Земја на розови зајачиња без мозок

23.04.2014 02:35
Земја на розови зајачиња без мозок

Анимираниот филм „Ребитленд“ на белградските автори Ана Недељковиќ и Никола Мајдак (минатата година ја освои „Кристалната мечка“ на филмскиот фестивал во Берлин) е морбидна визија за „совршената“ демократија на дваесет и првиот век. Ребитленд е земја населена со розови зајачиња, кои наместо мозок имаат дупка во главите и поради тоа тие се среќни без оглед што им се случува во стварноста. Единствената активност на розовите зајачиња со дупка во главите е секој ден во годината да одат да гласаат на „слободни и демократски“ избори. Светот на розовите зајачиња е создаден од урнатини на разорена градска цивилизација, во која некој перверзно ги обоил фасадите во розова боја, додека на плоштадите стојат бизарни споменици на одвратни женски фигури во мини здолништа. Тоа се споменици на власта на бандата на Злите Девојчишта, кои цело време злобно се смеат, носат воени униформи со мини здолништа, високи потпетици и имаат влакнести нозе. Таа своја „супердемократска“ диктатура Злите Девојчишта ја одржуваат само за свое задоволство и забава, смеејќи им се злобно на зајачињата со дупки наместо мозоци. Се разбира, секое зајаче кое ќе пројави грам мозок веднаш го апсат, а „совршено мирната демократија со ефикасен поредок“ се одржува со секојдневни „демократски“ избори, розови фасади, бронзени споменици и – најважното за малку го заборавив – со розови телевизиски екрани и безброј звучници низ градот од кои непрекинато се слуша „хепи, хепи, хепи, хепи...“

Во сенишната фантазмагорија на младата белградска уметница можат да се препознаат многу европски и светски демократски држави, но оваа филмска дистопија – иако параболично карикирана филмска иронија - до болка тегобно наликува на македонската општествено-политичка стварност. Во анимираниот Ребитленд се буквално нацртани нашите секојдневни „слободни и демократски“ избори, целата до повраќање одвратна и лажна демократија, новите „барокни“ фасади за „разубавување“ на престолнината, лажните споменици обоени со златна боја, нашите розови гебелсовски медиуми од кои ечи „хепи, хепи, хепи“... Во филмот можеме сосем јасно да ги препознаеме и дупките во нашите глави, кои останаа како некој вид длабока лузна што потсетува на изгубената супстанца на разумот од времето пред системската кретенизација на општеството спроведена од диктатурата на ДПМНЕ. И, да, можеме со неверојатна сигурност да го препознаеме и злобното смеење на „кучките од власта“ и нивните влакнести нозе. Особено последниве.

Македонскиот Ребитленд е – исто како во филмот – „стабилно демократско општество“ во кое целокупната власт ја држи партиска банда која ги лажира сите аспекти и вредности на современата македонска државна, културна и уставно-правна суштина. Македонските розови зајачиња го живеат истото секојдневие како и анимираните, одат послушно и кротко на избори, ги вршат своите граѓански должности со истите несреќни и растурени погледи, немоќно заменувајќи ја неизвесноста на сопствената слобода и брзите води на некогаш напорната и нестабилна демократија со тивката и безбедна рамница на тоталитаризмот. Но, во филмот ги нема ликовите кои во нашата стварност играат многу важна улога во одржувањето на „розовата диктатура“. Тоа се нашите пријатели од меѓународната заедница, нашите „учители по демократија“, коишто се секогаш присутни како набљудувачи на нашите лажни избори и редовно даваат оценки за нашиот „перформанс“. За нивната замрсена и амбивалентна улога нема решение во филмската визија, па ќе се обидам сам да си го објаснам суштинскиот елемент на нивната улога: што, всушност, тие оценуваат?

Иако суштината на оценувањето на демократичноста на изборите не е во следењето на кампањата и денот на изборите, туку во збирната оценка на општествено-политичкиот контекст во кој изборите се случуваат, нашите ментори и учители се концентрираат само на завршната претстава. Зарем се толку наивни, ќе се запрашате, кога и децата знаат дека авторитарните и тоталитарните режими изборите ги лажираат секој ден во годината, а не на денот на изборите, и тоа инструментализирајќи ги во својата бесконечна кампања сите институционални и финансиски ресурси на државата, контролирајќи ги медиумите и злоупотребувајќи ги инспекциите, полицијата и судовите за да го претворат егзистенцијалниот страв во „изборна волја“ на граѓаните. И во нашиов недоделкан тоталитаризам слободата и демократичноста на изборите се оценува во месеците и годините пред изборите, а не – како што сосем погрешно прават „учителите“ од ОБСЕ/ОДИХР – за време на изборите, кога се одвива однапред лажираната претстава. Во веќе востановениот розов поредок на Ребитлендот, во којшто власта на зајачињата веќе им направи дупки во главите, позитивните оценки за изборите се само признание на Злите Девојчишта од ДПМНЕ за „ефикасно“ спроведената тоталитарна државно-партиска измама.

Ќе дојде ли денот кога „учителите по демократија“ јавно ќе признаат дека режим кој со полиција ги брка избраните пратеници на опозицијата од Собранието и ги фалсификува изборните списоци и личните карти на граѓаните, не само што нема повеќе легитимитет да владее, туку не може да има ни мандат да организира избори? Не знам. Но, со сигурност знам дека тој ден можеме самите да го обелодениме – сите ние што не се согласивме да носиме дупки во главите – само со својот непокор, својот отпор и својот глас против „розовиот“ тоталитаризам на ДПМНЕ.

Сликите во текстот се од анимираниот филм „Ребитленд“ (2013)

ОкоБоли главаВицФото