Би бил разочаран да не бев читан

09.06.2014 11:55
Интервју со Душан Чатер

Словенечкиот писател Душан Чатер неодамна го заврши својот едномесечен резиденцијален престој во Скопје. За впечатоците од градот, моменталните преокупации, неговите јунаци од книгите и неговата позицијата како писател, кон крајот на неговиот престој со Душан Чатер разговараше Драгана Евтимова. 

 

Во едно интервју од пред десетина години велите дека живеете како што пишувате и пишувате како што живеете. Дали тоа сѐ уште важи? Или би можело да се каже дека вашата литература сте вие?

Секако, „мојата литература, тоа сум јас“, ова не може да се избегне (се смее). Всушност, ние луѓето растеме, се менуваме, ги менуваме нашите погледи, размислувања, ставови... Сега не би ги демантирал моите ставови од пред десет години, иако од тогаш повеќе или помалку цврсто стојам зад нив. Истото би го рекол и денес, но со различен став кон животот и со тоа и кон пишувањето. И обратно. Човекот со текот на годините малку се смирува со себе и со светот околу него, што се забележува од неговата работа (и пишување).

Вашата книга „Џенем“ настана во Сараево. Што остана од Сараево освен насловот на книгата? Имено, што почна во Сараево?

Во Сараево отидов да напишам книга за Босанците во Словенија. Таму бев речиси три месеци и освен насловот и неколку впечатоци ништо друго не напишав. Би можел да кажам дека имав „теренска“ работа, односно голема улога одигра кафулето што се викаше „Џенем“, во кое собирав впечатоци, слушав приказни и го учев босанскиот духовит јазик, кој по три месеци сѐ уште немаше избледено од мојата глава и се претвори во тажно секојдневие.

Да се биде странец е можеби универзална позиција, секаде еднакво тешка, но дали да се биде странец во Словенија е уште потешка позиција? Зошто словенечката литература во последно време толку „запалено“ ги открива и се занимава со странците во Словенија?

Би можел да кажам дека да се биде странец е универзална позиција, но мислам дека тоа не е ништо поразлично во Словенија. Мојата намера не беше да ја прикажам Словенија како пекол. Повеќе сакав да пишувам за контекстот на различните култури, дури и за разликата меѓу руралното и урбаното.

Дали јунаците во вашите книги повеќе се нагласени како странци или како луѓе што доаѓаат од посткомунистичките држави?

Тоа што јунаците или одделните приказни на ликовите во моите книги се од посткомунистичките земји е чиста случајност. За тоа станав свесен дури кога ги прочитав критиките. Ликовите повеќе се претставени како странци.

Вашите романи, како што тврди издавачот, се продавани во Словенија. Колку сте задоволен со тоа?

Секако дека сум задоволен. Ако сум сосема искрен – во случај ситуацијата да беше спротивна, ќе бев разочаран.

Кои се вашите читатели? Ако добро се сеќавам, Јуриј Худолин за вашиот роман „Стариот пак е пијан“ напиша дека вашите читатели се луѓе што сепак не читаат.

Јас пишувам за луѓето. Дозволете ми да ви раскажам за најдобрата критика што некогаш ја имам добиено. Тоа беше за мојата прва книга „Флеш ројал“. Тогаш уште бев студент, иако студиите полека ги завршував; сепак, сѐ уште се немав преселено во Љубљана и секој петок се враќав дома. Еден петок трчав по возот што едвај го фатив, а потоа задишан влегов во едно купе, така што налетав на една непозната девојка. Седнав спроти неа и ја прашав дали е слободно, таа ми рече - да. Малку мирисав на алкохол, а чувствував дека не сакам да сум во некое купе со некој од оние уштиркани типови со костуми. Владееше тишина. Одеднаш девојката ја извади мојата книга и почна да чита. Тогаш првпат во животот ми беше жал што во својата книга немам ставено фотографија. Но, ништо не реков.

Дали на овие години би ја замениле својата писателската професија со друга, попрофитабилна професија?

Секако, веднаш. Би станал пејач во рокенрол бенд (се смее).

Како би се опишале себеси со три зборови?

-Би се опишал со кратенката ДУШ, како што ме нарекуваат блиските пријатели (Добро Воспитан Шармер).

Во Скопје сте четврти пат. Какво е Скопје? По што се разликува од животот во Љубљана?

Скопје е супер и веќе размислувам како следната година би дошол пак. Од Љубљана се разликува по добрата храна и цените, тука животот е многу поевтин.

Сега сте на резиденцијален престој. Пишувате нешто ново?

Резиденцијалната стипендија е создадена за создавање нешто ново, но јас сум тука поради собирање впечатоци...

Што ќе напишете за Скопје кога ќе се вратите во Љубљана?

Дека во Скопје видов многу празен простор, каде што може да се постави уште некој кип (се смее).

 

Душан Чатер (1968) е словенечки писател, уредник и преведувач, роден во Целје, Словенија. Дипломирал новинарство и социологија. Работел како уредник во издавачката куќа Карантанија, пишувал колумни во неколку словенечки списанија и весници, а објавувал во сите поважни словенечки книжевни списанија. Ги објавил романите Флеш Ројал (1994), Вистинити умори (1995), Подови (1997) и Стариот пак е пијан (2002). Во 2010 ја објавува збирката раскази Џенем. Има објавено и неколку книги за деца, како и монографии за Мерлин Монро, Мадона и Ѓакомо Казанова. Од 1995 година работи како слободен писател. Член е на Друштвото на писатели на Словенија.

На македонски јазик во издание на Темплум се објавени две негови книги: романот „Стариот пак е пијан“ и збирката раскази „Џенем“, во превод на Драгана Евтимова.

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото