Погубувањето на двајцата хомосексуалци

18.03.2015 03:01
Погубувањето на двајцата хомосексуалци

Споменав дека во Белград секојдневно се организираа јавни собири на различни локации. Погубувањето претставуваше еден од најпопуларните собири. Тоа секоја недела се одржуваше на Ушќе и тогаш властите извршуваа смртни казни над озлогласените членови на општеството. Тие луѓе обично беа политички затвореници, криминалци, наркомани или хомосексуалци. Како што често велеа властите, погубувањето беше најсигурното средство за спречување на криминалот. Особено во случаите на наркоманија и педерастија. Тоа, како што истакнуваа, не само што драстично го редуцирало бројот на наркоманите и хомосексуалците, туку довело и до искоренување на сидата, на што, наводно, цел свет ни завидувал.

Јас не ги сакав таквите случувања, пред сѐ поради турканиците кои, помалку или повеќе, ги одбегнував целиот живот. Меѓутоа, кога господинот Сретеновиќ тоа го наведе како дел од услугата за која добивав толкава сума на пари, сфатив дека е најдобро да не се спротивставувам. Па тогаш проговорив „нема никаков проблем“, ги зедов парите и се упатив со возачот кон гаражата, кој во меѓувреме влезе во собата.

Утредента двојниот час помина во, исто така, пријатна атмосфера. Иако постојано мислев на погубувањето, некако успеав да ја предадам лекцијата, во што ми помогна таканаречената „способност на рутинско предавање“ која со време ја изградува секој професор, зашто често е принуден часовите да ги држи во невозможни услови. Таа со текот на времето толку се усовршува поради што учениците се убедени дека професорот е потполно посветен на она што го предава, дури и кога размислува на некои други работи. Секако, со Даница и Лазар сѐ се одвиваше уште полесно, затоа што беа почетници.

Кога завршивме, децата отидоа да се подготват, а јас останав во дневната соба, сам со шоферот. Господинот Сретеновиќ не беше дома. Возачот тогаш, меѓу другото, ми кажа дека се вика Милан и дека Сретеновиќ е четвртиот шеф на Народната служба за безбедност со кого има успешна соработка. Го носеше оној ист старински костум и беше исто така добронамерен како претходниот ден. Се сеќавам дека тогаш помислив колку бев неправеден што кон државните функционери и сѐ што беше поврзано со нив чувствував благ презир. Децата на господинот Сретеновиќ, добронамерниот возач, љубезната гувернанта, па и самиот домаќин кога не беше на работа, ме уверуваат дека моето мислење било базирано исклучиво врз предрасуди.
До Ушќе стигнавме за дваесетина минути. Откако возачот ја покажа легитимацијата, се паркиравме на местото резервирано за важни личности, над кое, меѓу две дрва, беше закачен голем транспарент со познатата парола на нашата влада: ЕДИНСТВО, ВЕРА, СЛОБОДА. Возачот потоа одлучи дека ќе остане во колата, а јас со децата се упатив во правец на огромната бина на која требаше да се одржи главното случување.

Додека се пробивавме низ толпата, видов луѓе од најразлични слоеви на општеството, од сите возрасти, од двата пола. Како некој намерно да одбрал примероци од владините институции, фабрики, училишта, болници, домови за стари лица, полиција, војска или едноставно од улица, и ги споил за собирот да биде едноставно репрезентативен. Меѓутоа, од сите тие шаренолики посетители, моето внимание го привлекоа две групи. Први беа скинхедси. Тие само во Белград, според некои проценки, беа околу 10.000. Некогаш беа сѐ на сѐ стотина, можеби двесте, не повеќе, но нивниот број во текот на десетината години изолација толку порасна што лесно би можеле да формираат сериозна политичка партија. Тие, навистина, не се интересираа за политика во практична смисла, па сепак беа незаобиколен дел на секоја политичка приредба. Вообичаено, така ќелави и намуртени, во зелени или црвени „фаерки“, со обелени фармерки и „мартинки“, пееја неразбирливи песни со обврзувачко шише пиво во раката – што всушност го правеа и на овој собир – и морам да признаам дека не ми беше воопшто пријатно кога ги сретнував на улица. Покрај нив, забележав и група молчаливи момчиња со долги бради, кои на почетокот ми се причинија како да се припадници на некоја чудна верска организација. Но, бидејќи не беа во мантили, туку главно во палта и фармерки, заклучив дека не припаѓаат на ниту една официјална црква.

