Конфликт на два капитализми (2)

12.02.2020 13:02
Конфликт на два капитализми (2)

 

Кинескиот политички капитализам

Глобализацијата во Азија нема таква репутација: според истражувањата на јавното мислење, 91 процент од луѓето во Виетнам, на пример, сметаат дека глобализацијата е добра. Иронија е што токму комунизмот во земјите како Кина и Виетнам ги постави темелите за капиталистичка трансформација. Комунистичката партија на Кина дојде на власт 1949 година со проповедање и народна револуција (против странските завојувачи) и општествена револуција (против феудализмот), што им овозможи да ги затрујат сите идеологии и обичаи кои го забавуваа економскиот раст и им овозможи да создадат вештачка класна поделба. (Од друга страна, многу помалку радикалната индиска борба за независност не успеа да го избрише кастинскиот систем.) Овие две симултани револуции беа предуслов, гледано на подолги патеки, за создавање автохтона класа капиталисти која ќе ја повлече земјата напред. Комунистичките револуции во Кина и Виетнам суштински одиграа иста улога како и полетот на буржоазијата во Европа во 19 век.

Во Кина, преминот од квазифеудализам во капитализам се одигра молскавично, под контрола на мошне моќната држава. Во Европа, каде феудалните структури се искоренувани полека низ вековите, државата одигра многу помалку важна улога во ова поместување кон капитализмот. Значи, со оглед на оваа историја не е изненадување што капитализмот во Кина, Виетнам и на други места во регионот често ја има и таа авторитативна острица.

Системот на политичкиот капитализам има три одлики кои го дефинираат. Прво, со државата раководи технократска бирократија, на која легитимитетот ѝ го обезбедува економскиот раст. Второ, иако државата има закони, тие се применуваат арбитрарно, и често во корист на елитите кои можат да одбијат да го применат законот ако им е незгоден или со сета сила да го применат против своите противници. Арбитрарноста на владеењето на правото во овие општества се храни со третата одлика на капитализмот: неопходната автономија на државата. За државата да функционира одлучно, таа мора да биде слободна од правните ограничувања. Тензиите помеѓу првиот и вториот принцип - помеѓу технократската бирократија и лабавата примена на законите - доведува до корупција, која е интегрален дел од системот на политичкиот капитализам, а не негова аномалија.

Од завршувањето на Студената војна, овие особини овозможија супер брз раст во навидум комунистичките земји во Азија. Во 27 годишниот период кој заврши во 2017 година, стапката на раст во Кина беше околу 8 проценти, а во Виетнам околу 6 проценти. Споредете го тоа со двата проценти во САД.

Лошата страна на овој астрономски полет на Кина е огромниот пораст на нееднаквоста. Од 1985 до 2010 година, коефициентот Џини на оваа земја скокна од 0,30 на околу 0,50 - повеќе отколку во САД и приближно на нивото кое може да се најде во Латинска Америка. Нееднаквоста во Кина порасна ненадејно и во руралните и во урбаните делови, а порасна и во целата земја заради големиот јаз помеѓу овие делови. Таквата нееднаквост е видлива во секоја поделба - помеѓу богатите и сиромашните провинции, помеѓу висококвалификуваните и неквалификуваните работници, помеѓу мажите и жените, помеѓу приватниот и јавниот сектор.

Значајно е што и во Кина раст бележи уделот на приходите од капиталот во приватна сопственост, кој се чини дека таму е подеднакво концентриран како и во развиените пазарни економии на Западот. Во Кина се формираше нова капиталистичка елита. Во 1988 година, квалификуваните и неквалификуваните работници во производството, административните службеници и владините службеници претставуваа 80 проценти од оние 5 проценти со највисоки приходи. До 2013 година нивниот удел падна за речиси половина, а сопствениците на компаниите (20 проценти) и професионалците (33 проценти) станаа доминатни.

Чудесната одлика на новата капиталистичка класа во Кина е тоа што таа речиси израсна од тлото, бидејќи речиси четири петини од нејзините членови имале татковци кои биле земјоделци или физички работници. Оваа меѓугенерациска мобилност не е изненадувачка ако се има предвид речиси целосното уништување на капиталистичката класа по победата на комунистите во 1949 година и потоа уште еднаш за време на Културната револуција од шеесеттите. Но таа мобилност можеби нема да продолжи во иднина, бидејќи концентрацијата на сопственоста на капиталот, сѐ поскапото образование и важноста на семејните врски ќе доведе меѓугенерациското предавање на богатството и моќта повеќе да наликува на она што го гледаме на Запад.

Па сепак, во споредба со своите западни колеги, оваа нова капиталистичка класа во Кина можеби повеќе е класа по себе отколку класа за себе. Многу традиционално заплетканите форми на сопственост во Кина - каде на локално и национално ниво се бришат разликите помеѓу јавното и приватното - на политичката елита ѝ овозможуваат да ја заузда моќта на новата капиталистичка економска елита.

Кина со милениуми била дом на силни, мошне централизирани држави кои секогаш спречувале класата трговци да стане независен центар на моќ. Според францускиот истражувач Жак Жерне, за време на династијата Сонг во 13 век, богатите трговци не успевале да создадат самосвесна класа со заеднички интереси зашто државата секогаш била тука за да им ја намали моќта. Иако трговците продолжиле да се развиваат како поединци (исто како што новите капиталисти успеваат во модерна Кина), никогаш не создале кохерентна класа со сопствена политичка или економска агенда или со интереси кои би можеле силно да ја пропагираат или да ја бранат. Според Жерне, ова сценарио многу се разликувало од она што во исто време се случувало во италијанските трговски републики и во Холандија. Овој образец според кој капиталистите се богателе без политичка моќ веројатно ќе продолжи во Кина, но и во другите земји со политички капитализам.

 

Конфликт на системите

Ако Кина ја јакне својата улога на меѓународната сцена, така и нејзиниот капитализам неизбежно доаѓа во конфликт со либерално-меритократскиот капитализам од Западот. Политичкиот капитализам би можел да го истисне западниот модел во многу земји ширум светот.

Предноста на либералниот капитализам лежи во неговиот политички систем на демократија. Секако, демократијата е пожелна сама по себе но има и одредени инструментални предности. Со тоа што бара редовно консултирање на граѓаните, демократијата обезбедува моќен коректив за економските и социјалните трендови кои би можеле да го загрозат заедничкото добро. Дури и кога народните одлуки некогаш доведуваат до политика која го намалува економскиот раст, ја зголемува загаденоста или го намалува очекуваниот животен век, демократското одлучување, во релативно ограничен период, ги исправа таквите случаи.

Додуша, политичкиот капитализам ветува многу поефикасно управување со економијата и повисока стапка на економски раст. Фактот дека Кина несомнено е економски најуспешна земја во последниот половина век ѝ дава легитимитет да се обиде да ги извезе своите економски и политички институции. Тоа највидливо го прави преку Иницијативата „Појас и пат“, амбициозен проект кој би требало да поврзе неколку континенти унапредена инфраструктура која ја финансира Кина. Иницијативата претставува идеолошки предизвик за начинот на кој Западот раководеше со економскиот развој ширум светот. Додека Западот се фокусира на градење институции, Кинезите ги насочуваат парите кон градење опипливи нешта. „Појас и пат“ ќе ги поврзе партнерските земји и ќе ги доведе во кинеската сфера на влијание. Пекинг има и планови потенцијалните спорови околу инвестициите да бидат под јурисдикција на суд кој ќе го формира Кина - што е голема промена за земја чиј „век на понижување“ во 19 век беше одбележан со одбивањето на Американците и Англичаните во Кина да им се покорат на локалните закони.

Многу земји со две раце би прифатиле членство во Иницијативата. Кинеските инвестиции ќе донесат патишта, пристаништа, пруги и друга неопхопдна инфраструктура, и тоа без условите кои вообичаено следат со инвестициите од Западот. Кина нема желба да се меша во внатрешната политика на нациите со кои соработува; наместо тоа, таа ја истакнува еднаквоста во третманот на сите држави. Ова е пристап кој многу официјални лица, особено во помалите земји, го сметаат за привлечен. Кина исто така сака да изгради меѓународни институции, како што се Азиската инфраструктурна банка, користејќи ја мустрата од САД после Втората светска војна, кога Вашингтон беше главен играч во создавањето на Светската банка и Меѓународниот монетарен фонд.

Пекинг има уште една причина да биде поактивен на меѓународната сцена. Ако Кина престане да ги рекламира сопствените институции додека Западот продолжува со промовирање на вредностите на либералниот капитализам во Кина, огромни делови од кинеската популација би можеле да бидат привлечени од западните институции. Моменталните немири во Хонг Конг не се проширија на други места во Кина, но тие јасно го илустрираат незадоволството од арбитрарната примена на правото. Тоа незадоволство можеби не е ограничено само на поранешната британска колонија. Блатантната цензура на интернет исто така е мошне непопуларна меѓу младите и образованите.

Проектирајќи ги предностите на својот политички капитализам во странство, Кина ќе ја намали привлечноста на западниот либерален модел меѓу своите граѓани. Суштински, нејзините меѓународни активности се прашање за преживување дома. Каков формален или неформален договор и да постигне Пекинг со државите кои ќе го прифатат политичкиот капитализам, Кина ќе сака сѐ поголемо влијание во меѓународните институции, кои во последните два века ги изградија западните држави - за да им служат на западните интереси.

 

Иднината на капитализмот

Џон Ролс, познатиот филозоф на модерниот либерализам, смета дека доброто општество мора на прво место да ги стави основните слободи, пред богатството и приходите. Искуството, пак, покажува дека многу луѓе имаат волја да ги заменат своите демократски права за поголеми плати. Доволно е да се види дека во компаниите производството главно е организирано хиерархиски, а не демократски. Работниците не гласаат за тоа што би сакале да произведуваат или како најдобро би можеле да го направат тоа. Хиерархијата доведува до поголема ефикасност и поголеми плати. „Техниката е граница на демократијата“, напиша францускиот филозоф Жак Елил пред повеќе од половина век. „Онаму каде што победува техниката, губи демократијата. Кога би имале инженери кои би биле популарни меѓу работниците, тие не би се грижеле за машините.“ Истата аналогија би можела да се прошири на целото општество: за поголеми плати можеме да се откажеме од демократските права. И тоа веќе се случувало.

Во денешниот комерцијализиран и забрзан свет, граѓаните ретко имаат време, знаење или желба да се вклучат во граѓанските прашања освен ако тие директно не ги допираат. Во тој контекст ни зборува и податокот дека во САД, една од најстарите демократии во светот, помалку од половина граѓани излегуваат на избори на кои се избира претседател кој, во многу погледи, има овластувања на избран крал. Во таа смисла може да се каже дека политичкиот капитализам ја покажува својата супериорност.

Па сепак, за да ја докаже таа супериорност и за да го отфрли предизвикот на либерализмот, проблем е тоа што политичкиот капитализам мора постојано да испорачува високи стапки на раст. Иако предностите на либералниот капитализам се природни - зашто се вградени во самите темели на тој систем - предностите на политичкиот капитализам се инструментални: тие мораат постојано да се покажуваат. Политичкиот капитализам влегува во трка со хендикеп, бидејќи мора емпириски да ја докаже својата супериорност. А пред него се уште два проблеми. Во однос на либералниот, политичкиот капитализам почесто доведува до лоши политики и општествени исходи кои е тешко да се поништат, зашто оние што се на власт немаат желба да го сменат курсот. Тој исто така може лесно да го разбуди народното незадоволство, заради системската корупција и отсуството на владеење на правото.

Политичкиот капитализам мора да се продаде себеси ветувајќи дека ќе овозможи поефикасно управување со општествените текови, повисока стапка на раст и поефикасна администрација (вклучувајќи го и правосудството). За разлика од либералниот капитализам, кој во однос на модерните проблеми понекогаш зазема поопуштен став, политичкиот капитализам мора постојано да биде внимателен.

Од социјал-дарвинистички аспект ова би можело да се посматра како предност: заради постојаниот притисок да испорача повеќе, политичкиот капитализам би можел да ја усоврши својата способност да управува со економската сфера и да продолжи, од година во година, да постигнува подобри резултати од либералниот модел. Она што изгледа како дефект може да биде предност.

Но дали новите кинески капиталисти засекогаш премолчено ќе се сложуваат со статус квото во кое нивните формални права ќе можат да бидат одземени или ограничени во кој било момент и во кој се под константен надзор на државата? Или, како што стануваат помоќни и побројни, ќе се организираат, ќе влијаат на државата, и најпосле ќе ја преземат, како што се случи во САД и Европа? Западната патека која ја исцрта Карл Маркс како да има железна логика: економската моќ се еманципира и почнува да се грижи за своите интереси, а потоа и да ги наметне. Но погледот на речиси две илјади години нерамноправното партнерство помеѓу кинеската држава и кинескиот бизнис претставува најголема пречка кинескиот пат да наликува на оној на Западот.

Клучно прашање е дали кинеските капиталисти ќе ја преземат контролата над државата и дали, со цел да го постигнат тоа, ќе ја користат претставничката демократија. Во САД и Европа, капиталистите го користеле овој лек мошне внимателно, применувајќи го хомеопатски дози како што полека се ширело правото на глас и укинувајќи го секогаш кога ќе се појавела закана за класата поседници (како што било ограничено правото на глас во Велика Британија после Француската револуција). Кинеската демократија, ако дојде до неа, веројатно ќе наликува на демократијата во остатокот од светот, во смисла дека еден човек ќе има еден глас. Но познавајќи го бремето на историјата, како и деликатната природа и ограничената сила на кинеските поседници, не е извесно дека во Кина владеењето на средната класа би можело да биде одржливо. Тоа доживеа неуспех во првиот дел од 20 век во Република Кина (која задржа поголем дел од матицата од 1912 до 1949); и со големи потешкотии би можела со успех повторно да се обиде стотина години подоцна.

Конвергентна плутократија?

Каква ќе биде иднината на општествата со западен капитализам? Одговорот зависи од тоа дали либерално-меритократскиот капитализам ќе успее да тргне кон напредна варијанта, односно она што би можело да се нарече „народен капитализам“, а во кој приходите од двата вида производство - капиталот и трудот - би биле поправедно распоредени. Тоа ќе значи ширење на сопственоста над капиталот многу повеќе од досегашните 10 проценти од популацијата и овозможување пристап до најугледните школи и најдобро платените работни места, без оглед на семејното потекло.

За да постигнат поголема еднаквост, државите треба да развијат даночни стимуланси со кои средната класа би се охрабрила да преземе повеќе финансиски средства, да применат повисоки даноци на наследството за оние што се многу богати, да го подобрат бесплатното јавно школство и да утврдат изборни кампањи кои би биле финансирани јавно. Кумулативниот ефект од овие мерки би довел до дифузија на сопственоста над капиталот и знаењето во општеството. Народниот капитализам би бил посличен на социјалдемократскиот капитализам кога се работи за грижата за нееднаквоста, но би тежнеел кон поинаква еднаквост; наместо да бара приходите да се редистрибуираат, овој модел би сакал поголема еднаквост во поседувањето, како на финансиите така и на знаењето. За разлика од социјалдемократскиот капитализам, тој би барал скромна политика на редистрибуција (како што се ваучерите за храна и социјалното домување), бидејќи иницијалниот степен на еднаквост веќе би бил мошне висок.

Доколку не се решат проблемите на растечката нееднаквост, либерално-меритократските капиталистички системи доаѓаат во опасност да тргнат по друг пат - не кон социјализам, туку во конвергенција со политичкиот капитализам. Економската елита на Западот ќе стане уште поизолирана, ќе стекнува сѐ поголема и сѐ помалку контролирана моќ над декларативно демократските општества, што ќе наликува на начинот на кој политичката елита управува со Кина. Како што ќе се претопуваат економската и политичката моќ во либерално капиталистичкиот систем, така и либералниот капитализам ќе станува сѐ поплутократски, и ќе презема одлики од политичкиот капитализам. Во последниов модел, политиката е средство за обезбедување економски бенефити; во плутократскиот - некогаш либерално-меритократски - капитализам, економската моќ ќе ја победи политиката. Крајната точка на двата системи ќе биде иста: збивање на редовите на привилегираното малцинство и бесконечна репродукција на таквите елити.

Кон првиот дел


Карикатури: Pavel Constantin
Извор: Nedeljnik (Beograd)
Превод: Алек Кузмановски

 

 

Слични содржини

Општество / Свет / Теорија
Свет / Теорија / Историја
Свет / Екологија / Теорија
Општество / Свет / Став / Теорија
Активизам / Свет / Екологија / Теорија
Свет / Теорија / Историја
Општество / Свет / Теорија

ОкоБоли главаВицФото