката револуција на Туѓман објави книга во која докажуваше дека Југославија ја експлоатирала Хрватска. Но сето тоа е минато свршено време. Аорист.

Слики: JOHN HOLCROFT
Превод: Алек Кузмановски
Извор за текстот: https://www.portalnovosti.com/ 

Слични содржини

Свет / Теорија / Историја
Свет / Теорија / Историја
Свет / Екологија / Теорија
Општество / Свет / Став / Теорија
Активизам / Свет / Екологија / Теорија
Општество / Свет / Теорија
Општество / Свет / Теорија

ОкоБоли главаВицФото