1027 hPa
75 %
6 °C
Скопје - Чет, 12.12.2024 07:59
За Ева Косе
Кога беше малечка, Ева сакаше да фаќа светулки. Ги ставаше во тегла и потоа, ноќе, покриена преку главата, гледаше како зрнцата светлина летаат низ својата ограничена вселена. Светулките налетуваа на стаклото, лизгаа кон дното на теглата, а Ева чувствуваше како полека ѝ се склопуваат капаците. Во последен миг, пред да ја совлада сонот, ќе ја турнеше теглата под креветот, каде што ја чуваше до следната вечер. Дотогаш, повеќето светулки престануваа да се движат, ама во кибритот во кој се наоѓаа и две чкорчиња, Ева имаше нови светулки и вселената во теглата повторно ќе оживееше. Светлината се ронеше како бајат леб. Леташе на сите страни. Така некако, напиша Ева во својот дневник, замислувам дека настанал светот: како хаотично распаѓање на светлината и темнината. Неколку дена подоцна допиша со молив: без тегла, се разбира.
А потоа, една вечер теглата остана на полицата и следното утро, кога се разбуди, одвреме-навреме триејќи ги дремливите очи, Ева запиша: Вчера пораснав и од денес повеќе не сум дете. Светулките ги истури во грмушките, теглата ја фрли во ѓубрето, заедно со капакот, макар што набргу се премисли, зашто можеше да ја искористи за нешто друго. Во меѓувреме, ѓубреџиите беа поминале и кога Ева ѕирна во кантата, во неа немаше ништо. Задоцнив, помисли Ева. Почувствува како ја обзема бран на тага и за миг мораше да се фати за работ на кантата, убедена дека ќе падне.
Не падна. Продолжи да расте. Сосема заборави на светулките, иако и понатаму сакаше ноќе во собата да ѝ гори светлото, без оглед на тоа дали е сама или не. Кога ќе ја прашаа за причината, раскажуваше разни приказни за мигови на страв, за страшни соништа кои, всушност, никогаш и не ги сонуваше, за тоа како родителите еднаш, сосем случајно, ја оставиле сама дома, како и за зимската ноќ во која некој незнајник го залепил лицето за нејзиниот прозорец и долго гледал во неа, притискајќи ги усните на стаклото. Сакала да врисне, да повика помош, ама стравот ја занемел и таа можела само да гледа како неговиот топол здив се претвора во капки и како капките се претвораат во замрзнати лица.
Првпат повторно помисли на светулките после дванаесет години. Седеше на клупа во паркот и го чекаше момчето кое требаше да ја одведе во кино. Вечерта се спушташе низ небото темно како чаршаф кој се простира после перење. Момчето доцни, заклучи Ева кога се сврте и погледна на часовникот на општинската зграда и тогаш, во тој миг, здогледа светулка. Всушност, го здогледа блесокот на нејзината светлина и неколку секунди подоцна, блесокот на друга светулка оддалечена три-четири чекори. Потоа првата светулка одново блесна, втората ѝ одговори, а потоа со својата светлина се јави и трета, па четврта, петта и набргу двете грмушки околу неа светеа како да се новогодишни елки. Ева ги гледаше сè дури не почувствува болка во вратот. Го крена погледот кон часовникот и сфати дека филмот одамна е почнат. Меѓутоа, не чувствуваше никаква лутина. Всушност, ѝ рече на девојката со која го делеше станот, бев среќна.
Девојката се насмеа, кога слушна што придонело Ева да зборува за среќата. За мене, рече девојката, светулките се синоним за напаст, бидејќи таму каде што живеев пред да дојдам во главниот град да студирам, понекогаш светулки имаше толку многу, што едноставно не можеше да се дише. Цели полиња се палеа и се гасеа во исто време, како да се светлосни реклами. Еднаш гледав, додаде, како неколку џбунови наизменично се палат и гасат, еден по друг, така што светлината се пренесуваше од најблискиот до најоддалечениот и потоа се враќаше назад, онака како што патува веста испратена по чадни сигнали. Сите деца во мојот крај во џебовите секогаш носеа кутии полни со светулки, а тогаш светулките ќе исчезнеа и сите знаевме дека на летото му е дојден крајот. Некоја уште малку ќе поживееше во нашите кутичиња, рече, ама нивната светлина брзо замираше, а кога сосема ќе се изгаснеше, почнуваше учебната година. Уште една причина да не ги сакам, рече девојката и повторно се насмеа.
