1027 hPa
75 %
6 °C
Скопје - Чет, 12.12.2024 07:59
СИМПАТИЈА
Велат, за да живее човек, мора да има вера. И уште велат дека сите сме верници, само што различни луѓе наоѓаат различни работи во кои свесно или не ќе веруваат, и тоа е она што ги одржува живи, тоа ја претставува онаа сила која ги води низ животот, живот убав и тежок, живот немилосрден и лелеав, тоа е она шо ги поттикнува да се трудат, да се обидуваат, залудно да се обидуваат.
Кога го набљудувам видот споменат овде, ми се чини дека единствената појава поради која би можел да ги засакам неговите примероци е тој грозничав труд, таа вера.
Ете зошто луѓето се симпатични во својата несреќа.
ДЕТСТВО
Диии!
На дрвено, заклано коњче јаваме. Ноктите ни се крвави зашто со кристално ноже го убивме пола село. Ќе ги продадеме нашите доколенки и ќе ги фрлиме куклите кога ќе ни пораснат влакна меѓу нозете. Ќе ги поминуваме свежите утра во Њу Орлеанс - таму каде луѓето носат широки шешири.
Ќе се омажиш за мене.
Ќе се оженам за тебе.
ПОЕЗИЈАТА НА КОМУНИСТИЧКИТЕ ГРАДБИ
Ако некогаш минувате низ источна Европа, осврнете се на зградите изградени за време на комунизмот. Не оние обичните, станбените, туку оние значајните, како што се парламентите и претседателските палати. Грандиозни по димензиите, некако растат во ширина. Се гордеат со бројот на своите прозорци и мирно го поднесуваат времето како стврдната лава, како метеор со својата сила закопан во преголемиот градски плоштад.
Стоите така на огромната, со камен поплочена рамнина од која излегува заспано чудовиште. Одите кон него, но оддалеченоста е толкава што пешачењето не ви помага. Од разбиениот простор на некоја сутеренска просторија мачка во челуста изнесува глушец со распорена утроба. Од одење веќе сте се умориле. Зевате. Но, ве буди смрдеата на лешот.
Во соништата човек никако да стигне до својата цел.
ЛЕТНО ПАТУВАЊЕ
Постојат различни начини на патување.
Зарем не ви се случува некогаш летната сабота да ве изненади, да ви удри шлаканица, додека уште сте во кревет, па образот да ви гори цел ден?
Кога тоа ќе ми се случи, ја користам можноста да побегнам, па седнувам во мојот автомобил за кој се врзав како што децата се врзуваат за најглупавите предмети, и одам во родното село на моите родители.
Ова патување се состои од визуелни доживувања: реката е испружена крај пругата; над рамните непрегледни ораници кружат два гаврана; барата во која си играв како дете.
Одеднаш помислувам дека со ова тивко менување на сликите би можел да продолжам до смртта. Би поминал уште три села, гратче и којзнае што. Би стигнал и до големиот град со нови згради слични на оние во Бразилија.
Ја сакам секоја од тие глетки. Ги сакам жегнатите житни полиња колку и модерната архитектура... Можеби не знам што значи сево ова, но знам дека навистина се случува.
ДЕВОЈКИТЕ КОИ ТАЈНО ПЛАЧАТ
Забавите се празници на самодовербата. Во малите простории, како кутии кибрит, се собираат стотина луѓе. Играат. Девојките се посебно весели и често изненадувачки подвижни.
Некои од нив повремено се издвојуваат од гужвата, при што лицата наеднаш им добиваат сериозност на млади трудници, па одат до тоалетот и таму долго се задржуваат.
Се прашувам, плачат ли?
ПУСТА ЗЕМЈА
Се случува човек да посака, после работа, да помине половина час со пријателите на пијачка, пред да се врати дома, но неформалниот разговор мистериозно го продолжува состанокот сè до утрото.