Поради тоа што никогаш порано не сум присуствувал на толку голем настан, бев доста вознемирен. И ветрот, што тогаш започна да дува, придонесуваше кон тоа. Без престан им ги стегав рацете на моите мали ученици за, ако затреба, да ги заштитам од непредвидливите движења на масата. Но, за разлика од мене, децата не покажуваа никаков знак на вознемиреност. Напротив, ним сето тоа им беше интересно. Иако јас сакав да бидеме подалеку од сцената, каде што имаше најголем број луѓе, децата постојано ме тегнеа напред и со тоа сугерираа дека сакаат да се приближат кон самиот центар на настанот. А јас морав да ги слушам, зашто тоа сепак беа деца на шефот на тајната полиција.

Колку што повеќе се приближувавме кон сцената, движењето стануваше сѐ поотежнато. Влегувавме во зоната каде што беа најжестоките, па моето внимание мораше да биде десетпати поголемо за случајно да не се случи некоја непријатност. Во овој дел сретнувавме претежно млад свет, од 15 до 25 години, меѓу кои највпечатливи беа навивачите во дресови или со шалови околу вратот. Скинхедсите и тука беа неодминливи, но за време на движењето низ масата веќе се навикнав на нив, така што веќе не беа предмет на мојата љубопитност. Меѓутоа, она што ме фрапираше беше тоа што голем дел од најжестоките посетители беа девојки. Никогаш не сум помислувал дека девојките, барем оние што ги познавав, можат некогаш да се забавуваат на ваков начин. Тоа ми беше екстремно чудно. Од чиста љубопитност ѝ пријдов на една крупна, полна девојка со кратка руса коса, на возраст од околу дваесет години, која страсно скандираше: „Уа, безбожници! Антихристи! Уа!“ Носеше бела дуксерка со качулка, надолу некои стари темносини тренерки и бели патики со светлосин воздушест ѓон какви што произведуваше во тоа време „Јефимија“, најголемата народна фабрика за спортска опрема.

„Се извинувам, кого треба денеска да го погубат?“ прашав учтиво држејќи ги децата за раце.

Таа се сврте кон мене, нервозна поради тоа што некој ја прекинува во скандирањето и тогаш ме погледна со очи полни презир – како водник на кого неодамна пристигнатиот регрут му соопштува дека не може повеќе да го поднесе напорниот терен – и ми се врекна:

„Па оние двајца педери. Читаш ли весници?“

И покрај нејзината очигледна нељубезност, јас ѝ се заблагодарив зашто ги разреши моите недоумици.

Набргу стигнавме на околу 20 метри од бината, од каде што непречено можевме да го следиме настанот. Од тоа место се гледаше и свечената ложа, сместена на импровизирани трибини од левата и од десната страна на бината, во која седеа официјалните лица на државата и други јавни личности. Особено се истакнуваа претставниците на различните цркви. Покрај православните свештеници, кои, логично, дошле во најголем број, тука беа и католиците, потоа, ако не се лажам, белградскиот муфтија со придружбата, како и делегација на еврејската заедница. Не знам како централите на овие странски верски заедници гледаат на нашата земја. Претпоставувам дека немаат позитивен став. Но факт е дека нивните претставници тоа претпладне многу добро се забавуваа со колегите од Србија.

И тогаш низ толпата се разлеа громогласен аплауз, проследен со хистерични крици и одушевувања, по што заклучив дека почнува главниот дел на манифестацијата. Тогаш не можев да видам како ги донесоа жртвите до бината, но според тоа што го знам сега, веројатно ги спровеле низ масата за да го почувствуваат сите присутни присуството на грев. Од местото на кое стоев со децата, го видов само моментот кога на бината истуркаа две испокинати момчиња и им ги предадоа на тројца набилдани џинови во црни панталони и црни војнички цокули, голи од половината нагоре.

Потоа сѐ стивна. Едвај се слушаше понекој глас од далечината. Дури и скинхедците престанаа со песната. Ми се причини дека ветрот стана погласен од сите звуци (кашлање, воздивнување, џагорење) кои доаѓаа од публиката. Луѓето, очигледно, беа добро запознаени со протоколот на манифестацијата, па во тишината се подготвуваа за завршната точка. А можеби тој нем знак им беше упатен на организаторите на погубувањето, за да започнат веднаш со главното?

Момчињата не покажаа дека се плашат. Изгледаа доста исцрпено. Колку што можев да забележам од моето место, тие не паничеа, ниту пак плачеа, што се очекува од некој во таква мачна ситуација. Сега можам да признаам дека поради нивната рамнодушност многу се изнервирав. Просто посакав да умрат во најтешки маки. Додека џиновите им ги врзуваа рацете, јас си замислував на кој најсвиреп начин би можеле да бидат прекинати нивните мизерни животи, кое погубување би било најкрваво, во кои околности нивните крици би биле најгласни. Не верувам дека кој било во публиката беше желен за крвта на овие хомосексуалци, а притоа да има толку тривијални причини.