Ева, исто така, се насмеа и тогаш се сети на својата тегла. Се сети на мигот кога појде кај кантата за отпадоци, кога го отвори капакот и ја фрли празната тегла, а потоа се присети и на оној друг миг, кога мораше да се фати за работ на кантата за да не падне. Чудно е тоа, помисли Ева, ама најчесто тагуваме за загубената празнина, за просторот кој повеќе не го населуваат оние што сме ги сакале. Потоа се исправи и ѝ рече на девојката со која го делеше станот дека се во прашање оние за кои сме мислеле дека ги сакаме, бидејќи никого вистински не сакаме, освен, се разбира, самите себеси. Девојката не ѝ поверува, што се гледаше во нејзиниот недоверлив поглед и одмавнувањето на главата. Впрочем, таа веќе шест години беше со исто момче, па светот, заклучи Ева, веќе ѝ се чини како добро утврдена лекција.
Во тој поглед, им рече Ева на двете момчиња кои ги запозна во кафулето за самци, јас сум вечен повторувач и учам во прво одделение. Се насмеа, удри со дланките по шанкот, а момчињата се погледнаа, се свртеа и си заминаа. Нема да плачам, помисли Ева, ама солзите веќе ѝ паѓаа врз салфетката. Ги избриша со надлактицата и дури тогаш, кога ги здогледа разнобојните линии на кожата, се сети на шминката на која потрпоши повеќе од половина час пред да појде во кафулето, посветувајќи им особено внимание на светкавите украси за слепоочниците и капаците. Не е лесно да бидеш светулка, ѝ шепна на салфетата. Тогаш рамењата ѝ се тресеа од липање и барменот мораше да повика такси за да ја однесе дома. Ѝ даде ќесе со кикирики за попат и додека ја лижеше солта од јадрите зрна и ги гледаше треперливите неонски светилки, Ева си вети себеси дека ќе почне одново. Ќе свртам нова страница во мојот живот, му рече на таксистот. Таксистот молчеше. Знам дека не ми верувате, рече Ева, ама ќе видите дека сериозно го мислам тоа. Најсериозно, додаде. Тогаш таксистот почна тивко да потсвирнува, ама Ева, колку и да се трудеше, не можеше да се сети на насловот на песната.
Многу години подоцна, можеби пролетта, се сети на една друга песна, но неа ја потпевнуваше друг маж. Се сретнаа во книжарницата. Ева пребруваше по книгите за инсекти, а тој, кога ја виде како ги разгледува големите фотографии на бубачки и пеперуги, престана да пее и се понуди да ѝ помогне. Беше ентомолог, како што ѝ објасни, и инсектите, всушност, ја сочинуваа основата на неговиот живот. Ме интересираат светулките, рече Ева. Ах!, рече човекот, светулките се прекрасни, ама не им е лесно, бидејќи на педесет мажјаци доаѓа само една женка. Немојте да ми кажете, рече Ева, дека тие светат за да си ја пронајдат женката. Токму така, ѝ одговори човекот, прво ќе блесне мажјакот, кој лета ниско над тревата, потоа ќе блесне женката, која нема крилја и клечи на некој страк трева или гранче и после шест-седум такви разменувања на светлосни сигнали, тие ќе почнат да се парат, со тоа што некои женки, откако ќе заврши парењето, го јадат својот љубовник. Не знаев, рече Ева. Почувствува мачнина во стомакот и усните ѝ се искривија од гадење. Човекот се насмевна. Во светот на инсектите тоа често се случува, рече, ама парењето не запира, дури ни кога се плаќа со животот. Има работи, рече Ева, кои никогаш нема да ги разберам.
Следното утро, после туширањето, се загледа во својот одраз во огледалото. Кога би била светулка, се прашуваше, кој дел од телото би ѝ светел? Го замисли жолтеникаво-зеленкастиот сјај на стомакот, потоа на челото и образите и на крајот се реши за градите. Ја облече блузата, ја закопча, ама сјајот пробиваше низ ткаенината, налик на мали ореоли. Светулките живеат најмногу една недела, рече човекот, и за тоа време не прават ништо друго, освен што праќаат светлосни сигнали. Потоа заспа. Ако облечам уште нешто, се тешеше Ева, сјајот сосема ќе се загуби. Го отвори плакарот, ја крена раката и ја допре здиплената облека. Во тој миг помисли на светулките кои за една недела успеваат да го пронајдат патот до женката, и повеќе, колку и да се трудеше, не знаеше што бара.
Превод од српски: Лилјана Ефтимова
Извор: Сенки, Магор, 2006.
Инсталации на сликите: Мајкл Босанко (првите две) и Даниел Лисон (третата и четвртата)