Денешните кафеани се интересни места, ни налик на некогашните. Чисти се, столовите се удобни, гостите се сосема уредни и сè помалку агресивни. Токму во една таква ја поминав минатата ноќ. И баш кога се препуштив на комфорот на стерилно глазираниот ентериер кој поттикнува на минимализам на фантазијата (и кој е поттикнат од минимализмот на фантазијата), на совршено мазниот под се појави бубашваба. Доминираше во просторот врткајќи се на сите страни. Не знаеше кај да оди. Простор поплочен со мермер, а околу него ништо, никакво засолниште. Сосема се соживеав со нејзиниот очај.
Бубашвабина Пуста Земја.
БРОЕВИ, БРОЕВИ
Паѓа студена ноќ, а јас седам во полупразниот автобус, и почнувам да се чувствувам понижено како расчинет генерал.
Залудно се трудам да ги запамтам броевите на табличките на сите автомобили кои ги гледам.
357-331, 108-997, 251-687, 993-548, 400-801, 456-111, 733-398, 814-002.
НАРОДЕН ЛЕКАР
Човек понекогаш се буди набљудувајќи го светот од перспектива на тумор кој полека, но сигурно, ги уништува виталните функции на космичкиот организам. По правило тогаш го обзема веселост проследена со мачнина, како и секогаш кога ќе зачекори во непознатото, па тогаш, речиси инстинктивно, врелото чело го потпира на дланките, а лактите на колената.
Кога ќе ви се случи такво нешто, босите стапала треба да ги потопите во солена, топла вода. Тоа сигурно помага.
ВРЕМЕ НА НЕВИНОСТ
Тогаш имав шеснаесет или седумнаесет години. Некои од нас гимназијалците се занимаваа со таканаречено книжевно творештво. Во либералниот училишен весник, еден од тие мои другари го објави следниот текст кој овде ќе го претставам во целина:
У, па супер. Сега сме како роднини, сите се знаеме, сите знаеме сè. Секој од нас е врвен поет (морам да признаам дека и јас прекувремено се трудам). И нашиот сјаен кружок се фрли на работа за да покаже, по секоја цена, што знае (и да живее од тоа) и колку е тој во сите свои делови надвор од сите текови.
Тррррртт - прднав превдахновено, убаво, надарено.
Ох, па и вие сте свиња. Навистина умеам да прднам од срце. Не почувствувавте? Многу содржаен прдеж, многу. Точно, ја сфативте мојата порака, подмачкано, полека, како што и вашите пораки бидуваат откривани, ја извлековте поентата од мојот прдеж... А вие со години вежбавте „завивање“. Аха ха ха ха ха! Ооо, не одмавнувајте, не одмавнувајте, вратете се ваму, да разговараме, и јас сум поет, навистина.
Ова момче веќе одамна не пишува и сигурен сум дека нема да се лути што неговото дело го наведувам во мојата книга, а што притоа не го споменувам неговото име.
ЖИРАФИ ВО КАТАКОМБИ
Кога би ставиле жирафа во катакомба, телото би ѝ било под земја, но главата, носена од физиолошкиот кран, сепак би останала надвор. Значи, погледот на оваа убавица сепак весело ќе се разлева по околината, по селата и градовите, по менувањето на годишните времиња.
Чудна е таа состојба: телото осудено на духовна стварност, а главата осудена на световен живот - нешто како уметник.
Извор: PRIČE O SREĆI, Treći Trg, Beograd, 2008.
Превод од српски: Иван Шопов
Мурали: Sophie
Бојан Бабиќ (1977, Младеновац), ги објавил книгите: ПЛИ-ПЛИ (раскази, 1996), Книга за момчиња (роман во само 100 примероци), Буки во проза (песни во проза, 2003), Приказни за среќата (раскази, 2008), Девојчиња, бидете добри (роман, 2013), Илегален Парнас (роман, 2013). Дипломирал на групата за српска книжевност и јазик со општа книжевност на Филолошкиот факултет во Белград. Работи како копирајтер. Живее во Белград.