Кога ги заврзаа, на бината, со бавен, достоинствен чекор излезе еден православен свештеник. И понатаму сѐ се случуваше во тишина. Тој најпрво го зеде златниот крст и со него ги обележа момците, потоа прочита некоја молитва, а тогаш му го принесе крстот на целивање на еден од горилите. Потоа свештеникот се симна од бината, исто онака достоинствено како што и се качи. Џиновите потоа ги натераа момците да клекнат, а на бината се појави уште еден човек. Тој носеше црвена перница на која лежеше огромен чекан. Привилегираниот џин, кој го бакна крстот на свештеникот, го зеде чеканот од перницата, по што оној кој го донесе се оддалечи, што беше знак дека е исполнет и последниот елемент на оваа интересна процедура.

„Дали ќе квичат, што мислиш?“ чув некого зад себе. Но не стигнав да се завртам и да го видам човекот кој тоа го кажа, зашто горилата баш тогаш почна да ги крши главите на несреќните момци. Тие веројатно издишаа веќе по првиот удар, зашто телата веднаш безживотно им се распослаа по бината. Но, горилото не престана со удирањето. Маваше уште посилно, како да сака нивните глави да ги закова за подот. Луѓето и понатаму ништо не проговорија, туку возбудено го следеа настанот. Ветрот задува и му правеше музичка подлога на јунакот со чеканот.

Сето тоа потсетуваше на некоја архетипска опера во која беа обединети сите човекови обиди, од прапочетокот до денес, да се победи злото и да се воспостави вечно владеење на доброто. Свештеникот беше олицетворение на мудроста на Божјите пратеници кои со векови укажуваа на патот за заздравување на човековата заедница. Горилите претставуваа пратеници од сите периоди, надарени со сила и волја да ја извршат задачата која беше предуслов за оздравувањето. Народот, во својата простодушност, ги симболизираше сите оние нерасипани луѓе кои ја спроведуваа Божјата волја и беа актери на опстанокот на светот, и покрај гревовите со кои е преплавен. Единствено жртвата имаше поинаква улога: веќе не мораше да биде убиен најдобриот претставник на човечкиот род за да сведочи за гревот и да го покажува патот на спасението; сега порокот ја зазеде позицијата на жртва, а со неговото убиство се славеше Божјата надмоќ.

Во тие моменти ме зафати чувство кое никогаш повеќе не се појави. Тешко е да се објасни, но ќе се обидам. Најпрво почувствував бран на некоја натчовечка пријатност. И во телото, и во душата. Потоа чувството се прошири на мислите и јас сфатив дека ме покори некоја непоимлива сила на која не можам да ѝ одолеам. Сите овие различни луѓе, глетките што ги видов, асоцијациите што следуваа – сѐ изгледаше толку моќно, морав да се приклонам, несфатливо. За уште нешто станав свесен: дека со целото битие ѝ припаѓам на таа толпа на Ушќе; дека можеби мојата среќа, мир, животната исполнетост – како и да го наречам тоа – зависи директно од таа припадност. И дека избегнувањето луѓе беше една од причините поради кои јас дотогаш бев несреќен. Најпосле, ми се чинеше дека сите заедно претставуваме составен дел од некој комплексен систем, дека тука сме донесени за таа сила да ни ја покаже својата големина. Понесен од сите овие мисли, јас тоа чувство наивно го окарактеризирав како соединување со Бог, па додека митскиот јунак ги истураше своите последни удари по главата на следбеникот на нечестивиот, погледнав во озарените лица на своите браќа и извикав: „Нека е фален Господ!“ И сите ме поздравија со одобрувачки восклици. Се сеќавам дека забележав и промена кај публиката. Додека пред погубувањето луѓето беа разжестени, страсни, нервозни, сега сите сјаеја со смиреност, па дури и со добрина. Важните личности од свечените ложи исто така ја рефлектираа оваа безгрешна енергија, само што функциите не им дозволуваа бурно да го изразат задоволството, па тие воздржано честитајќи си меѓу себе се насмевнуваа.

Бидејќи се увери дека и момците се прописно казнети за своите недела (можеби му снема и сила), главниот џин го подигна крвавиот чекан кон небото, а публиката воодушевено го поздрави. Потоа се сврте кон свечената ложа, од каде што го даруваа со аплауз. Се поклони и тогаш со остатокот од својот тим се симна меѓу публиката. Тоа беше знак за редарите да се качат на бината и да почнат да го чистат она што беше останато од погубените момци.

Слики: Ralph Pugay
Извор: Андрија Матиќ, Шахта (роман); издание на Готен, 2014
Превод: Роберт Алаѓозовски

Слични содржини

Квир / Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото