Како да пресечеме!

29.12.2014 01:12
Како да пресечеме!

Имам една голема желба за 2015 година, а тоа е конечно да пресечеме со режимот и неговите егзистенцијални и културни логики и навики.

Време е за рез, пресекување, кај самите нас, крвава линија која ќе нè побратими нас желните за заедница и слобода, но и ќе нè одвои од болното ткиво на режимот.

Ќе се повикам на двајца исклучително влијателни филозофи, едниот постар, Џорџо Агамбен, и другиот од мојата генерација, наполетанецот Томасо Ариема.

И за двајцата, резот, сечењето, исеченицата, фундаментално претставува некаква си нарација, некаков си „примитивен факт“, кој се обраќа на „примитивното што е во нас“.

А што е Македонија ако не земја која стои на работ на сечилото и постојано ја живее погрешната примитивна нарација за своето постоење и мизерно егзистирање. Премногу работи се наталожени на тој врв, притискаат врз остриот жилет без да се направи конечниот рез, без да потече вистинска крв.

Но, резот е битен, не толку во својство нешто да одвои или отстрани, колку во својство да ги стави различните нешта во релација меѓу себе. Ја сечеме раната, го произведуваме резот, не толку за да погледнеме во неговата длабочина која сите внатрешно ја познаваме, туку за резот да ни го сврти погледот и околу раната. Сите ние хетерогени групи, категории, индивидуи, треба да се сфатиме како моќ околу раната, раната не е сè што ни останува, има живот и надвор од неа.

Ете, поентата е токму таа, резот кој суштински раздвојува ткиво, нè става сите нас во релација, нè зближува. Нашата рана е режимот, но што паметно ќе излезе ако ние постојано гледаме во таа рана? Нашиот рез е да гледаме околу нејзе, и во нашите различности да сфатиме дека таа рана нè зближува.

Нема рез во делото ако не постои симболичното! Но, што е тоа симболичното во резот? Симболичното според Лакан значи означување на значењето, на смислата. Од изгрејсонцето кое ни кажува дека ноќта завршила, до соговорникот кој ни зборува, симболичното е структура која во исто време е ексосоматска и соматска: не ни припаѓа, но си ја присвојуваме.

Каде е реалноста во оваа структура? Едноставно ја нема, отсечена е! Лакан тврди дека е безмислено да си поставуваме прашање за реалноста надвор од структурата на смислата, јазикот, симболичното, затоа што секој пат кога се обидуваме да ја зграпчиме, ја зграпчуваме само смислата, не реалноста сама по себе. Така, всушност, реалноста станува „реална“, суштинска: реалното компактно како планета, непенетрабилно, со својата површина испресечена од симболичното. Оттука, Лакан би рекол дека резот е секогаш симболичен.

Според познатиот психоаналитичар, реалното е секогаш без резови, а тоа значи дека давањето смисла на нештата е секогаш производ и операција на резови.

Значи, симболичното суштински претставува сечење на реалноста, и на човекот на кој не му е важно да гледа низ исечената рана, не ѕирка низ дупката, туку повеќе преферира да гледа околу неа. Ете, затоа резот нè спојува и нè става во релација: ако веќе не те интересира исеченицата, раната, од која никогаш нема да излезе ништо суштинско, тогаш мора да те интересира тоа што постои околу нејзе.

Доколку односот кој го детерминира резот е во тоа што постои околу резот, тогаш нас не нè интересира самиот рез, туку како тој рез воопшто се артикулира. Сите ние сме на врвот на жилетот, но само одредени луѓе или групи го артикулираат резот со режимот.

Иако индвидуите кои успеваат да го произведат исечениот субјект, кој си недостасува сам на себе, „manqué a etre“, што би рекол Лакан, се многу малку, и тоа се неколку колумнисти, новинари, уметници, кај нас се појави цела една категорија која најдобро го симболизира резот и неговата околина: тоа се студентите.

Пред две години, резот беше политички артикулиран, преку настаните околу и на 24 декември, денеска тој е граѓански артикулиран. И во двата случаи, според Агамбен, станува збор за мислечки субјект кој произведува рез и на латински се нарекува quodilibet. Терминот може да се преведе како „не е важно кој, индиферентно“, но што се однесува до формата го кажува сосема спротивното од латинскиот: quodilibet, не значи „битието, не е важно кое“, туку „битието кое како и да е, е битно“, и кое се повикува секогаш кон посакуваното (libet), кон тоа да се биде „тоа што се сака“ во оригиналната релација со посакуваното.

Што би рекол Агамбен, затоа резот создава релации, дека доколку битието е секогаш „да биде тоа“, реалното без резови, е нештото „без кое“.

Значи, овие субјекти или категории-субјекти кои произведуваат резови, симболички гестови кои нè обединуваат, сакаат да бидеме нешто повеќе од само дадената реалност, имаат своја реалност за формирање и симболичка реалност за рушење, а тоа драги луѓе, е предуслов за каква и да е промена во едно општество.

Студентите произведуваат рез со симболичката реалност на режимот која сакаат да ја променат. Но, во исто време, произведуваат рез со остатокот од општеството, ја поттикнуваат таа хетерогена свест дека не сме истото со студентите, и токму затоа што преку рез не сме истото, но сакаме слично, сфаќаме колку сме различни од режимот и како и ние останатите треба симболички да му се спротивставиме на режимот. Ние не можеме да го игнорираме резот кој студентите го произведуваат и во однос на режимот и во однос на нас останатите, и токму затоа сме способни да го сакаме истото што и тие, да се солидаризираме, и да почнеме да се освестуваме и обединуваме.

Но, технологијата на резот, техниката - тоа што се нарекува savoir fare, да се направи резот во вистинскиот момент, е тоа што човека го прави човек, кога човекот сам по себе станува одредена техника - е многу важна, би рекол германскиот филозоф Слотердејк. Ние сме техниката и технологијата која ќе го тргне овој режим или ќе ги создаде предусловите за неговиот пад. Ние и нашите резови.

Токму во таа контрадикција на резот, работите да не се мешаат, а сепак да се обединуваат, лежи освестувачката надеж за Македонија. Тоа е моќта на резот, сечењето на нешто кое не одвојува, туку ѝ додава други супстанци на супстанцата.

Ете, тука треба да се фокусира нашиот стремеж. Прво, кон таквото обединување, кон свесното напуштање на логиките на режимот, но и кон правење рез со вистинскиот крал, кој не е оној физичкиот кој нè командува, туку оној симболичкиот кој со нас ќе командува и еднаш кога кралот ќе умре. Режимот не е нашиот најголем проблем, најголемиот проблем се неговите логики кои прераснаа во егзистенцијална и културна парадигма. Затоа, замената на еден крал со друг не е доволна. Таквиот рез само вовлекува во дупката, само ја продлабочува дупката која ја создал и која нема логика да ја гледаме, зашто ние заклучивме дека тоа што е важно е околу дупката. Нашиот рез, мора да биде еманципаторски рез.

А каде лежи таа еманципација? Па, кога ќе сфатиме дека нема разлика во нашата социјална, економска, политичка мизерија, и ќе сфатиме дека можеме да бидеме различни, но обединети во заедничките потреби и права, ете како релацијата која произлегува од резот се претвора во еманципација. А, бидете свесни, еден ден ќе треба да ги еманципираме, не елиминираме, и оние кои уживаат или го поддржуваат режимот.

Нашата опсесија не треба да биде замената на моќта, на луѓето, нешто што бескрајно нè детерминира да бидеме доброволни робови, подеднакво бескрајно сонувајќи за општество без класи. Тоа е и клучната теза на младиот Ариема, треба да се приврземе кон резот, без да се преокупираме со пополнување на дупката. Конечно, таа секогаш ќе биде дупка, од која ништо добро не излегува. А, човекот, субјектот, секогаш ќе биде исечен, или отсечен.

Слики: Shi Mohan

ОкоБоли главаВицФото