Доктор за операции со смртни последици!

07.11.2013 10:23
Доктор за операции со смртни последици!

Нашиот прв доктор во државава, министерот Никола Тодоров, познат како Нино, не е ниту доктор. Тој е правник. Е токму затоа, поради неговата нестручност во еден од најсензибилните ресори, заради катастрофата во нашето здравство, ќе му дадам нов прекар: доктор за операции со смртни последици! Искрено и го заслужува овој прекар, за сите катастрофални експерименти кои ги направи во здравството.

Не е ни чудо што нашиот доктор за операции со смртни последици деновиве е особено раздразлив и е нервозен, што удира по микрофони и се дере од собраниската говорница. Тој се развика: „Јас не сум криминалец, работам по 19 часа на ден и се обидувам да извлечам најповолни финансиски решенија“.

Но, причината за нервозата на министерот не е само поради дупката од десет милиони евра што излезе од ревизорскиот извештај за Министерството за здравство. Постои една поголема и пострашна дупка во неговата работа и во работата на неговиот ресор.

Деновиве, додека докторот за операции со смртни последици работи по 19 часа, се обелодени трагедијата која се случува(ла) во битолската Клиничка болница. Но, и по трите смртни случаи за три месеци во оваа болница, нема реакција од ресорното Министерство за здравство.

Пред два дена 71-годишен маж починa откако примил инфузија. Минатата недела по примена инфузија, непосредно пред отпуштање од десетдневно болничко лекување, почина 29 годишен човек. Во август, во истата болница почина пациент откако му беше дадено средство за дезинфекција наместо физиолошки раствор за испирање на желудникот!

Сега ми е јасно зошто министерот не наоѓа време, зошто е преморен од своите партиски задачи, од својот неуморен ПР, за да се огласи и да ни објасни како е можно секојдневно да ни умираат луѓе во болници од неразјаснети причини. Не му барам одговори за криминалот во здравството, за бизнисот со евтините лекови што го воведе, за неквалитетните апарати и средства за дијализа увезени од Романија, тука јавноста бара одговори за нашето комплетно руинирано здравство и за несигурноста и за недовербата во здравствените институции.

Но, видете, што да очекуваме од доктор за опасни операции со смртни последици, кога тој пред сѐ е правник и љубимец на режимот задолжен за мачкање очи и за стискање копчиња заедно со Груевски по неупотребените здравствени машини кои служат за перење пари и за сликање?

Таквите режимски ПР обврски, заедно со потрагата по бубашваби и лебарки и „штрекнување“ на лекарите при ноќни посети, се поважни од здравствената грижа за македонските граѓани. Или, уште поважно беше што Нино стана забележан од светот како можеби единствен министер во Европа кој отворено се судира со цела една професија каква што се лекарите, познат по тоа што го забрани и го опструираше правото на штрајк.

Јас разбирам дека ова е режим и дека тој има реперкусија врз сѐ во оваа држава, но барем можеа до овој степен да не си играат со животите на луѓето. И еден Фидел е диктатор, и една Куба е режим, ама познати се по најдоброто здравство и лекари!

Само кај нас, здравството се претвори во уште една постава за невиден криминал и корупција, за евтин ПР, за потчинети и уплашени лекари, за бирократски експерименти и за изживување врз здравствените работници, додека здравствените стандарди и услови се пред колапс. Односно, одамна веќе целосно се колабирани. Неминовно беше да се дојде до ова ниво на лошо здравство и на смртни случаи.

И гледам - веста за случаите во Битола е најфорсирана од режимскиот медиум – Сител. Очигледно, во интерните рововски битки на режимот, на мета е позицијата на директорот во битолската клиника. Замислете, и во овој трагичен случај на нашето здравство некој се обидува нешто да ќари, да фати позиција, наместо некој да преземе одговорност и за состојбите во Битола и за катастрофата во целото здравство.

За ваква трагедија, одговорност не треба да се бара само кај докторите и кај одговорните на болницата, туку кај самиот извор на проблемот. За ваква работа министерот Тодоров требаше да добие отказ. И никој не е наивен да помисли дека тоа би го решило проблемот, но барем би имале еден доктор за сложени операции со смртни последици помалку.

Време е за нов штрајк на лекарите, време е за општ бунт на здравствените работници. Не заслужува цела една категорија, толку важна и неопходна, заедно со своите пациенти, да биде жртва на режимското здравство.

Слики: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото