Сите белези на Скопје

09.08.2013 13:37
Сите белези на Скопје

Меѓу другите, Скопје го враќаат во сеќавање Влада Урошевиќ, Благој Иванов и Данило Коцевски. Нивните текстови се поглавие во нашата литература. Заслужуваат внимание. Можеме да ги наречеме лирски хроничари на минатото, на кое, кога ќе му се пријде по романтичарска врвица, не му недостасува загатливост.
Скопје некогаш...

Во тогашната патријархална средина, во првата половина на столетиево, новиот властодржец започна со планска колонизација на Јужна Србија, за нив, и на Царско Скопје, со новоименуваниот Душанов мост...со две третини, од кралската жандармерија во Македонија... со артилериска, коњичка и пешадиска офицерска елита... со деловни натрапници во градот, стопани на кафеаните Три вили, Пивски извор, Венеција, Хајдук Велко, Океан, Јанче-ан. Вешти макро-лиферанти довлекуваа во тие гнезда со црвени фенери измамени старлети од подалечните краишта на Кралството.

Напоредно со споменатите потфати, градот го збогатија и поинакви симболи: еклектички проектираниот Офицерски дом и Театарот на левата страна на Вардар. Се изгради железничка станица, се создаде градина за диви животни, се отворија средни школи. Проработеа кината за неми филмови Аполо и Капитол. На платната во затемнетите сали се раздвижија човекот со илјада лица Лон Чени, шеикот Рудолф Валентино, акробатот Даглас Фербанкс, непобедивите правдоносци Том Микс, Арби, Мачиста, Еди Поло, комичарите Шарло, Харолд Лојд, Бастер Китон, Пат и Паташон.

Се редеа горчливи и слатки шокови.

Обидувајќи се да се ослободи од збунетост, градот се отвори за чуда и чудотворци. Стана микро-велеград. Како соседи, староседелците ги прифатија руските и украинските емигранти, со нив и десетина Черкези и многу повеќе Ерменци. Се појавија невидени забавувачи: Артур Штромшнајдер или Штурмшнајтер, велосипедист на жица, десет метри над калдрмата на главната улица… Драгољуб Алексиќ, жив летач, од топ… Свенгали, Али бен Али и лажниот Худини, хипнотизери и волшебници. Допатуваа и јапонски праматари со дампинг часовници бижутерија, играчки и ладила.

Хрониката ја дополнија и неколку циркуси. Еден од нив, Олимпија, го дочека својот крај во Скопје. Не изгоре, изгасна. Без можност да ги исплати државните и општинските давачки, бездруго и бараната началничка рушвет-такса, циркусот пропадна. Номадите артисти се изгубија. Во градот остана само еден кловн со своето семејство. До војната живееше во циркуска кола, дом на тркала, под еврејските гробишта.

Малку леб, малку забава. Од улични плакати им се соопштуваше на граѓаните дека во месноста Пролеќе гостува патувачки театар со нови едночинки и шансони. На плакатите трипати се повторуваше името на Петре Прличко. Како управник, како режисер и како главен актер. Еден талент така го започна животописниот маратон, тогаш и подоцна сценски капетан на долга пловидба.

Жителите на градот, ситни трговци, занаетчии и градинари од периферијата, се подгрбавуваа под даноци, такси, неплатени вересии, параграфи, прописи, потплатувања да се продолжи со работа. За да избегаат од суровата стварност, некои се свртуваа кон мистиката, за тоа време сепак наивистичка. Од пепел про’ртеа параверски пророци со суви лица. Усвитено ја толкуваа Библијата. Жолтата раса ќе го освои светот и или ќе го доближи до среќата или ќе го запусти. Под Гази Баба ноќе се тетеравеа брадести дервиши или такви некои, одамна упокоени. Оние што ќе ги видеа, дури само и како сенки, засекогаш онемуваа. Во новоизградената црква на царот Константин и царицата Елена невидливи апостоли пееја со длабоки гласови псалми. За да не ослепат, живите и од нив се криеја.

Мислам дека тоа беа само творечки фантазии на босоногите Црни браќа, пред кои бегаа и поголемите детски тајфи, и тие со свои прикаски, низ кои лелеаво минуваа призраци. Нивните мајки ги прифаќаа миракулите и возбудено ги дополнуваа со шепот. Не сите. Некои ги оплакуваа мажите, возрасните синови и роднините, испратени на робија заради противдржавна дејност.

Во градот легна беда: во безработицата, две вдовици, за да ги прехранат децата, бараа работа дури и во ложилницата, секогаш безуспешно.

Не се живееше еднолично. Напоредо со лилавите наквечерини насликани на платна од неколку руски емигранти, според нивно кажување високи офицери на Романов, процутеа и други уметности. Во чаршијата се продаваа ликови на светци, мозаик од ориз, јачмен, пченкарни зрнца и секакви семиња, лепени на картон. Можеше да се купи и брод со едра во шише. Заљубените ги пееја романсите Тажна е пролетта… Бели ружи, нежни ружи… Мансарда, малечок стан…

Над Скопје леташе кралскиот двоглав бел орел, а под него се групираа гимнастичарите Соколи и балканските љубители на природата Скаути. Во времето на прочуениот голман Замора, или порано, Скопје ги имаше и фудбалските клубови Југ, ССК, Граѓански и Славија. Во еден од нив, како бранител на голот, најчесто без мрежа, стоеше еднаш и Никола Мартиноски.

На уметноста што ја запознав во тие години, ѝ се придружи и науката. Легализирани со таксени марки или диво, на бандерите и на ѕидовите, понекогаш и на некоја врата, се лепеа огласи, со рака напишани. Се нудеа хороскопски претскажувања, водички против паѓање на косата, мелеми од тревки. Некој за мали пари ја откриваше тајната на квадратурата на кругот. Се препорачуваа часови по француски и германски јазик и по тешки школски предмети. Градот ги ослободуваше клепките од провинциска сонливост. Во празничните денови се веселеше во околните манастирски атари на Водно и во Скопска Црна Гора, на вардарските диви плажи и на Треска кај Матка, на која се градеше и се изгради електрична централа. Четирите часовници на Офицерски дом и војничките труби од касарните на Дваесетпрвиот полк му го одбројуваа времето на градот, времето на неговото навлегување во нови утра и нови ноќи. Скопје дишеше прав и полен на соништа.

Делумно повторив нешто што сум кажувал. Дополнив тема за расказ.

Вчерашно време и време далечно. Разбуричкани спомени на ретките современици на она што било. Спомени, повремено замаглени, не редослед на настани. Можните хроничари на Скопје отишле во голем број, како и есенва што се оддалечи.
Се оддалечи.

Нова Македонија, 15.01.1993.

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото