Гугл овозможи отстранување на личните податоци

30.05.2014 09:37
Гугл овозможи отстранување на личните податоци

Гугл отвори сервис кој им овозможува на европејците да побараат отстранување на своите лични податоци од резултатите на пребарувањето на интернет.

Оваа одлука е донесена по пресудата на Европскиот суд за човекови права во која се вели дека луѓето „имаат право да бидат заборавени“ на светската мрежа за информации.

Линковите кон „ирелевантни“ и застарени информации треба да бидат избришани ако корисниците го побараат тоа, соопшти судот.

Гугл објави дека ќе го проучи секое поединечно барање и дека ќе се обиде да пронајде рамнотежа помеѓу „правото на приватност на поединецот и правото на јавноста да дознава и да шири информации“.

„Кога ќе го разгледуваме вашето барање, ќе проучиме дали резултатите содржат застарени информации за вас, како и дали постои јавен интерес за таа информација“, се наведува во формуларот на страницата на интернет гигантот.

Гугл наведува дека ќе води сметка за „финансиските измами, професионалните пропусти, кривичните пресуди или јавното однесување на државните функционери“ кога ќе ги разгледува барањата.

Во Велика Британија повеќе од половина барања за бришење на информации ги испратиле лица осудени за кривични дела.

Извор: BBC

ОкоБоли главаВицФото